НАПРАЗНО ЅВОНЕЊЕ

ivce1Збогум мајко јас отидов

. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .

Решителен јас ќе одам

Да загинам мајко

Во крвав бој!

Овојпат нема да пишуваме за јазични грешки. Ќе се обидеме да го бараме изворот. Од каде и како доаѓаат тие грешки. Ќ е се обидеме да го најдеме нункото на ,,Одлучен удар,,. Нели така се викаше воената вежба во Криволак? Меѓународна. Учествуваа американски, бугарски, грчки и наши војници. Во горната строфа, еден стих гласи – ,,Решителен јас ќе одам,,. Многу одамна, како деца, ја тананикавме таа песна која произлегуваше од штотуку завршената војна. Тогаш се велеше ,,решителен,,. Уште го немавме испечено убаво македонскиот јазик. Но, велат дека јазикот бил жива материја, се развивал, нели? И еве, сега дојдовме до “одлучен’ наместо “решителен”. Придавката ,,одлучен,, има корен во српскиот глагол ,,одлучити,, (излучити). На српски насловот на вежбата би гласел ,,Одлучни удар,,. Но, ние не оставаме така, си го помакедончуваме и наместо ,,одлучни,, си пишуваме ,,одлучен,,. И нека знаат учесниците (Американци, Бугари, Грци) дека ние јазикот не го даваме и нека знаат дека насловот на вежбата треба да гласи токму така. За среќа, при крајот на вежбата се обрати и Врховниот командант на нашата армија Стево Пендаровски. Една негова реченица гласи приближно вака: ,,Привршува воената вежба ,,Решителен удар,,,,. Убаво ни прозвуче тоа. Дали тој го знае тоа, дали некој лектор му укажал, не е важно. Важно е дека насловот треба да гласи токму така – ,,Решителен удар,,. Министерката за одбрана гордо го изговара -,,Одлучен удар,,. Од сите медиуми го слушаме или го читаме истото. Пишувавме порано дека се јавивме во Министерството за одбрана. Таму има службеници за комуникација со јавноста. Не знаеја дали има лектор во Министерството и кој рекол вежбата да се вика токму така. Рекоа дека ќе се научат и ќе се јават. Не се јавија.

Решителни бевме да одиме понатаму. Решивме да се јавиме во Владата. Таму, бездруго има лектор. Можеби и повеќе. Ни се јави операторот (ката). Баравме да нé поврзе со некој од лекторите. Нé поврза. Телефонот ѕвонеше, ѕвонеше, ѕвонеше и преѕвоне. Не се јави никој. Бараме повторно во Владата. И кажуваме на операторката дека никој не се јави. ,,Да, да, никој не се јавува,, – вели таа. Ја прашуваме кога е најдобро да се јавиме, во кое време, какво е работното време на лекторите. Објасни дека работното време е од 7, 30, до 15 часот. Не ќе да може баш така. Ако е од 7,30 треба да трае до 15,30. Како и да е, ѕвоневме во 14,40, во рамките на работното време. Ама, лекторот ја шмугнал порано. Си рековме дека ќе се јавиме и утредента. Се јавивме околу 11 часот. Операторката нé поврза. Телефонот ѕвонеше, ѕвонеше, ѕвонеше и преѕвоне. Никој не се јави. Вртиме телефон повторно во Владата. Велиме дека никој не се јавува. ,,Да, да, никој не се јавува, нема никој,, – вели операторката.

-Добро, да не има некоја грешка? Да не можеби не поврзувате со некој погрешен број? – ја прашуваме.

-Не, не, нема никаква грешка.

-Тогаш, зошто никој не се јавува?

-Не знам!

Така заврши обидот да разговараме со лекторот. Така, заврши и обидот да разбереме зошто воената вежба се вика ,,Одлучен удар,, а не ,,Решителен удар,,. Се прашуваме зошто е така. Во ваквите случаи, кога станува збор за настани од меѓународен карактер, интервенцијата на лекторот е неопходна. Всушност, тоа е секогаш неопходно. И чудно е сега, мошне чудно! Министерката ја вика вежбата – ,,Одлучен удар,, а Врховниот командант – ,,Решителен удар,,. Вака се раѓаат грешките. Веројатно името го дал некој недоволно упатен во јазичната проблематика. А ги има такви!                                                                                                                         

Loading