ВКУСОТ ОД ПРВИОТ ФАСТ ФУД НЕ СЕ ЗАБОРАВА

Скарата Корзо – печат на едно време

Коста Ангелески е третата генерација скараџии од легендарната прилепска скара Корзо, која одамна не работи. Лоцирана спроти денешен Тинекс, дедо му Менде и баба му Родна, која била првата жена касап во Прилеп, храбро во социјализмот тргнале по неизвесниот пат на освојување на муштерии во бизнисот со сендвичи. Во времето кога приватниците биле гледани како капиталисти, осудувани од јавноста, а нивната работа како грев и поткопување на социјалистичкиот систем речиси пред половина век сепак брачната двојка Ангелески ги поставувала темелите на денешната пазарна економија. Така се создала препознатливата скара, уште врежана во меморијата не само прилепчани, туку и гостите на градот од тоа време, а најмногу војниците кои го отслужувале воениот рок во градот под Марковите Кули. Секогаш зачадениот објект од неколку квадрати во мирис на скара на жар и кромид го носел името по местоположбата. Бил лоциран на крајот од корзото. Мискојна се разлевала низ шеталиштето, мамејќи ги младите на вкусните плескавици и колбаси. Кај Родне се купувале најубавите сендвичи кои со мерак се јаделе по пат.

Газдарицата Родна била крушевчанка со касапски корен. Откако се омажила во Прилеп продолжила да коле животни за домашни потреби и за дуќанот.

-Тука прво се продавале салами што ги подготвувале. Сами го правеле и амурот за скара. Дедо ми беше одржан со 90 години правеше есап на молив до 1990 година. Кога се поболи, се вклучи татко ми Христо или Киц кој го усоврши занаетот во Светозарево, Србија, каде научил да прави салами пред да ја отворат скарата. Се вклучи мајка ми Олга и јас. Дедо ми Методија знаеше само да пече, , а не знаеше ни кокошка да заколе. Родна го знаеше рецептот, веројатно крушевски, по нејзините предци. А татко ми Киц имаше желба за работа со месо. Затоа го викаа саламџијата – кажува Коста, кој прилепчани го знаат како Коце

Прилепчани паметат како Христо пред порта ќе им турка велосипед со вреќа ќумур или кромид и торби со месо. Пресно месо одбирал од кај касапницата кај Дрцко. Ставак мирудија – јенибар. Затоа целото корзо, од Стоковна до Градска, мирисало на опоен чад. Сендвичите ги давале во четврт леб. Многу убав и чуден вкус имала скарата. Тенџерчето со плескавиците и колбасите печени го чувале на скара и со машата ги земале.

Коце не го знае точниот рецепт за мешавината на меленото месо (амурот). Но, знае дека нивната скара била добра заради амурот.

-Скара не се прави со срца, желудници и аргентинско месо. Амур се прави од месо од пресно заклано животно. Сакав да седам со луѓе, да се видам. Затоа само печев од сабајле до вечер. Искрено, немав мерак за работа со месото. Знам сигурно дека се печеа плескавици и колбасите до 100 кила. Се трошеше брзо, оти дуќанот беше права кантина. Во сабота и недела вриеше од војници – вели Коце, кој признава дека не бил многу мераклија за правење амур, туку само печел и ги вртел парчињата на скарата.

Месото било квалитетно оти се печело со марифет, а состојките на мешавината биле избалансирани меѓу зачините и умерена доза на кромид. Менде ги триел дланките и ги викал на децата да не стојат на нозе, туку да потседнат крај масичката со две-три столици каде ретко имало место. Немало војник од ЈНА во Прилеп да не проба плескавица или колбас со кромид и буковка од кај Родне кога имале излез за викенд. На ред се чекало.

Сега објектот е распаднат. Има нови сопственици кои ќе граделе зграда. Фотографиите објавени на Фејсбук кај Прилеп стари фотографии, испратени од Викторија Ангелеска, им ги врати спомените за скарата со незаборавен шмект и амбиент. Скара за паметење. Немало поубава. Првиот фаст фуд во градов.

Loading