ПРОГРАМА ЗА СЕТА ПУБЛИКА

Одамна беше, многу одамна, кога сретнавме во книгата на Илија Милчин ,,Јазикот на медиумите,,, еден лош, буквален превод. Тој го сретнал тоа во некој весник, а изразот гласи – ,,По своја прилика,,. Милчин објаснува дека е тоа крајно лош превод, дека изразот ,,По свој прилици,, во српскиот јазик значи нешто сосема поинаку од оваа бесмислица – ,,По своја прилика,,.

По толку многу време, сретнавме извесна колумна во неделникот Фокус. Ама бесмисленоста е уште поголема. Не станува збор за превод од српски јазик, туку за оригинален авторски текст. Реченицата гласи: ,,Тој, по своја прилика не учествуваше во дешаванката,,. Ова не е превод. Веројатно авторот го слушнал во српскиот јазик, па помислил дека со некаква, евентуална преадаптација тоа може да оди и кај нас. А не може! Не оди! Во конкретниов случај, во српскиот израз – ,,По свој прилици,, зборот ,,свој,, не значи ,,своја,, туку ,,сета,,. Некаков превод би гласел, приближно вака: ,,,По сета веројатност,, или можеби ,,По сé изгледа,, а може да биде и само ,,веројатно,,. Се најдуваат повеќе варијанти. Реченица би гласела: ,,Тој, веројатно (најверојатно, по се изгледа), не учествуваше во дешаванката,,. Зошто авторот посегнал по тој израз, чудно е. Чудно е што не му го знаел вистинското значење во српскиот јазик. Поточно, не знаел дека, онака напишан, буквално преведен, во македонскиот јазик, не значи ама баш ништо. Да повториме уште еднаш: ,,Тој по своја прилика не учествуваше во дешаванката,,. Да размислиме! ,,По своја прилика,,, значи ли нешто? Не. Ништо. Авторот тргнал по погрешен пат. Лекторот замижал. Или можеби лекторите не чепкаат во колумните, ги печатат како што се напишани од авторот. Сакавме да чуеме што мисли и лекторот. Ѕвоневме во редакцијата. Не се јави никој. На друг број, се јави љубезен женски глас. Рече дека поради пандемијата работеле од дома. Затоа никој не се јавува од редакцијата.

Првпат во Фокус среќаваме еден новокомпониран збор. И тоа во текст на уредникот. Тоа е именката ,,дешаванки,,. Пишувавме и порано за тоа. Повторно се навраќаме зашто повторно го сретнавме. Убаво е да се создаваат нови зборови, но тоа треба да биде во духот на нашиот зборообразувачки систем. Глаголот ,,дешава,, (се дешава) не е наш иако често го слушаме. Според тоа и новоформираниот збор ,,дешаванки,, нема место во нашиот јазик. Ако го земе некој од новинарите во нашиве телевизии и ако го употреби во некоја емисија, таа појава ќе се прошири и не ќе можеме да се одбраниме. Такви случаи има многу. На пример: ,,Имајте пријатна вечер,,. Сите го употребуваат тој поздрав, а никој не размислува дека тоа е голема грешка. ,,Имајте,, е помошен глагол во императивна форма, заповеден начин. Наместо, ,,Ви пожелувам пријатна вечер,, ни наредуваат да имаме таква вечер. Велат ,,имајте,, а тие се дистанцираат од поздравот. Нé тераат сами да си имаме таква вечер.

Ќе завршат вестите и читаме или слушаме: ,,Програма за целата публика,,. А зошто да не биде ,,Програма за сета публика,,? Значи, за сите луѓе, за сите гледачи. Не за целите луѓе или за целите гледачи. Како би било кога би се рекло – четвртина или третина публика? Често слушаме и ,,цело време,, а може ли четврт време? Цело значи нешто од кое ништо не е одземено, кое е во полн состав, без исклучок. Процес или време кое тече непрекинато. Меѓу другото,,цело,, е придавка, а ,,сето,, е придавска заменка. Меѓу тие два поима постои разлика. Значи – ,,Програма за сета публика,,.

Loading