ПРВОТО ПРИЛЕПСКО КИНО НА ФАМИЛИЈАТА НАПЕСКИ

Повеќе од век од отворањето на киното и првата филмска проекција

04 - P.N. so eksponati od svojata izlozba

На 28 декември 1895 година во Париз, во “Гранд кафе”, браќата Луј и Огист Лимиер, организирале прва филмска проекција. Тоа биле првите “подвижни слики” во историјата на човештвото. Оваа филмска претстава предизвика воодушевување и се смета за датум на раѓањето на кинематографијата.

Десетина години подоцна, браќата Манаки “ја донесле” кинематографијата во Битола. Во Македонија прв пат било отворено постојано кино во Скопје во 1912 година, а наредната година и во Битола е отворено кино. И Прилеп не заостанал долго. Неколку години подоцна, и прилепчани ја доживуваат првата филмска проекција, набрзо првото отворено кино.          

Во збирката на документи на историското одделение на  НУ Завод и музеј – Прилеп, постои документ од 7.10.1960 година, заведен како исказ на Пане Напески од Прилеп, роден 1902 година. Од него се дознава киноприкажувачката дејност, како и тоа како Пане Напески на 15 години и неговиот татко Димко го отвориле првото кино пред повеќе од 100 години. Пане “информира” за фамилијарниот бизнис, за филмовите, за фотографскиот занает и за многу други нешта во периодот од Првата светска војна до слободен Прилеп.

01 - Pane Napeski vo svoeto kino

Исказот на Пане Напески од 1960 година го пренесов во целост. Како што “видовте”, неговата раскажана приказна, е историја на киноприкажувачката дејност во Прилеп од повеќе од едно столетие, но и случувањата после тоа. Напески бил голем вљубеник во кинематографијата, воедно и на фотографијата која му останала пасија и професија до крајот на животот.

Моето истражување е надополнување за добивање на целосна слика за животот на киноприкажувачот, фотографскиот хроничар на Прилеп и “занесенко” Пане Напески. Со некои предзнаења, тој ја “предизвикува” љубопитноста и почнав да “трагам”. Нормално, тој не кажал сé во исказот. Со прелистување на трудовите на познавачите на “ликот и делото” на Пане Напески, Илинденка Петрушева, Цветан Беличански, Слободан Беличански, Роберт Јанкулоски, “прелистав” и други книги и открив нови сознанија за Прилеп, за “занесенкото” Пане, за неговата сопруга Слободанка, за фамилијата Напески.                                                                                                       

Исказот на Напески го надополнувам со “истражувачки зафат,,. Тој е роден во Прилеп во 1902 година од родителите Донка и Димко. Како дете, се одликувал со необично љубопитен дух. Го интересирале новите технички пронајдоци. Татко му, кој бил фотограф, му раскажувал за новото “чудо” – филмот, кој го видел во Париз. Во Првата светска војна, во 1916 година, германската војска во дворот на семејството Шесколеновци, организирале филмска проекција. Пане првпат го видел “новото чудо” – кинематографот. Бил воодушевен и се родила голема љубов. Оттогаш сонува да има свое кино. Со заштедените пари Пане и Димко купуваат проектор “Ернеман 1” и го отвораат првото кино во Прилеп во октомври 1917 година. Прв филм бил “Дамата со камелии”, според делото на Александар Дима и журналот “Изгледот на Прилеп”, снимен од германски воени сниматели. Пане раскажува дека во јануари 1918 година, од Софија, купуваат мотор и динамо за производство на струја, за хармонизација на сликата. Пред киното поставиле рекламна светилка, за која прилепчани велеле дека е сонце на дирек.

02 - P.N. pred svoeto foto studio

Немите филмови ги “поддржувал”, свирејќи на пијанино. Пане бил вљубеник и во спортот, во фудбалот. Во 1919 година во Прилеп е основан првиот фудбалски клуб СК Огнена искра. За основач или еден од основачите на клубот се смета Пане Напески, кој бил и активен играч. Потоа е фудбалер и во фудбалскиот клуб СК Југославија од Прилеп. По големата зима 1921/22 година, објектот на киното се урнал, а Пане се сели по разни објекти, како, кафеаните Србија, Кајмакчалан и други. Бил и во Битола. По повеќе селидби купуваат земјиште да градат свој објект. Во 1931 година почнала градбата на објектот за кино во зградата на денешниот прилепски театар.            Според законите на Кралска Југославија, секој кој сакал да отвори сопствено кино требало да положи мајсторски испит за киноапаратер. Во 1932 година, Пане во Белград стекнал  диплома. Набавува и тонски уред марка, ана а 25 октомври 1932 година, киното Балкан се завело во регистарот на трговски дуќани. Сопственици се Пане Напески и неговата мајка Донка. Следувала првата проекција со звучниот филм Титаник. Во 1935 година паневото кино добива конкуренција. Во занаетчискиот дом во Прилеп се отвора киното за прикажување на разните жанрови на  филмови: “Грофицата Валевска”, “Дамата со камелии”, “Источниот крик”, “Багдадски крадец”, “Раѓањето на цивилизацијата”, “Манон Леско”, “Том Соер”, “Пикова дама” и други. Неговото кино Балкан го нарекувале “прилепски културен центар” и “црвеното кино”, затоа што од 1938 година до окупацијата на Македонија, на репертоарот биле советските филмови: “Чељускинци””, “Петар Велики”, “,Волга Волга”, “Овчарчето Костја”, “Чапаев”, за што во текот на Втората светска војна ќе има и проблеми со Бугарите и Германците.

