КАСКАЏИЈА

ivce1Пак нешто за приказните. Оние приказни што ги гледаме на нашите телевизии. Пред неколку дена се емитуваше приказна која носеше наслов “ Каскаџија”. Во почетокот не можевме веднаш да разбереме што значИ тој наслов. Што значИ зборот “каскаџија”. Тоа и нé натера да  ја гледаме приказната, со надеж дека на таков начин ќе разбереме што значИ насловот. Видовме дека станува збор за скржавост. Претерана скржавост. Содржината на приказната веќе нé не интересира. Сфативме дека станува збор за КАСКАНЏИЈА, а не КАСКАЏИЈА. Ја грешиле работата и сценаристот и лекторот и режисерот, а и самите актери. Рековме, зборот,гласи КАСКАНЏИЈА, но, тоа не значи скржавост. Касканџија е човек завидливец. Касканџилак е завидливост. Се вели уште и завислив. Зависливи луѓе. Да речеме, луѓе кои завидуваат на туѓата среќа. Касканџија е турски збор. Онака, разговорно, се користи и сега. Особено во оние текстови од приказните, може да биде и повеќе застапен. Вака, како што е употребен во односната приказна е направена двојна грешка. Погрешно е напишан – КАСКАЏИЈА, наместо КАСКАНЏИЈА. А втората грешка е во тоа што зборот е употребен со погрешно значење. Рековме, КАСКАНЏИЛАК значизавидливост, завист, а нескржавост. Го има тоа во сите речници. Во најстариот, тритомниот Речник на македонскиот јазик е одбележано дека касканџија е завидливец, каскандисува значи завидува. Ги има таму и зборовите каскандиса, касканџилак, касканџија. Истото нешто го среќаваме и во Речникот на Зозе Мургоски. Тој збор (касканџија) го има дури и во Речникот на странски зборови од охриѓанецот Јанаки Стрезов. Овој речник е пишуван во втората половина од 19 век. Го има таму и зборот КАСКАНДИСВЕЈНЕ, со објаснување – “Да имат човек некому завист”. Се објаснува и дека зборот има турско потекло. Да заклучиме: КАСКАНЏИЈА е завидливец, а не скржавец.

СКРЖАВОСТА е мошне честа тема во приказните. И не само таму. На таа тема се напишани и големи литературни дела. Пишувале Маринб Држиќ, Стерија Поповиќ, Молиер и многу, многу други. За приказната за која зборуваме, можеби зборот “скржавец” да звучИ ете така, премногу литературно. Затоа, постојат зборови со кои може да се озаглави приказната. Во таквите текстови можат да се употребат зборовите – ЦИЦИЈА, ТИТИС, можеби и некој друг.

Да кажеме и тоа дека одјавната шпица на крајот од приказните се движи пребрзо и не можеме да прочитаме кој е сценарист, кој е лектор, кој е режисер или и некој друг автор на снимениот материјал. Чудно е како го измислиле насловот на приказната. Зошто не го провериле тоа, зошто не пребарале во речниците и не го нашле вистинското значење на зборот КАСКАНЏИЈА, па уште и погрешно го напишале – КАСКАЏИЈА.

Приказните кои се емитуваат на нашиве телевизии (а и сите приказни)  обично се случуваат во некое постаро време, турско. Тоа се потврдува со амбиентот во кој се одигрува дејството. Гледаме земјени чаши, земјени чинии. Гледаме бардиња за кои актерите велат (дека се стомни). Слушаме дека парите кои се спомнуваат дека се грошеви. Има и повеќе други показатели кои укажуваат на тој период, од турското време. Но, приказните се реконструираат, се адаптираат и често слушаме зборови и изрази кои излегуваат од рамките на тој период. Во една таква приказна слушнавме една, навистина, чудна реченица. Еден од личностите во еден момент му се обраќа на соговорникот: “Немој да исправаш криви дрини”. Ете, и крива Дрина влезе во дијалогот од нашиве приказни. Кој ли го измисли тоа? Овој израз, во денешново време можеме да го слушнеме. Се разбира, без никаква потреба. Од српскиот јазик тоа се пренело и кај нас. Не можеме да нагаѓаме кога и под кои услови е влезено тоа кај нас. Но, со сигурност можеме да кажеме дека во нашите народни приказни, никако не може да влезе и КРИВА ДРИНА.

Loading