ПАРАЛИЗА, НАМЕСТО ГРАДЕЖНА ОФАНЗИВА

Ниту машина брмчи, ниту багер мрда од почнатата, па запрена градежна офанзива за рехабилитација на 60 улици во градов. Повеќе од еден месец помина откако граѓаните од некои делови се понадеваа дека по триесетина години ќе добијат нов асфалтен слој на дупките од улицата. По еден месец мрднаа машините на потегот на улицата “Леце Котески”, на излезот кон Крушево. По еден месец од инкогнито сликање на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот Борче Јовчески одвај киниса обновувањето на сообраќајницата небаре решето со дупкин. Да се крстиме да не застани инвестицијата на влезот и излезот од градот од еден милион евра, што подразбира проширување, нова инфраструктура, водовод, канализација, струја осветлување, тротоари… Проектот треба да се оконча околу нова година. Градоначалникот Борче Јовчески изјави дека имал две години опструкции за проектите. Кога конечно завршила процедурата, се потпишал договор со инвеститорот, Министрството за транспорт и врски, дури завчера, во средата, ги “запали” машините.  

Како и да е, наместо пролетна офанзива, Прилеп е во градежна дефанзива. Се сметнаа неколку сантиметри од стариот асфалт, се отворија старите дупки на улиците, се крена прашина од неорганизираноста. И сé стои додека поројните дождови ги разнесуваат камењата. Парализирана е  рехабилитацијата на улиците, најавена уште во април. Очи се мачкаат со неколку педи асфалт на крстосницата Чумовчанец и неколку квадрати кај поранешната Пелагонија транспорт. На граѓаните им останува да газат во пепел и да дишат прав од остатоците на изгребената стара асфалтна постелка. А се најавуваше брза интервенција и предимство на “заборавени” улици со децении.      

Да, намерите беа перспективни, ветуваа подобрувањето на уличната инфраструктура и зголемување на безбедноста во сообраќајот. Ама едно се желбите, а друго е реализацијата. Некој некаде затаил. И никој не кажува кој е кабаетлија, каде лежи одговорноста за застојот и дали воопшто ќе продолжи рехабилитацијата на улиците.

Loading