ВИРУСОТ Е НЕМИЛОСРДЕН, А СПАСОТ Е ВО ВАКЦИНАТА

Д – р Олга Николова, специјалист инфектолог во пензија

olga nikolova

Прилеп го доживеа најцрниот осумдневен биланс од почетокот на пандемијата од вирусот Ковид 19 (15-22 декември). Дури 28 прилепчани починаа за осум дена или повеќе од тројца дневно во периодот. Од почетокот на пандемијата, од коронавирус починале 195 лица. Од Центарот за јавно здравје информираат дека изминатата седмица, бројот на активни случаи изнесува 793, 602 лица се на домашно лекување, 91 на болничко, а 100 се лекуваат во дневната болница. На кислородна поддршка се 57 пациенти. Во домашна изолација и самоизолација се наоѓат 1.424 лица. Вкупно заразени од Ковид-19 се 3.946 лица.

Има ли пропусти во лекувањето, дополнителни мерки и потребна ли им е на прилепските лекари помош од Скопје. Зенит побара одговор од  Д-р Олга Николова, специјалист инфектолог во пензија. Таа е на став дека е пожелно да дојдат на помош колеги, ако има кадар во Скопје, но спасот и крајот на пандемијата е во вакцината.

– Причината за големиот број заразени од Ковид 19, мислам дека не е во пристапот на лекувањето. Во тој дел е се во ред. Сметам дека причината е до недоволното придржувањето на мерките за заштита. Тоа значи не носат маски, не држат дистанца, повеќе луѓе во се собираат во затворен простор. Недостатокот на термините, доцнењето на тестовите е минимална причина за растот на бројот на заразените. И да сум сега во Инфективното одделение би ги применувала мерките препорачани, односно протоколите од Министертвото и од СЗО. Тие се соодветни, препорачани од најстручни луѓе. Да се ублажи оваа ескалација на заразата, на прво место е вакцинирањето како превентива за заштита на населението. Додека стаса вакцината, нема друго чаре, освен придржување на мерките – вели Д-р Николова.

Пред претстојните празници кога се негува традицијата на собирање на прослави прилепчани одговорно да се однесуваат. Да се воздржат од големи собири, оти контагиозноста на вирусот е многу голема.

– Главно преносливоста на вирусот оди преку контакт, вирусот се пренесува преку кивање и кашлање. Внимателно и одговорно за празниците, оти се пренесува преку воздухот, преку аеросоли. Матичните лекари вклучени во лекувањето на заразата се добредојдени, бидејќи се ,,уиграни,,. Мошне се активни. Прикривањето на симптомите може да предизвика компликации, кои главно се манифестираат 7-10 дена. Причинител е вирусот кој не е доволно познат, непроучен. Важна е генетиката и самиот вирус кој е патоген и многу контагиозен. Пожелно е да дојдат лекари од Скопје, но и таму нема доволно инфектолози. Инаку, колегите се консултираат со своите колеги од Скопје, професори, според соодветни процедури, протоколи. Дури и за обични работи се консултиравме со колегите од клиниките.  Нема грешки во процедурата, грешката е во вирусот – вели Николова.

Таа апелира да се вакцинираат граѓаните кога ќе пристигне вакцината во нашата земја.

– Ваквата состојба може да се ублажи само со вакцината. Отпор има како за сите вакцин. Некои луѓе не размислуваат добро. Дотогаш им препорчувам на прилепчани да ги редуцираат контактите на најниско ниво и да се вакцинираат, по претходна контрола на алергичност. Профилаксата е вакцината во моментов – вели Д-р Олга  Николова.

Додека се чакаат првите вкцини, а податоците за заразените и починатите растат, нужна е одговорност не само за сопственото здравје, туку  и за блиските, особено зо претстојниот период на празнување.               

Loading