ЗЛОУПОТРЕБА НА ДОЛЖНОСТА

Секој ден, или речиси секој ден, ќе чуеме на ТВ дека некој ја злоупотребил службената положба и поради тоа бил притворен или осуден. Под влијание на српското, “службени положај”, без да му ја мислат многу, нашиве луѓе редовно велат “службена положба”. Српскиот збор “положај” не соодветствува секогаш со нашиот збор “положба”. Во српскиот јазик може да се рече, и се вели, дека некој е на “високи службени положај”,но кај нас не оди тој буквален превод “висока службена положба”.

Кај нас човек може да биде во седната положба, во легната положба, во лоша или добра финансиска положба и слично. Не би можело, и не треба да се вели дека некој е на висока политичка положба. Уште помалку можеме да речеме дека некој ја злоупотребил положбата. За човек кој е на висока функција, може да се рече дека ја злоупотребил функцијата, службената позиција или најдобро и најточно – ја злоупотребил СЛУЖБЕНАТА ДОЛЖНОСТ. Најпосле, службената должност може да ја злоупотреби и човек кој не мора да е на висока функција. Значи, се злоупотребува службената ДОЛЖНОСТ, а не ПОЛОЖБА.

Многу неконтролирано се земаат српски зборови, буквално се преведуваат, божем се помакедончуваат, без да се размислува дека е тоа погрешно. Има зборови кои толку често се употребуваат како да се наши и никој не помислува дека прави грешка.

Еве пример кој го слушаме секојдневно. Србите велат “остали” и ние – “останатите”. Само малку ако се размисли ќе се дојде до сознание дека е тоа погрешно. Само за пример: “Понеделник и вторник ќе биде врнежливо, останатите денови од неделата ќе биде ведро и топло”. ОСТАНАТИТЕ денови! Каде се тие останати? Зошто не се вели ДРУГИТЕ денови? Друг пример: “Се знаело само тоа кој ќе бидел голман, за останатите уште не се знаело”. Одново се прашуваме – каде се тие останати? Зошто не се вели дека за другите не се знае?

Петти мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик. По тој повод слушавме излагање на извесна госпоѓа, професорка по македонски јазик. Одлично зборуваше, прекрасен македонски јазик. На крајот, констатиравме дека дури и кај таквите луѓе навлегле одредени недоследности, па и тие ги употребуваат, онака спонтано и несвесно. Професорката на крајот го изразува своето жалење дека грижата за јазикот не е секојдневна. Вели: “Ќе го прославуваме Петти мај, а што ќе правиме во останатите денови”? Зошто ОСТАНАТИТЕ, зошто не другите ?

Колку што не држи сеќавањето и порано сме пишувале за еден случај. Двајца крадци влегле насилно во некоја продавница. Полицијата успеала едниот да го приведе, а ОСТАНАТИОТ избегал. Замислете, избегал ОСТАНАТИОТ. Значи тој што е ОСТАНАТ избегал! Зошто не се вели ДРУГИОТ, туку се вели дека избегал ОСТАНАТИОТ? Постојат повеќе српски зборови, некои ги земаме цели, некои ги приспособуваме, божем да бидат наши, а сето тоа е погрешно и непотребно. Така е, со зборот “потешкотии”. Ако е некоја работа тешка, ако не можеме да ја завршиме, имаме тешкотија. Но, како обично, без никаква потреба, позајмуваме српски збор и го помакедончуваме. Србите велат “потешкоќе” и ние  “потешкотии”. Зошто? Зар зборот “тешкотии” не е доволен? Ако е нешто тешко, создава тешкотии, а не потешкотии. А го слушаме ова редовно, од тие што не треба да го слушаме никогаш. Оставете ги Србите, нека си велат ПОТЕШКОЌЕ. А ние, без никаква тешкотија треба да си го користиме нашиот збор.

Професорката што ја спомената погоре, вели дека во секоја институција треба да има лектори. Точно. Но, жално е, што најголем број грешки за кои пишуваме ги слушаме точно оттаму каде што има лектори! И сега…?

Loading