Rubin BelceskiПо ослободувањето, Пане пишува писмо до Филмското претпријатие на ФНРЈ – Дирекција за Македонија во кое стои: “Разбирајќи ја улогата на филмското претпријатие и потребите на државата го подарувам на филмското претпријатие мојот биоскоп со зградата и целиот инвентар на улица “Маршал Тито 104″… (објектот на денешниот Народен театар “Војдан Чернодрински” – Прилеп, на ул. Александар Македонски). Замолува, бидејќи нема други приходи, тој и сопругата да бидат вработени во киното. Новата власт не му ја удоволува молбата и кинотот го конфискува. Во 1948 година во Прилеп е формирана “Народна техника”, која одигрува значајна улога во развојот на техничката култура. Напески обучува кадри во фото – кино клубот и го раководел курсот за возачи. Обучил повеќе од 5000 курсисти. Откако престанал со киното, бил “фотографски хроничар на градот”, оставајќи илјадници фотографски сведоштва за историјата на Прилеп, за занаетите и занаетчиите, за градските и селските куќи, за црквите и манастирите, за Марковите Кули, Старата Чаршија и Градскиот Саат, за тутунот, тутуноберачите и за многу, многу други нешта за нашиот Прилеп.

Починал во 1979 година во Прилеп.

Историчар, директор на ЦК,, Марко Цепенков,, Рубин Белчески

Кино под ведро небо

Еве што напишал оригинално Напески.   

“Ми раскажуваше татко ми Димко, како во Париз гледал кино уште во 1908 година, како фотографиите биле претворени во живи луѓе да се движат, да одат на бело платно преку некоја проекција со светлост. Како дете, тоа многу ме заинтересира, оти татко ми беше фотограф и процесот ми беше интересен. Се заинтригирав уште повеќе во Првата светска војна кога  случајно помина еден воен кинематограф во Прилеп, кој остана 2-3 дена во Чарши џамијата под саатот. Секоја вечер му зборував на татко ми да купи кино апарат. Тој немаше доволно пари. Решив да продавам мекици меѓу војската во Прилеп и заработив 7200 германски марки.

