„РЕНТ А БАЈК“ ПРЕД ВОЈНАТА

ognjanoskiКирил Огњаноски

До неодамна траеше конкурсот на локалната самоправа за субвенции за набавка на велосипеди. Со средства, Општината помага на граѓаните да купат нов велосипед. Ова е дел од тенденциите за заштита на животната средина и незагадување на градскиот воздух преку намалување на употребата на и така многуте автомобили. Стремежите се насочени на пад на притисокот низ сообраќајниците и афирмација на алтернативното превозно средства како што е велосипедот.

Во Прилеп велосипедите се користеле, што се вели, од памтивек. Кирил Огњаноски, сега 75-годишен пензионер се присетува на неговиот татко – Томе Велосипедџијата. Татко му го познаваат постарите љубители на велосипедот, бидејќи не само што имал работилница за поправка, туку располагал со велосипеди што ги давал на саат возење на децата кои немале можност да имаат велосипед уште пред осумдесетина година. Или, модерно како што се вели, давал ,,рента бајк,,. За саат време возење низ градот, корисниците плаќале по десетина динари или банка, или помалку-повеќе, се разбира од времето колку се користел велосипедот. Најчести муштерии биле младите и децата.

-Татко ми беше ,,асли,, велосипедџија. Беше тата-мата за занаетот. Располагаше со велосипеди за изнајмување на саат. Ги поправаше во работилницата, првин  во Варошко маало, а потоа и в чаршија. Не го наследив, оти заминав на студии во Скопје каде завршив Правен факултет. Неговите велосипеди беа секогаш ,,тип-топ,, подготвени. Ретко муштериите се враќаа за рекламација, на пример, за недобро залепена гума или недобро составено задно или предно тркало. Уште пред војната имал здрави велосипеди од познати тогашни марки, се разбира, странски. Не само што му лежеше занаетот и ги поправаше велосипедите, беше добар велосипедист. Возел за тогашниот велосипедски клуб. Велосипедизмот во градов влечи корени од тоа време. Првин возел низ градот, а потоа кога се организирале трки на подолги релации, на пример, до Битола, учествувал и на нив. Бил дружељубив мајстор. Како чаршузлија се запознал и со Ченто и со други луѓе со напредни идеи за слободна и независна Македонија. Киро и Стеван Базеркоски му биле внуци од сестра. Тогашните велосипеди биле направени од здрави метални материјали. Најмногу се расипувалена контрата, на ножната сопирачка. Се кинеле гумите, оти немало асфалт. Паѓале и синџирите. Некои барале подмачкување и штелување на задната кочница. Велосипедите не биле како сегашниве, модерни, туку од разни фабрики, направени од материјали што не траат многу – се присетува Кирил Огњаноски.

Татко му имал трик, марифет за постигнување на добрите резултати на трките. Од дваесетината велосипеди го избирал најдобриот и најсигурниот. Ги ,,познавал,, како возат, оти редовно ги одржувал. Имал и калфи за помош.

ramka naumoskiМЕТОДИЈА НАУМОСКИ- КИНЕЗОТ

На две тркала на 87 години

-Добро се сеќавам на мајсторот Томе велосипедџијата, оти не беа многумина. Покрај Томе кој издаваше велосипеди на саат време, и други мајстори, како Трајче, Миле Лало, Кадинци имаа работилници како што сега има за автомобилите. Вриеше од велосипеди, а немаше толку моторни возила. Бев калфа четири години кај мајсторот Миле Лало. Носев вода во кофа од чешмата Сарачана, мајсторот да открие каде е скината гумата. Лепев гуми и подмачкував синџири, а мајсторот беше ориентиран на поправка на комплицирани дефекти. Убави пари се заработуваа. Мајсторот ми даваше по некоја банка за калфувањето. Ми се најдуваа за излегување навечер на  корзо. И на 87 години уште ми е мерак да возам велосипед. Сам го поправам и одржувам. Не само мојот, ами и од внуците и од комшиските деца. Своевремено младите мераклии велосипедот земаа под наем велосипеди на саат од кај мајсторот. Некои не ги  враќаа на време. Во занесот на ќевот ќе се возеа повеќе саати од договореното или платеното. Така сум правел и јас. Ама за да нé не карат мајсторите, при враќањето ги остававме настрана подалеку од дуќанот – вели Наумоски.

Сегашниве велосипеди не се како некогашните. Брзо паѓаат најмногу  во  средната осовина и на педалите. Сите делови брзо се абат и се трошат, оти се неквалитетни.

Според него, оттогаш Прилеп носи традиција и стана расадник на добри велосипедисти, познати не само во Македонија. Велосипедистите на прилепскиот клуб Илинден учествуваа и на трки низ Југославија. Илинден беше меѓу најдобрите во Македонија. Клубските простории беа, овде, во Корзо маало – вели Методија Наумоски – Кинезот.

Loading