ПОБЕДА ГО ВРАЌА ДОЛГОТ

Фудбал: Прва лига

В недела (13 ч.) на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, е мечот Победа – Македонија ЃП од 14. рунда на фудбалската Прва лига на Македонија. Скопјаните есенва двапати победија (дома за првенство со 4:1, на прилепскиот терен за Купот со 2:0). Време е прилепскиот тим да врати. Со евентуален триумф, Победа ја надминува Македонија ЃП на табелата.

Претходно беше поразот во Кавадарци со 1:0 од Тиквеш (стрелец прилепчанецот Даниел Карчески), а четири дена порано триумфот дома врз лидерот Струга со 2:0 (стрелец стружанецот Атхе Мазари). Победа може да изненади и кога ретко кој се надева. Дури и со изменет состав во кој одамна не е Марко Симуновиќ, па Хамза Рамани, а во неделата не играа и четворицата странци – Србинот Огњен Ѓурковиќ, Белгиецот Амасихоху Џејмс, Нигериецот Амос Дадет и Ганецот Ерик Амо. Затоа шансата ја користат домашните. На последниот меч беа дури деветмина прилепчани.

Табела: Струга 26, Шкендија 23, Шкупи и Силекс по 22, Тиквеш 19, Брегалница 18, Работнички 14, Македонија ЃП 13, Победа 11, Академија Пандев 8, Скопје 5.

Loading