НЕТОЧНИ ОБРАЌАЊА

ivce1Во сите телевизии, разно-разни водители покануваат видни личности во своите емисии. И слушаме доста нелогични, па дури и непристојни обраќања спрема своите гости. Обично, водителите се заблагодаруваат за присуството на своите гости. Во емисија гостуваше актуелен пратеник од Парламентот. Водителот почнува: ,,Пратениче, Ви благодарам што ја прифативте нашата покана,,. Во ред! Но, ова се официјални емисии, со официјални личности. Зошто да не биде: ,,Господин пратеник, Ви благодарам што ја прифативте нашата покана,,. Зошто да не биде така, официјално, а не онака, приземно – пратениче? Во ваквите случаи често се прави и друга грешка. Обично се вели ,,господине пратеник,,. Погрешно е тоа. Не треба да се користи вокативната форма ,,господине,, туку ,,господин,,.

Се случува гостин да биде некоја жена министер. Водителот, љубезен, се заблагодарува: ,,Министерке, Ви благодарам што бевте љубезни и ја прифативте нашата покана, да бидете гостин во емисијата,,. Во оваа реченица има повеќе нелогичности. И овде би требало официјално: ,,Госпоѓо министер, Ви благодариме,,…. Потоа водителот вели: ,,Што бевте љубезни,,. Редовна грешка е тоа. Се персираат, во множинска форма се користат, само заменката и глаголот, но не и придавката. Значи: ,,Ви благодарам што бевте љубезна,, а не што бевте ,,љубезни,,. Замислете, како би рекле ако треба некому да кажете дека е добар и љубезен човек! Сигурно нема да речеме – ,,Вие сте добри и љубезни човек,,. Тоа е потврда дека придавката не се користи во множинска форма. Значи: ,,Вие сте ДОБАР и ЉУБЕЗЕН човек,,. Ова се редовни грешки и непромислености. Водени од сознанието дека при учтивото обраќање треба да се персира, ваквите грешки ги слушаме редовно. Постои и трета грешка, редовна. Водителот се заблагодарува на гостинот (гостинката): ,,Што бевте љубезни да ја прифатите нашата покана и да бидете гостин во емисијата,,. Емисијата! Велиме, тоа е редовна грешка. Па тој водител ја води таа емисија. Тоа е негова емисија. Според тоа: ,,во емисијава,, а не ,,во емисијата,, како што слушаме редовно: ,,овде во студиото,, наместо ,,овде во студиово,,. Тој што зборува е внатре во самото студио.

Неодамна, следевме интервју со претседателот на Македонската академија на науките и уметностите. И овде водителот се заблагодарува. Вели ,,Академиче, ви благодарам,,. Замислете, АКАДЕМИЧЕ! Наместо: ,,Господин претседател на МАНУ,, или ,,Господин академик,, водителот се обраќа со АКАДЕМИЧЕ. Толку неубаво звучи тоа. Прилега на некаков деминутив – мало академиче. Тој е ГОСПОДИН АКАДЕМИК или ГОСПОДИН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ и така треба да се обраќаме. Потоа следува редовната грешка. На крајот од интервјуто водителот објаснува дека ова ќе биде последна емисија од таков вид во оваа сезона. Потоа му се обраќа на господинот: ,,,Ви посакувам да сте живи и здрави,,. Многупати сме пишувале дека глаголот ,,посакувам,, значи да бараш, да добиеш нешто за себе. Како некој не се сети да рече ,,ви пожелувам,,, како што е потребно и правилно. Придавките ,,жив,, и ,,здрав,, исто така се употребени погрешно. Како од многу луѓе, и како на многу места. Господин водител! Зошто не размислувате за овие работи? Вие и таквите како вас треба да ги знаете овие нешта. Зар не беше најдобро ако му речевте на господинот: ,Ви пожелувам да сте жив и здрав,,. Запомнете, придавките не се персираат.

Благоја Ивчески

Loading