НОЖЕ ЧКРЕНЧЕ

Одамна не сме го чуле, не сме го сретнале зборот – “чкренче”. Дури и сме го подзаборавиле. Го сретнавме во еден мал расказ од Блаже Конески. Зборува таму Конески за некој негов вујко. Ја опишува неговата надворешност, неговата облека, неговата става и меѓу другото пишува: “Место ќостек, вујко носеше во појасот ноже чкренче, врзано со ремче”.

Се потсетивме на одамнешни детски денови, кога и лично сме носеле вакво ноже со чкренче. Мислевме дека ќе го најдеме зборот во некој од речниците, особено во Тритомниот речник чиј редактор беше токму Блаже Конески. Се изненадивме. Не го сретнавме во ниеден речник.

Какво е тоа ноже? Составено е од два дела – метален и коскен. Коскениот е од воловски рог. Има малку позавиена форма и длабок зарез. Металниот дел има увце (со дупка) каде се врзува со врвцата. Кога ќе се склопи, ножето (металниот дел) влегува во длабокиот зарез од коскениот дел. На металниот дел обично беше изгравирано име на производителот, ножарот. Во сеќавање ни е името – Пане. Нема потреба подетално да се опишува формата на тоа ноже. Тоа може да се најде и сега кај постари луѓе. Дури и да се сретне на пазарот.

Најмногу нé интересира зборот “чкренче”. Велиме дека лично сме го носеле како дете. Таму “прекурид”, отаде Плетвар беше познато тоа име на ножето. Мислевме дека можеби тоа е само локализам, карактеристичен за тие 6-7 задпланински села. Но, не било така. Консултиравме повозразни луѓе од Тиквешијата. Сите потврдуваат дека своевремено носеле на појасот такво ноже и сите го викале чкренче коскениот дел. Штом го употребува и Блаже Конески, значи тој збор се користел и во Прилеп, поточно во прилепско.

Чудно е зошто го нема во речниците. Проверивме во Тритомниот речник и видовме дека буквата “Ч” ја обработувал Благоја Корубин, прилепчанец. Но, чкренчето го нема. Не ја знаеме етимологијата на зборот. Не му го знаеме потеклото. Можеби има турски корен. Да кажеме и тоа дека тој, коскениот дел што беше направен од воловски рог, често можеше да се скрши. Остануваше само металниот, сечилото. Децата немаа можност да имаат секогаш ново ноже и затоа сечеа само со тој метален дел кој се викаше “линџа”. Потешко се манипулираше само со тоа, се јавуваше и болка на дланката. Но така беше.

Власта објаснувала за успесите, за изградба на нови патишта. Опозицијата вели дека власта се кити со туѓо перје. Вака го прочитавме на екранот – “туѓо перје”. Ако се размисли, веднаш станува јасно дека именката “перје” е во множинска форма. Значи – “туѓи перје”, а не “туѓо перје”. Перје е исто како и пердуви – множинска форма. Но, кој би рекол “туѓо пердуви”? Новинарите ги преземаат ваквите синтагми директно од српскиот јазик. Сме слушале и читале: жолто лисје, бело робје и слично. Тоа се збирни именки во множинска форма. Лисјето се жолти, робјето се бели, пердувите (перјето) се туѓи. Велиме, не треба многу да се размислува за да се дојде до сознанието дека сите тие именки се во множинска форма. Како е можно тоа да не го знаат или да не го чувствуваат новинарите? Освен нив, постојат и лектори. Каде се тие? Дали воопшто ги слушаат и ги гледаат емисиите на своите ТВ? Дали воопшто го лекторираат текстот што треба да стигне до нас?

Докторка објаснува нешто за лековите, дали ги има доволно во аптеките. Особено оние лекови кои се потребни за болните од корона вирусот. Во еден момент вели дека има несташица. НЕСТАШИЦА?! Многу í беше тешко да употреби македонски збор, па го зеде српскиот. Тешко í беше да каже – НЕДОСТАТОК, уште подобро ОСКУДИЦА.

Loading