Со мамурлак од повеќето малигани на првата ноќ на фестивалската треска, Пивофест, се разбиди Прилеп. Чист како солза. Градот светна во сончевина и овој петок. Комуналците ги собраа ѓубрето по фештата по штандовите до раните утрински часови. Незаборавни импресии носат посетителите од забавата. Преполните кригли и еуфоријата на штандовите и алтернативната сцена даваат надеж дека годинешното, 18-то, издание ќе ги надомести двете пропуштени поради пандемијата. Градот се покажа во вистинско светло на домаќин на популарниот фестивал на пивото, скарата и убавата музика.
Празникот на пивото се организира во центарот со соодветна инфраструктура на околу 4000 м2, со учество на дваесетина фирми, меѓу кои сите пиварници од земјава и претставници на пиварниците од странство.
Градоначалникот Борче Јовчески изјави дека градот подготвено ги дочекува гостите со преземени сеопфатни и соодветни безбедносни мерки, со доволен број на паркинг места, тоалети хигиена и засилени комунални служби и инспектори, фестивалот да не личи на шабачки панаѓур и бувљак со штандови со гаќи, прслуци…
– Очекуваме над 100 илјади гости во четирите фестивалски денови. Тоа е добро за локалната економија – вели Јовчески.
На претстојните уште три фестивалски вечери акцент е ставен на македонската музика и изведувачи.
Вечерва, петок, 15 јули, програмата почнува од 19 часотсо Рок Блуз Бенд, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Нокаут, Ареа, Дивље Јагоде, Брас Братдер, а на алтернативната диџеите Ана Нудл и Лили Дива.
Утре, сабота, 16 јули, забавата тргнува од 18.45 часот со Ламбе Алабаковски, Некст Тајм, Лозано, Суперхикс, Хари Мата Хари и Вера Јанковиќ, а на алтернативната сцена ќе настапат диџеите Митрик, Алекандар и Димитр.
За финишот, в недела, 17 јули, со старт од 18.45 часот, посетителите ќе го “палат” Никола Зацевски, Елена Велевска, Миле Кузмановски, Темпера, Меморија, Галија и дискџокејот Бабура Јуниор.