МАЈСТОРИИ СО ГИТАРА НА РАМЕНА

Легендата – Благоја Челоски – Руското

Жал за гитарата, оти веќе откажале прстите

Она што Ерик Клептон или Влатко Стефаноски се во музичките води со жичаните инструменти, за Прилеп е Благоја Челоски – Руското. Додека е во болница, 83 годишниот локален популарен гитарист, вели дека со прсти ги допирал жиците на гитарата и “произведувал” свирка на концерти, забави, свадби… Прилепчани го знаат како легенда која си поигруваше со гитарата, ставајќи ја на рамена и свирејќи зад главата.

Годините професионална музика оставиле траги на здравјето. Не ги свири веќе актуелните акорди, не само поради проблемите со прстите. Се памтат свирките на акустична, електрична, соло и ритам гитара. Везел грчки песни. Познат бил како “Гркот од Прилеп”.

– Свирам од дете. А во војска во воен оркестар на морнари во Херцег Нови. Со покојниот Соте Лашкоски имавме оркестар со кој крстаревме низ државава. Свирев во групата “Руско”, а потоа во “Ансамбл”. Во 1965 година го основавме фестивалот “Пелагонија пее”, на кој познати естрадни ѕвезди пееја шлагери. Беа Љупка Димитроска, Блага Петреска… – рече Челоски.

Мелодиите, ехото, духовните акорди, интересниот уникатен звук на гитарата сликовито ги доловува Руското. Тој е куменџија со гитара, кој може да замени цел оркестар.

– Не бидува гитарист, а да не пее. Така се незаборавни свирките на забавни песни во киното 11 Октомври, каде, во 70-тите години, пред месец се резервираа билети. Добриот музичар е упорен Талентот треба да се надградува со вежби и свирки. Сум пеел со До – ре – ми и Прилепски еснаф. Ме придружуваше и забавниот оркестар на КУД “Мирче Ацев”- вели Благоја.

Има четири снимки со забавниот оркестар од Радио Скопје во 1965 година, а зел четврта награда на “Микрофонот е ваш” Бум направил со а мексиканската песна “Халиско”.

– Свирев четири дена нон – стоп за Осми март. Навечер и по осум часа. Во 1985 година бев најскапо платениот музичар со 18 илјади марки. Направив највозбудлива музичка вечер во хотелот Радика – се сеќава Руското.

Гитарата бара грациозност. Правилно да се наштима, да биде звукот чист, а не развлечен. Најубавите романси, се случувале со свирки на серенади под прозорец.

Loading