МОЖЕН ОДГОВОР НА ПРАШАЊАТА  НА ГОРАН

Наташа Поплавска го поставува “Дупло дно” во театарот “Војдан Чернодрински”

Режисерот Наташа Поплавска вторпат во театарот “Војдан Чернодрински” поставува текст од македонскиот драмски автор Горан Стефановски . Овојпат “Дупло дно”. Додека течат подготовките Поплавска одговори на прашања поврзани со претставата и со творештвото на Стефановски.

Кој беше предизвикот да се постави „Дупло дно” во нашиот театар?

Горан Стефановски е секогаш предизвик. Во прилепскиот театар се изведе последното негово пишано дело, Фигурае Венерис Хисториае (Љубовни пози на историјата). За жал професорот почина еден ден пред да ја играме неговата и наша претстава во Никшиќ на Интернационалниот фестивал на глумецот. Бевме во шок. Но, се сетивме на зборовите кои се крила на актерите да излезат на сцената и во негова чест маестрално да одиграат. Така уметнички да го испратиме. Претставата им донесе три награди на актерите и тоа: награда за најдобра ансамблова игра, награда за најдобра епизодна машка улога на Зоран Иваноски и најдобра епизодна женска улога на Ангела Наумовска. Имавме тркалезна маса на која направивме омаж на неговите дела. Така, природно беше со прилепскиот ансамбл да имаме повторна средба со Стефановски, овојпат со “Дупло дно”. За мене Стефановски уште е “жив”. Секогаш ќе биде, оти неговите дела се секогаш актуелни. Тоа ја докажува големината на авторот. “Дупло дно” е напишана 1983 година. Зборува за уметникот и неговата борба за слобода на духот, наспроти тоталитаризмот. Горан остана доследен на себе и остана единствено уметник. Ми недостасуваат разговорите со мојот професор. Првпат работам негово дело, а немам дијалог со него. Сме се разбирале, но и сме полемизирале. Често му кажував: “Професоре, со делата што ги пишувате, Вие сте нашиот гласник на иднината”.

“Што сакате да пренесете?

Колку дна има дното е моето прашање на кое ќе бараме одговор заедно со актерите. Иднината за која пишува Горан за нас е сегашност, а кој знае која е иднината? Што е драма, а што е стварност? Претставата почнува во засолниште по катаклизама. Стефеановски посочува дека “Ништо не како порано. Координатите се изместени. Нема уметност. Нема култура. Нема блефови”. Денес минуваме низ пандемија, некоја нова нормалност со која се изместија координатите. Плус имаме и војна. Некои аналитичари велат дека сме на прагот на Трета светска војна. “Дупло дно” се занимава со прашањето: Како да се биде уметник во овие матни времиња? Стефановски го отвора дуплото дно сé подлабоко и ни дава неколку одговори на тоа што е Дупло дно. Тој вели: Дупло дно е подрум во главата. Таму ги криеме сите дупли планови – со која жена  да се ожениме ако нашата загине во сообраќајна несреќа. Таму се складиштата на суетата и страста… Нашиот мрак и пораз. Таму сме без шминка и без мидери, таму сме грди… Дуплото дно е она страшното што го гледаме во огледало кога се гледаме себе си е”. Еден ден дуплото дно и дното ќе се спојат.

Ќе играат петмина актери, а Вие ќе дадете печат на претставата?

Работиме со помала актерска екипа: Игор Трпче, Димитар Ѓеоргиевски, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски и Катерина Чакмакоска. Драматург е Ивана Нелковска, музиката е доверена на еден од ретките и врвни македонски уметници, Ристо Вртев, кој како и Стефановски, остана доследен да биде уметник во овие матни времиња. Покрај актерите, ќе има и музичари на сцената. Претставата е можен одговор на прашањата зададени од Горан. Имам комплетна визија. Во таа смисла, ќе оставам печат, и преку дизајнот на сцената, костимите и сценските движења. Во животот почнав да учам балет, потоа продолжив да учам костимографија, па книжевност и на крајот завршив  режија.

Ова е ваша трета соработка со дел од прилепскиот ансамбл?

Задоволство ми е да соработувам со прилепскиот театар. Заедно со колегите растеме како уметници. Почнувајчи со “Буре барут” од Дуковски, па “Венерис…” од Стефановски, продолжуваме со делата на македонските автори.  Со актерите се сплотивме од првата соработка. Со актери кои ја разбираат естетиката и поривот за творење, се постигнува сплотена и силна  енергија која се пренесува на сцената. Публиката го чувствува тоа. На досегашните претстави секогаш сме биле богато наградени со аплаузи од публиката и од критиката. Така беше со “Буре барут”, потоа со “Венерис…”, се надевам така ќе биде и со “Дупло дно”. Сум на вистинското место, во вистинско време, со вистинските луѓе со кои го создаваме вистинското дело, сега и овде. Кога би бил жив Горан  Стефановски, на 27-ми април би наполнил 70 години. Ќе беше негов јубилеен роденден. Искрено жалам што нема да биде со нас за премиерата на “Дупло дно”.

Loading