ТРАДИЦИОНАЛНО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА 11 ОКТОМВРИ

Традиционално беше одбележан  11 Октомври, денот кога пред 81 година бил означен почетокот на народноослободителната борба. Со нападот на тогашниот Участок на групите на партизанскиот одред „Гоце Делчев” е означен почетокот на антифашистичката борба во Втората светска војна. Не изостана импровизираниот напад на градот и огнометот кој го организираше Локалната самоуправа.

Делегација од Владата, предводена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, делегации од Кабинетот на претседателот, од Собранието, од Армијата, од Сојузот на борците, од локалната самоуправа, од политички партиии, здруженија, положија венци и цвеќиња и се поклонија пред спомениците на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на президиумот на АСНОМ, пред споменикот на Кузман Јосифоски Питу и на Могилата на непобедените каде се моштите на загинатите борци во НОБ и Револуцијата.

Празникот беше повод Прилеп да го посетат и политичари.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со градоначалникот Борче Јовчески извршија увид на изградбата на водоводната канализација кај местото Пашовски ливади и на градежни активности на плоштадот. На пролет најави градежна офанзива во Прилеп – изградба на 40 улици, обиколница, геолошки истражувања за катна гаража односно сето она што го ветиле, ќе го реализирале.

Делегацијата на Левица, предводена од претседателот Димитар Апасиев положи свежо цвеќе на Могилата на Непобедените. Почит кон народните херои, оддаде и членот на Централниот Комитет, Иван Јованоски, кој е прекршочно осуден за минатогодишните случувања со Заев.

Актуелниот градоначалник на општина Куманово и претставник од граѓанското здружение „За наше Куманово”, Максим Димитриевски, го претстави прилепското граѓанско здружение „За нашите граѓани”. Претседател е Емил Јанески, а на настанот од името на младите се обрати Андреј Кокароски. Димитриевски на следните парламентарни избори најави дека ќе излезат со едно граѓанско политичко движење кое ќе понуди реални политики на граѓаните.

ОО на СДСМ: Срамна прослава на 11 Октомври

Опозициската СДСМ смета дека локалната власт се кити со туѓи проекти и дека кулминира неспособноста на Борче Јовчески.

– Среде градот херој, Мицкоски, односно ,,шпицниот градоначалник” изјави дека следната година во Прилеп ќе се случувала „градежна офанзива”, зборувајќи за изградба на улици, патишта, обиколници, влезови во градот и разни други небулози. Да се каже такво нешто во присуство на „исчезнатиот” градоначалник Борче Јовчески, кого не го бидува да изгради една улица од 100 метра и кој за една година седење во градоначалничката фотелја ја врати општината 10 години назад, е жив срам и резил – рече Филип Попоски, портпарол на ОО СДСМ.

Според СДСМ, проектот „Реконструкција на цевковод со главен довод на вода од извориште во местото викано Пашоски ливади до собирна шахта во КО Прилеп”, почна во времето на претходната локална власт на СДСМ и финансиран од Владата со средства од ТАВ програмата, а Јовчески го претставил како свој капитален проект.

Loading