Со манифстацијата Поетски бранувања, ЦК “Марко Цепенков” и Клубот на литературни творци – Прилеп го одбележаа Светскиот ден на поезијата. При тоа околу 17 поети, членови на Клубот се претставија со своја поезија, истакнувајќи го значењето на поезијата и на стиховите. Од Центарот велат дека догодина се планира оваа манифестација да стане постојана и да се збогатува.
Во овој број на Зенит песната посветена на Денот.
Поезијо !
Љубовта меѓу мене и тебе ,
бесконечност .
Од детство до бела старост
Ти си ми нежен говор на усниве.
Те воспевам на твојов Световден.
Ти се претвораш во трепетлика
а во мене зрее смислата .
Знам ти си библиска, Давидова,
Хомерова, Рацинова, Андреева.
Ти си моја. Да , моја си.
Што е твое е и мое.
Што е мое е и твое.
Знам, Ти си химна народна.
Ода на радоста.
Елегија расплакана.
Стихувалка – успивалка.
Ти древнина и сегашност
неизвесност во иднина.
Поезијо , љубов моја голема ,
со мене си секое денобудење.
Со тебе чекорам кон Запад.
Зад нас, по патот видливи траги .
БЛАГА ТУТЕСКА