ПОБЕДА ИМА НАЈСИЛЕН ТЕСТ В НЕДЕЛА, СО ПРВОЛИГАШОТ ТИКВЕШ

Фудбал

Есенскиот второлигашки лидер, Победа, за 25 дена зимски подготовки одработи многу тренинзи, одигра четири пријателски меча. Последниот, во средата, беше во Дојран, Победа-Беласица (0:0) против ривал кој е еден од конкурентите во второлигашкото друштво, против кого првенствениот дуел е недалеку, на 5 март. И претходно беа два меча без голови – со екипа на странски фудбалери без ангажман, како и со второлигашот Кожуф. Дури во третата контрола беше постигнат триумф, од 2:1, над селекција од странски фудбалери од Академија на Нигерија, кога стрелци на головите беа Оливер Христов и Филип Димоски. Сепак, најсилниот тест е допрва, со прволигашот Тиквеш. Договорен е за в недела, на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,,.

Соодносот  на заминати – дојдени играчи е речиси израмнет. На првично заминатите Андреј Петкоски, Дарко Дигаловски, Кирил Неделков, Петар Најдов и Игор Момировски се придодаде и младиот голман Антонио Столевски, нов член на Велешта. Но, на дојдените – Дарко Тофилоски, Јорданчо Наумоски (Тиквеш), Марио Наумоски (Брегалница Ш), Филип Димоски (Саса) и Благој Истатов (Воска), можно е да се придодаде и веќе спомнатиот Оливер Христов (Кит-Го).

Има уште време за дотерување на формата, до првенствениот старт на 19 февруари.

Loading