03 - P.N. vo novot kino denesen teatar

Го натерав татко ми преку војници што си одеа на отсуство да донесат еден кино-апарат, бидејќи војници седеа во нашата куќа. Војниците за дадените пари донесоа кино-апарат кој се вртеше со рака. За светло на проекцијата донесоа боца со воздух и резервоар за газолин (еден вид бензин). Кога виде татко ми дека многу се интересирам, ми помагаше во работата. После испитување на работите на газолинот со воздух видовме дека не беше практично и успешно. Заклучивме да купиме мотор и динамо. Моторот служеше за вртење на динамото и даваше струја за проекција на кино-апараторот. Тие се купија накнадно од Софија во 1917 година. Нужно беше да се направи и зграда. Јаа турниме старата куќа на ул. “Пере Тошев” бр.18 меѓу старата црква и Грчката и да изградиме сала за кино во која работевме до 1922 година. Прв филм беше “Дамата со камелии”, а журнал, изгледот на Прилеп. Името на киното беше “Кино Прогрес”. Од поважните филмови овие пет години беа “Фантом” – германски филм и др. Салата беше на два спрата, партер и балкон долга 17 м. а широка 9,5 м. Партерот беше нареден со обични дрвени столови, наредени како во амфитеатар на гола земја. Балконот и партерот беа направени од стари даски останати од старата куќа. Во војна немавме пари и немаше од каде да се купи душеме. Бидејќи материјалот не беше здрав, се сруши во 1922 година. Не знаевме доволно да ракуваме со кино-апаратот. Се јавија тешкотии. Пуштањето на моторот траеше извесно време, потоа пак застануваше поради непознавање на механичката работа. Се појавуваше тешкотија со кино-апаратот. Првин вртев со рака и не можев да издржам. Вртев 30 минути додека заврши првиот чин. Секој чин беше долг 400-500 метра. Се случуваше и да се скине лентата, т.е. недобро залепувана каде биле сцените додавани, а се случуваше да пукни каучокот од лентата поради брзото вртење на апаратот. Многупати се палеше филмот. Се поништуваа 3-4 м. Натписите на филмовите следуваа такашто филмот го прикачуваш и штом ќе дојде до туѓ натпис, го запираш апаратот и ставаш плоча преку дијалукс и плоча преведена со натпис се ставува на она место каде што се застанало. Рекламите стануваа на овој начин. Фотографиите се редеа на тараби (даски) и се пишуваше на една книга името на филмот, во колку саатот и цената на седиштата. При првото отварање на кино-претставите, цените на местата беа следните: 1 место 1, 5 лев, 2 место 1 лев, 3 место, 50 стотинки. На балконот беше 2 лева. Во 1922 година, бидејќи немаше доволно претстави, киното сее пренесе во Битола, во “Гранд хотел”. Седевме 3 месеци, надевајќи се да добиеме филмови од Солун. Не добивме. Го вративме киното во Прилеп и останавме без работа 4 месеци. Под кирија го добивме кафето “Велика Србија” во 1923 година. Умре и татко ми. На 16 години го продолжив киното. Главна работа за прехрана ми беше фотографскиот занает. Кога техниката напредна почнаа да се произведуваа електро мотори. Купив моторче и го поставив на апарат да врти и се ослободив од вртење со рака при прожектирање на филмот. Работев до 1931 година. Направив 4 прекини оти публиката не го примаше киното како културно-просветна разонода, туку бев потценет оти сум ги водел граѓаните на лош пат. На улица, жени и мажи ме плукаа оти сум ги носел деца по лош пат. Народот сепак увиде дека киното е полезно со прикажување на забавни, историски и поучни филмови. Народот зеде сосема друго мнение и почнаа да ме почитува. Во 1931 година од српските власти бев истеран како Македонец, односно не Србин, а како голем Србин беше донесен од тогашните власти Ице Зерде. Тој беше заштитен од српските власти, оти татко му беше претседател на општината. Тој отвори кино во просториите на хотелот “Велика Србија”, иако имав платено кирија на сопствениците Бомболовци однапред за 6 месеци просечно. Си ги прибрав машините и си одов дома. Бев приморан да купам место, иако немав пари. Запнав со фотографскиот занает. Скитав по села, панаѓури, слави, цркви повеќе да сликам и да заработам. На денешното место на улица “Моша Пијаде” бр.104 почна градбата на кино салата во 1931 година. Ги одбегавав криминалните и каубојските филмови, бидејќи тоа би се одразило лошо на воспитувањето на младото поколение. Не бев послодавец, туку во своето кино бев работник, кино-оператор. Мајка ми беше вратар и кинеше билети, а брат ми Гоче и сестра ми Ружа беа редари. Стоеја и на благајната. Ова кино беше од работната снага на целата фамилија Напевци, која работеше до 1946 година. Во 1935 и 1936 год. стапив во врска со Данко Гешелин, Русин, кој работеше во “Меркур-филм” – Загреб. Ги имаше Советските филмови на рака од Државното претпријатие “Мос-филм”. Сите советски филмови во Загреб веднаш беа праќани како во Прилеп. Со голема пропаганда младината ги прими филмовите со големо задоволство. Во дискреција киното го викаа советско кино. Прикажани филмови од овој жанр беа: “Чељускинци”, “Жена за 1000 рубли”, “Московски славеј”, “Златниот кључ”, “Василиса Прекраснаја”, “Пастир Костја”, “Волга-Волга” и многу други. Филмовите се прикажуваа до окупацијата на Бугарите 1941 г. И за време на окупацијата, од кога почна отпорот во Прилеп, задржав некои советски филмови и ги пуштив повторно пропагандно. За филмовите “Волга-Волга” и “Даштерјата на Панкратов”, бев повикан од бугарските власти и доста малтретиран. Салата секогаш беше дозволена за конференции на напредната младина, одржувани во тајност. Покретот го помагав преку сестра ми Ружа. Целата наша фамилија работеше за покретот. Прилеп беше нападнат на 9.9.1944 година од страна на партизаните и бугарската војска и ослободен истиот ден. Другиот ден се даде проглас, кој сака да стапи како доброволец на народната војска да појди на помош кај местото “Дабнички завој”, или како што народот го вика по старо Капандрица и таму не дочека другарот Мики, капетан на НОВ и ПОЈ и многу други другари, кои ги запишуваше за партизани. Поседов 6-7 саати, примив храна и дојде другарот Коце Солунски. Ми рече: “Ти Пане иди со мене, бидејќи си потребен да прикажуваш филмови за нашата НОВ. Разбравме дека си имал запазено советски филмови и дека треба да ги прикажуваш”. Филмот ,,Волга-Волга,, го имав скриено во Варош, кај другарот Пецо Јандреоски. Го зедовме веднаш со џип од Варош и уште истиот ден почнав да давам претстави. За 6 дена дадов 36 претстави со 13-14 000 посетители – борци од НОБ. Со киното работев до напуштањето на Прилеп од страна на партизаните. Кога се истеглија партизанските војски од Прилеп, отидов во манастирот Трескавец со партизанските единици. Седев до второто ослободување на градот. По ослободувањето го наставив како сопственик на киното до јуни 1946 г. Излезе закон со кој сите кина во Југославија како културно-просветни установи да припаднат на државата. Станав единствен работник кино-апаратер. Синдикатот ме свика да се оформи народна техника која за оспособување на кадрови, шофери, трактористи, фото-аматери, кино-аматери и др.

Loading