НАРАТОР КОЈ ЗАМЕНУВА ОЧИ И СРЦЕ

Slusni ja svojata kniga so glasot  na Irena MirceskaАктерката Ирена Мирческа чита аудио книги на платформата Самоглас

На првата платформа за пласирање на аудио книги на македонски јазик Самоглас книги чита и прилепчанката, актерката Ирена Мирческа (1992). Таа несебично го позајмува нејзиниот глас, збогатувајќи ја аудио библиотеката која е нов модел за претставување и промоција на литературни содржини на македонски јазик од Здружението за афирмација на уметноста Флуктус. Меѓу дипломираните актери од Факултетот за драмски уметности – Скопје, во проектот, е и Мирческа. Гласот í е снимена во аудио книгата Модри фантазии од Снежана Стојчевска која била избрана на конкурсот Слушни ја својата книга.

Мирческа е нараторка на повеќе книги и е горда прилепчанка за која тоа било убаво искуство. За Зенит открива како одел целиот процес.

– Се вклучив во проектот, бидејќи е иновативен и е единствен на нашите простори. Овозможува во било кое време да се слуша добра книга, Самоглас има и друга благородна мисија – им помага на лицата со дислексија и на слепите. Бидејќи го позајмив гласот за неколку различни жанрови, секое времетраење на читањето беше различно. Поради пандемијата, Самоглас имаше направено форма на водич како читањето и снимањето да можеме да го направиме од комфортот на своите домови. Последната книга што ја читав беше поезија. Снимањето траеше една недела. Најпрво ја прочитав книгата за себе, да ја сфатам и да се поврзам со стиховите. Потоа се прави пробна снимка да се провери динамиката и дикцијата. На крајот се преминува на снимање на материјалот – објаснува Ирена Мирческа, актерка.

Емоциите кои се доживуваат додека се држи книгата в раце, со аудио книгите допираат преку друго сетило. 

Irena Mirceska - Tvrdite korici se  nezamenlivi -vreme e na digitalizacija

– Дали со гласот се заменува доживувањето со читањето со очи? Би одговорила “дипломатски”. Зависи што сакате да извлечете од читањето/слушањето на книгата. Во време кога сé се дигитализира, треба да имаме избор. Тврдата корица не може да ја замени ништо, но зошто да не ја дополниме нашата физичка библиотека со аудио библиотека? Самоглас е очите на лицата со попреченост, нашите очи кога се уморни, очињата на нашите најмили кога пред заспивање ќе слушнат некоја од бајките достапни на платформата на Самоглас – објаснува Мирческа.

Аудио книгите се достапни на веб платформата на Самоглас, како и на апликацииите за мобилен. За гласовното читање на книгите, здружението било поттикнато од постојаниот пад на просечните оценки на учениците и сакале да донесат услуга која постои веќе некое време на глобално ниво, овозможувајќи и олеснувајќи пристап кон литературна содржина за сите. Не само за оние кои сакаат да слушаат аудио книги, туку и за оние на кои им е потребно како лицата со инвалидност, слепите и слабовидни лица, како и лицата со дислексија. Платформата постои една година и има повеќе од 8000 активни корисници, 50 книги од различни жанрови и е наменета за сите, од 7 до 77 години. Бесплатни се сите достапни книги на платформата.

Irena Mirceska - del od kampanjata  Praznuvaj odgovorno

ЧЕКОР ПРЕД СВОЕТО ВРЕМЕ

Мирческа е дипломирана актерка во класата на Златко Славенски во 2015 година на факулетот за Драмски уметности во Скопје. При студирањето играла во повеќе претстави, дел во прилепскиот театар, од кои ги издвојува ,,Клетници,, во режија на Мартин Кочоски и ,,Сон на летната ноќ,, во режија на Нела Витошевиќ. По дипломирањето, со група колеги, има обид да создадат независна платформа, процес кој што трае повеќе од година, а сите собираат искуство за цел живот. Покрај актерската кариера, пројавува интерес за старт ап компании. Речиси една година е дел од тимот на американска компанија. Смета дека актерството може да се вклучи скоро во секоја професија. Тргнувајќи од таа точка и кога не е во театар, собира искуство за моментот кога ќе биде. Вели дека е чекор пред своето време, и е горда со своите колеги.

Мирческа живее во Скопје, Од неодамна е дел од ансамблот на Тетовскиот театар. Беше дел и од ТВ кампањата ,,Празнувај одговорно,, од Министерството за здравство во борбата со пандемијата.

Loading