СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ ОКЈАР

Иницијатива (10)

Објавуваме написи за животот и делото на една многу интересна личност од историјата на Турција – Али Фети Окјар. Тој е роден во Прилеп и бил политичар, војник, дипломат и публицист.

Неговиот бурен живот предизвика неколку интелектуалци и бизнисмени од Прилеп да покренат иницијатива за одбележување на високите политички дострели на прилепчанецот на политичката сцена во Турција во почетокот на минатиот век кој во политичката кариера стигнал до позицијата премиер на младата турска демократска држава и прв соработник на основоположникот на современата демократска Турција, Кемал Ататурк.

Третата и последна дипломатска мисија била во Лондон, во својство на амбасадор. Почнала во 1934, а завршила во 1939 година. Одговорната и важна мисија на Окјар му ја предложил лично долгогодишниот пријател, претседателот Кемал Ататурк. Причината била определбата и интересот за подобрување на турско-британските односи, кои по поразот на Велика Британија и сојузниците во битките кај Дарданелите, во 1915 година. Односите на Британија со Турција биле сведени на мошне ниско ниво. Друга важна причина бил очекувањето за пренесување на британското искуство и момош на Турција  за економска обнова на земјата. За четири годишната мисија во Лондон, покрај значителното подобрување на турско – британските односи, Окјар дал голем придонес за финализирањето на преговорите за постигнување на мошне важниот за Турција – Договор од Монтре од 1936 година, со кој Турција стана “господар” на Босфор. Велика Британија на Турција í одобрила 16 милилиони британски фунти заем, искористен за економскиот развој на земјата. Дошло до значително унапредување на соработката меѓу двете земји и на воен план. Како потврда на позитивниот и нагорен развој на односите во 1936 година се реализирала и посетата на Кралот  Едвард 8 на Турција.

Додека бил воено аташе на Османската империја во Париз, Окјар во 1910 година, разговарал со принцот Мехмед Сабахадин, внук на султанот Абдулмеџид и на турнатиот султан Абдулхамид Втори. Тогаш важел за најценет интелектуалец на Империјата. Поради залагањата, спротивни на водачите на тајната Организација на Младотурците, пред младотурската  револуција, заминал во Париз. Спротивно на политиката на челниците на Младотурците, за натамошно зацврстување на унитарното уредување на Империјата, тој, во согласност  со либерални сваќања, се залагал за зачувување на унитарниот карактер, но само на одделни поважни институции, како што се  војската, финансиите и царинската служба, и за децентрализација на другите сегменти на власта, преку максимална автономија на вилаетите (областите) на Османската империја, со доминантно нетурско население.

Покрај тоа што крајната цел на двете струи, предводени од Младотурците, од една, и принцот Сабахадин од друга страна, биле исти, се залагале за продолжување на животот на Империјата, сепак се разликувале по тоа како да се дојде до таа цел. Настаните што се случиле потврдиле дека принцот Сабахадин бил во право и дека неговите погледи биле визионерски. На средбата со Окјар, принцот Сабахедин, образлагајќи ги погледите, го навела примерот со Албанија. Нагласил: “Оние кои денес во Албанија се на чело на движењето за осамостојување, вчера заедно со нас учествуваа во активностите за уривање на власт на султанот Абдулхамид Втори. Не е ли подобро, до барањата да се стигни по разумен пат, во одредени граници и без крвопролевање? Како и да е, тие ќе ја постигнат целта, бидејќи тоа го овозможуваат условите на денешницата. Инсистирањето на власта и администрацијата на примитивен начин да ги продолжи старите времиња ја надминува границата на актуелната поспаност и се случува крвопролевање”.

(продолжува)

Loading