ТУРЦИ ЌЕ ГО КУПАТ ВИШОКОТ НА ТУТУН?

tutun

Се спремаат леи, а тутунот неоткупен

-Се бара нов правилник за проценка на тутунот, повисоки цени и виза за зголемено производство од 180 на 230 кгр. од декар

Додека дел од тутунарите веќе ги подготвуваат леите за годинешната тутунопроизводствена сезона, околу 1500 тони тутун од ланската берба ги чека откупувачите да го преземат. Особено е драматично во долненските села, каде тутунарите стравуваат дека родот ќе им мувлоса и ќе им пропадне вложениот труд. Се жалаат дека откупувачите не покажуваат готовност да го платат родот и по пониски цени.

Тутунските здруженија апелираат, државата да ги пренасочи петте милиони евра за поддршка, за откуп на преостанатите количества лански тутун и родот да не зарши на буниште. Министерот за земјоделство Арјанит Хоџа бара начини вишокот на тутун да го откупи компанија од Турција.

-Треба пратениците да им помогнат на тутунарите за да се дооткупи ланскиот род. Треба да се смени законот за тутун и да се продолжи рокот за откуп. Треба да се дислоцираат 5 милиони евра за дооткуп и да не се остават тутунарите на цедило, а ,,жолтото злато,, да заврши на ѓубриште. А со тоа многу семејства на кои тутунот им е единствен извор за егзистенција да останат без леб – апелираат тутунарите.

Хоџа верува ќе се донесат законските измени за пролонгирањето на рокот за откуп. Покрај турска команија, тој најави испитување на можноста Тутунскиот комбинат, каде државата е сопственик на над 90 отсто од акциите, да го преземе родот.

-Надвор од договореното, откупени се 2300 тони. Според процените, останаа неоткупени околу 1 500 тони. Верувам дека ќе се смени законот и ќе се пролонгира откупот до 31 март за да се преземи вишокот тутун. Со министерот за земјоделство на Турција разговаравме да се најде компанија, да го купи овој вишок. Очекуваме одговор. Ќе видиме каква би била и улогата и на Тутунскиот комбинат – изјави Хоџа.

Хоџа најави вклучување на министерството во преговорите на тутунарите со откупувачите за договорите за новата реколта и бараните измени во правилникот за тутун.

-Ќе информираме колкаво ќе биде производството и колку би требало да се произведе тутун за добра цена и за добар квалитет годинава, а откупот да се одвива без пречки. Ќе се разговара со откупувачите за промена на правилникот за проценка на тутунот. Очекувам разбирање и од откупувачите. Ако не се најде заеднички договор, ќе постапиме како што е најправилно – рече Хоџа.

Тутунарите реагираат дека откупувачите не сакаат да преземаат четврта класа, но и дел од квалитетните берби.

-Нема да склучуваме договори додека не ги решат проблемите на заедничка маса со откупувачите. Бараме измени на правилникот за тутун, да има прва, втора, трета класа, а четвртата да биде збирна, за сé што останува, зголемени цени по класи и зголемување на производството по декар од 180 на 230 килограми. Предлагаме 300 денари прва класа, 260 денари втора класа, 200 денари трета класа и четврта, збирна класа 130 денари. Веруваме дека министерството ќе најде начин да се откупи вишокот и за целиот тутун ќе бидат платени субвенции. Не се согласуваме да се намали производството на тутун од 23 на 21 илјади тони – изјави лидерот на тутунарите Менде Стомнароски.

Досега се откупени над 25 илјади тони тутун.

Loading