МЕНАЏМЕНТОТ СО ОЧИ КОН ИДНИНАТА

150 години Тутунски комбинат Прилеп (3)

Тутунскиот комбинат отсекогаш го раководеле лица кои се визионери, го препознавале доброто за компанијата, не стравувале од иднината, туку влечеле храбри чекори чии плодови во иднината значеле бенефит за фирмата.

По две децении преживување во дрштво на “загубарите”, во 2019 година првпат Тутунскиот комбинат покажува позитивни финаниски резултати. Со добар план и работна стратегија успеаја и 2020 година да ја завршат позитивно, дури и со поголема добивка од претходната 2019 година, кога таа изнесуваше половина милион евра.

– Во 2021 година, исто така остваривме пораст на добивката од 2,2 милиони евра. Ланската, 2022  година ја завршивме со позитивни финансиски резултати, односно со добивка од речиси 2,3 милиони евра, покрај зголемените оперативни расходи, најмногу поради зголемените цени на енергенсите. Добивките се четирикратно пораснати во однос на 2019 и 2020 година. Резултатите покажуваат дека ги исполнуваме планираните параметри со тенденција да се продолжи со истото темпо и во наредните години – објаснува Кире Станкоски, генерален директор на Тутунскиот комбинат.

И во минатото, менаџментот на Комбинатот имал сенс за инвестициски вложувања. Од пребарувањето низ архивата, во 1968 година во јуни, тогашниот весник Народен глас пишува за новите инвестициски вложувања. Во написот “Ќе се гради фабрика за тутунско фолио” стои дека ќе се инвестираат околу 850 милиони стари динари. Отпадоците од тутун, (кои годишно изнесувале 1 200 тони)  ќе се преработуваат во нов производ. Бруто – производот на фабриката ќе биде околу 600 милиони стари динари, или таа ќе преработува околу 720 тони фолио во три смени. Фабриката на Комбинатот ќе му дава околу 140 милиони стари динари годишно чиста печалба. Фабриката за фолио ќе биде единствена од ваков вид во Југославија, стои меќу другото во текстот од 1968 година.

Loading