ЉУБОВНА ПРИКАЗНА БЕЗ ГРАНИЦИ

Борче(30) и Барбра Кансиме (31) Илиовски

Прилепчанецот Борче Илиовски (30) има невеста од Уганда. Вербата во Исус им е заедничкиот именител за двајцата, за него и за Барбра Кансиме (31), а љубовта ги споила. По една година контакти и виртуелно дружење, се родила симпатија која ја крунисале со брак. Нивната љубовна приказна е без граници и ограничувања. Како романче во кое нема место за предрасуди и стеги, туку само за љубов и разбирање.

На 7 ноември 2020 почнале контактите на Фејсбук. Комуникацијата на социјалната мрежа се претворила во љубов. Една година потоа се сретнале првпат во Истамбул на 7 ноември 2021 за да се земат.

Барбра вели дека е долга е приказната. Од милиони луѓе на Фејсбук таа барала пријатели кои го сакаат Господ и кои се следбеници на Исус. Го послушала советот на нејзината пријателка Рема. Така го нашла Борче Илиовски од Прилеп.

-Јас сум наново роден Христијанин. Барав пријатели кои го сакаат Господ, Христијани и следбеници на Исус. Кога ја видов сликата, на профилот, пишуваше “ученик на Исус”. Се заинтересирав. Пред да му пратам понуда за пријателство, постев и се молев: Господе Исусе дај ми добар сопруг. Кога ја завршив молитвата, сосетката Рема ми рече: Ти само седиш дома и ништо не правиш. Мажот нема да те најде дома. Треба да одиш надвор, во клубови, да шеташ… И реков, ако му веруваш на Исус, Исус ќе најде пат и мажот ќе дојде. Не сакав, но другарката ме натера. Клекнав на колена и реков, Исус мојата пријателка Рема рече вака, нешто ме тера и го направив тоа. Испратив 5 понуди за пријател и реков, Господе тоа е од мене. Ако ми пратиш некој од овие, нека биде тој кој е добар. Натерај го да ми поставува многу прашања. Заспав… Така почваме да зборуваме многу, за сешто – објаснува Барбра Кансиме Илиовски.

По една година, мажот дошол во нејзиниот живот. Борче го отворил срцето за жената од Уганда. Првпат се сретнале и се виделе во Истанбул, пак на 7 ноември, но по една година од првиот контак на фејсбук. Таа веќе со себе ги носела и комплет документите да склучат брак во Македонија.

– Има ќерка, Дијаз, на 10 години. Од почеток на комуникацијата знаев дека има ќерка. Тоа не ми пречи. Јас сум наново роден Христијанин на 23 години, му се молев на Господа, сопругата да биде од било каде, но да те сака Тебе, повеќе од мене. Бракот е меѓу тројца, јас, сопругата и Исус на средината. На двајцата да ни бидат вперени очите во Исус и да нема недоразбирање. Исус нé спои,  затоа што во нашето верување нема развод – објаснува Борче

Барбра веќе има и прилепска лична карта. Се навикнува во Прилеп. На студот. Првпат видела и снег.

-Многу е ладно. Во Уганда нема снег и зима. Бевме излезе со мајка му и првпат снег паѓаше на мене. Првпат видов снег. Ќерката сака да излегува надвор, да игра со снегот – објаснува Барбра.

Таа почнува да ги учи прилепските јадења. Сака да јаде и готви мусака. 

Кога дошла во Прилеп се запознала и уште со една прилепска невеста која доаѓа од Африка. Со Валери Емили која е од Кенија.

Барбра сака да работи,  има искуство со работа во хотел.

Loading