Даниела Перканоска, генерален менаџер на Авто Контрол
– Таа е меѓу 20-те најуспешни жени, менаџерки, за 2022 година прогласени неодамна од Агенцијата Марили.
Од кога постои приватната компанија Авто Контрол и која е нејзината основна дејност?
Почнавме пред 20 години како сервис за поправка на возила, а Авто Контрол е основана пред осум години. Таа е плод на нашиот повеќегодишен труд како семејна компанија што денес располага со две патеки за технички преглед и инспекциски активности на сите видови возила. Во кругот на станицата успешно функционираат современ автосервис и низа сродни поврзани дејности што се дополнуваат и креираат центар за исполнување на барањата на клиентите и грижа за возилата. Поседуваме најсовремени уреди и опрема за испитување и дијагностика што постојано се надградува и дополнува во согласност на европските регулативи и директиви. Може да се пофалиме дека компанија се етаблираше меѓу првите десет во државава, во дејноста техничко испитување и анализа. Успехот се должи на стручноста и на квалитетот на услугите постигнати преку големиот професионализам и посветеноста на нашите вработени. Грижата за нашите клиенти отсекогаш ни била приоритет. Тоа е една од нашите особини за континуиран напредок, за што нашите ценети клиенти нé наградуваат со долгогодишна доверба и лојалност.

Вие сте една од ретките жени менаџери во “машки бизнис”. Кој беше предизвикот да се занимавате со оваа професија?
Менаџерската позиција е комплекс од повеќе фактори, сведочи за способностите подеднакво кај мажите, и кај жените, бидејќи ако сакате да бидете успешен, мора да размислувате, да се однесувате, да изгледате и “да играте” победнички. Приказната за нашата компанија почнав да ја пишувам како мајка на две ќерки и сопруга, водејќи се од искуството во областа на автомобилизмот на мојот сопруг. Почетоците значеа поддршка, а подоцна и воведување нови дејности, поставувајќи си менаџерска задача – соработка меѓу деловната активност и приватноста, со цел – успех. Прогресот може да дојде само доколку постојано се надградуваат знаењата и се поставуваат нови и повисоки цели. Личниот раст и развој има непредвидливи моменти и тешкотии. Но ние, успешните жени, го даваме својот максимум, имаме разбирање за секого, самодисциплина, свесни за секоја одлука што ја донесуваме, храбро и достоинствено стоиме пред сите предизвици. Голем борец сум и оптимист. Никогаш не се предавам. Клучот на успехот се соработката и упорноста. Создавањето тим со исти или слични победнички особини и погледи, луѓе што поседуваат проактивен став, енергија, амбиција, ентузијазам, оптимизам и компетенции е услов да се достигнат поставените цели во согласност со законските регулативи во една општествено одговорна компанија. Почитувањето на туѓото мислење е важно, независно на која позиција некој се наоѓа. Успехот на секој во општеството е заеднички успех.
Колку професионалните обврски Ви одземаат голем дел од денот? Ви оставаат време за приватност, дали имате слободно време и како го исполнувате?
Со добра организација на работата може да се оддели време за себе, за семејството, за пријателите, за сопственото здравје и хармонија и да се биде во тек со културните настани во заедницата. Динамиката и секојдневните многубројни обврски што треба да се исполнат, како на работното место, така и во семејството, ме прават сигурна, цврста, истрајна, упорна и решителна. Нашите ќерки треба да добијат насока во животот од примери што треба да ги инспирираат и да бидат најдобра верзија од себе си.