ДИГИТАЛЕН РЕЧНИК

ivce1Имаме сега дигитален речник на македонскиот јазик. Институтот за македонски јазик извести дека Толковниот речник на македонскиот јазик го имаме и како дигитален. Одлично! Радосна вест! Но, радоста траеше само два дена. Се појавил проблем. Се побуниле ромските здруженија. Имало зборови кои биле навредливи за Ромите. Експресна реакција од Институтот на македонскиот јазик. Зборот ЦИГАНИ (и другите изведенки од тој корен) биле навредливи. Ги навредувале Ромите. На најбрз можен начин тие зборови се отстранети од Речникот. Господата од Институтот самите ја увиделе ,,грешката,, и ги избришале навредливите зборови. Никој не им наредил. Дури и од Владата никој не рекол да го направат тоа!!! Кој признава, грешката половина му се простува. Ете, луѓето од Институтот, згрешиле, заборавиле дека ние сме демократско општество и дека кај нас сé се решава со консензус. Тие не ги прашале Ромите дали да го употребат зборот Цигани и самите, најпосле сфатиле дека зборот е несоодветен. И без некој да им нареди, го отстралине. Одлично! Нема белки сега, преку некојси речник да ги нарушуваме меѓуетничките односи.

Ќе се вратиме назад во времето. Пред повеќе години во прилепскиот театар подготвувавме претстава во која требаше да се изговорат неколку реченици на ромски јазик. Викнавме човек – Ром, да помогне. Познат човек, не го паметиме името, но прекарот – Таманго. Љубезно ја прифати поканата. Зборувајќи така за Ромите, Таманго изгреагира многу бурно. Вели – ,,Немојте да ме навредувате, јас не сум Ром, јас сум Ѓуптин,,. Вели –  ,,Вам, на каурите, тоа не ви е јасно,,. Таманго употребува збор – КАУРИ. Ромите, и не само тие, за христијаните велат дека се каури. Тој збор – КАУРИ, го има во дигиталниот речник. Да појасниме, потеклото му е арапско. Кај нас е дојден преку турскиот јазик, гласи  – ЃАУР, сега малку видоизменето – КАУР (ин). Знаат ли Ромите, знаеме ли ние (христијаните) што значи тој збор? Тој има мошне погрдно значење, значи – неверник, кривоверник, ништоверник. Христијаните беа сметани како такви за време на Турската империја. Погрден збор, навредлив. Зборот е регистриран во Речникот. И што да правиме сега ние христијаните? Да креваме стапови и да се буниме?! Да протестираме?! Да бараме да се исфрли како несоодветен, како навредлив збор ?!

Чудно, чудно, чудно! Речникот е лексикографско помагало, а не е учебник. Во Речникот не се внесуваат, не се прави некаков селективен избор на зборови. Таму се регистрираат зборови кои се употребувале, се употребуваат и ќе се употребуваат, па дури и да ги нема во речниците. Да си спомнеме на романот за деца ,,Белото циганче,, од Видое Подгорец. Снимена беше и телевизиска серија. Што ќе правиме со ,,Коштана,, каде безброј пати се спомнува зборот – Цигани, цигански и слично. И самата Коштана е прекрасна Циганка. Што ќе правиме со ,,Чорбаџи Теодос,, една од првите драми напишана на македонски јазик? Ете го и таму зборот – Цигани (и многу деривати од тој корен)?! Ќе треба ли да се забранат за играње во театрите овие драми? И многу други такви? Здравко Чолиќ ја пееше песната ,,Ако те одведу Цигани, чергари,, не ќе смееме ли да ја слушаме? Во огромен број приказни од Цепенков се зборува за – Цигани. Зборот – РОМИ не е во употреба многу, многу одамна. Сега со тоа име се нарекува Ромската заедница. Со тој збор, со тоа име, таа е внесена и во Уставот. Официјално никој не ја нарекува поинаку. А треба ли сега да одиме по библиотеките, да шуркаме по рафтовите и да бараме, да ги отстрануваме книгите во кои се спомнуваат или кои ги навредуваат Ромите, и не само нив?! Отстранувањето на ,,несоодвените,, зборови од страна на Институтот за македонски јазик го сметаме за непромислено и избрзано. А не можеме да се ослободиме од помислата дека тоа го направиле, дека го пречкртале тој збор со своето пенкало !

Loading