РЕЕДУКАЦИЈА НА ПСИХОМОТОРИКА

Реедукацијата на психомоториката е тараписки метод за откривање, обновување и зацврснување на доживувањето на телесната целовитост како основа околу која се организира постоењето на личноста на детето во социјалното поле. Психомоториката е начин на постоење на личноста во својата телесност во социјалното поле. Секоја емоционална промена во детството е следена со одредени промени на моторните активности и одредена мускулна напнатост.

Движењето претставува начин преку кој детето делува на светот. Движењата претставуваат и први шеми на искуства за себе во светот и за светот што го опкружува. Основата од која се раѓа движењето е всушност тонусот, односно мускулната напнатост која се менува во зависност од квалитетот на односот воспоставен меѓу детето и околината, но првенствено меѓу мајката и детето во најраниот период од развојот.

Со движењето се остварува комуникацијата, се реализираат барањата, се остварува љубовта, се совладуваат тешкотиите низ животот. Со движењето се обликува фонацијата и оралниот говор, мимиката на лицето која всушност ги покажува содржините на нашите мисли, се моделира гласот, се артикулира и се остварува секое замислено барање. Со движењето го откриваме светот и себе си во него.

Со реедукацијата на психомоториката се реинтегрира функционалната целовитост на психомоториката на детето. Низ движењето се пробудуваат, се обновуваат, зацврстуваат и доградуваат сензомоторните искуства.

Дијалогот меѓу детето и реедукаторот, заедничкото радување на движењата, му овозможуваат на детето повторно да ги искуси раните фази на доживувањата на телесната шема, фазите на развој на совладување на просторот и времето, значи сите фази кои во текот на развојот биле дефицитарни и оставиле недоволно јасни искуства.

Реедукаторот почнува комуникација со детето преку телесно изразување и движења кои детето спонтано ги покажува, а потоа постепено тие движења се осмислуваат и се структурираат, нудејќи му ги на детето по оној редослед по кој се јавуваат и во текот на развојот. Во првите часови детето треба да доживее сигурност и целосна заштитеност, сличен на оној симбиотски однос меѓу мајката и детето во најраната фаза.

Во следната фаза телото на детето и терапевтот постепено се оддалечуваат и детето се поттикнува да го посматра терапевтот, да го слуша неговиот глас и да ги споредува своите и активностите на терапевтот. На тој начин детето го открива задоволството да биде гледано, да биде слушнато, да делува во заедништво со терапевтот, но сепак на извесна оддалеченост. Така се постигнува првото раздвојување во просторот.

Во понатамошната работа детето се поттикнува да наоѓа задоволство во акциите кои се прво наизменични со терапевтот, а потоа спротивни од терапевтот и на крај тие да бидат самостојни, независни акции. На тој начин се доживува задоволство во вршење на сопствените активности.

Кога во заедничките активности ќе се вклучат и други деца, детето се стимулира да ги забележи и да ги прифати и другите и да ја усогласи својата активност со другите.

Податоците добиени преку движењето, овозможуваат појасно диференцирање на чувствата, односно развој на личноста во целина.

Размената на чувствата во реедукацијата на психомоториката се врши преку моторните активности.

Реедукацијата на психомоториката е најсоодветен метод во третманот на деца со забавен или дисхармоничен развој, како и деца со проблеми во однесувањето.

М-р. Специјален едукатор и рехабилитатор

Гордана Иваноска

Loading