„НИТ ЈЕ Ј…, НИТ ЈЕ ДРУГОМ ДАЈЕ“

Ликвидација за државната Еурокомпозит?

Немаат земено плати со месеци, нути работат неколку десетици вработени на државната компанија Еурокомпозит. Иако десетици функционери и неколу премиери најавуваа спас со странски инвеститори, па со домашни субвенции и закони за воената фабрика со традиција, објектите чмаат и зараснуваат во плевел, додека машините фаќаат пајажина и ги гризе корозијата. Никој не знае какво е и обезбедувањето на објектите, оставени на милост и немилост на забот на времето при пекол сонце и кочан зима.

Сите структури на власта ги изигруваат работниците, дури и на оние на кои им се законски ветени надоместоци за технолошки вишок. Нема пари ниту за оние накои им е потребна здравствена заштита, бидејќи не се платени придонесите со децении. Дел од работниците не можат да се пензионираат, оти државата како стоотстотен, доминантен, сопственик не води грижа за својот капитал и за работниците на кој им е работодавач. Со години се манипулира, се омаловажува достоинството на работниците, се игра со нивната доверба и интегритет, се мамат и се ветуваат нереални проекции дека за скоро време за Еурокомпозит ќе ,,паѓаат,, колбаси преку членството во НАТО.

Бесни се работниците. И оние кои заминале, а не им се исполените законските обврски, не им се платени отпремнините и придонесите. Вријат во гнев и оние кои седат дома без пари, а се водат како вработени, стравувајќи да не се разболат, оти ќе биде потребно да ги плаќаат здравствените услуги. Исцрпени се ,,до коска,, без барем мала повремена поддршка за егзистенција, оти сите се во години и никој не ги ангажира поради високата возрасна граница.

Еурокомпозит е уште еден пример за лош домаќинлак на државата, која ниту крева раце, ниту сериозно бара чаре.  Или според српската поговорка –  ,,Нит је ј…, нит је другом даје,,.

Според Цветан Бунтески, работниците бараат максимум за два месеца решавање на статусот на некогашната горда државна фабрика, од која излегуваше оружје и муниција и за странските пазари и вработените земаа највисоки плати во земјава.

-Не се платен придонесите и комплетната отпремнина на работниците, кои потпишале да бидат прогласени за технолошки вишок. Патем, нема ниту ,,с,, од пронаоѓање на стратегиски партнер. Работниците не се должни да го носат целиот товар. Обврските паѓаат на сметка на сопственикот, на државата. Најдобро е фабриката да се ликвидира и работниците да се куртулат со надежите дека некогаш ќе тргнат машините и ќе се вратат на секојдневните работни задачи во производството – вели Бунтески, претставник на ИО на поранешните вработени од Еурокомопзит.

Според извори од фабриката, Одборот на директори се однесува безкрупулозно и безобразно. Не ја дели судбината со вработените, туку продолжува да зема пари без никаква работа, додека работниците се закануваат со протест со ноќевања во шатори пред општинската зграда.

Loading