СИТЕ ЈА САКААТ МИЛКА

Во Здружението на пензионерите      

Меѓу 19 претседателки и претседатели на разграноците на Здружението на пензионерите, претседателка на Центар е и Милка Ѓореска. Таа е прва жена претседател на разгранок. Со своите 68 години, влева енергија и полет меѓу луѓето од третата доба. Со предлозите и преземените акции покажава дека животот е убав и во седмата и во осмата, па и во деветтата деценија. На виталната и пргава пензионерка, полна со ведар дух, можат да í позавидат и помладите. Дел од работниот век го минала во слаткарството, а дел во текстилната фабрика Билјана.

-Не дека за слаткарството ми е мило да зборувам, ама животот беше сладок и убав меѓу занаетчиите од оваа бранша како самостоен слаткар, приватник. Не знам колку илјади еклери правев во денот. Уште ме болат рацете од стегање на шприцот за формирање на еклери, грклани, па торти, шеќерпариња, тулумби… Не знам колку слатки сум направила за во продавниците. Муштериите беа многу задоволни од нашите производи – вели таа додека е општествено ангажирана.

Не може да седи со скрстени раце без работа. Во вториот мандат, со околу 800 пензионери во разгранокот нескромно кажува дека”нејзините” бараат да им се осмисли времето на “мирување”, да им се исполни денот.

-Ги познавам речиси сите пензионери. Знам колкави им се пензиските примања месечно. Ги знам сите улици во нашиот огранок. Лани поделивме околу 60 ваучери за набавка на прехранбени производи за послабо ситуираните. Најмногу се интересираат за екскурзии. Последниве две години интересот е намален заради Ковид-19. Се интересираат за бањско лекување, за спортски и други активности, посебно за документи за добивање на еднократна помош преку нашето Здружение. Малку ми е потешко оти на нашиот разгранок има станбени згради со доста пензионери, а за некои активности мора да се посетат сите.  Но, немам гајле. Се качувам со скали без многу мака – вели Ѓореска.

Активот на жените учествува во сите активности, а Милка е секогаш прва, темелна да ги задоволи барањата на пензионерите.

Претседателот на Здружението на пензионерите Славко Трајкоски вели дека Милка е харизматична и енергична. Затоа сите “колеги” ја сакаат и ја бараат.

К.Р.

Loading