ПАКОСНА ЧУМА ВО МАРИОВО

Чумата останала во долго сеќавањата на мариовци поради свирепоста, пустошот и пакоста каде ќе зафатела. Луѓето живо се сеќаваат како изумреле цели фамилии или како цели фамилии за секојпат го напуштиле родното огниште. Бегале пред смртоносниот налет. Се селеле цели села како Чумово кое неколкупати бегало нагоре да се скрие во пазувите на Селечка Планина. И така го добило името.

Ако се сетело да се разболи стоката од чумата, таа одма пцовисувала. Се препознавала по тоа што од едната страна целата била помодрена. Тоа било сигурен знак дека е чума. Да се искорени или избркала, селаните викувале двајца браќа близнаци и спрегнувале два вола браќа и со рало со една бразда го заорувале целото село. Се мислеле дека повеќе болеста не ќе може да влегува во селото, како по добитокот, така и по луѓето. Секој петок се постело за превентива.

Ако селото веќе било зафатено се бркала со фаќање на жив оган. Се земале две смрекови дрва долги по три метра. Тие се триеле додека не се запалеле, односно не се добиел жив оган. Кога се фаќал жив оган, нигде во селото не смеело да се пали оган, оти тогаш не можело да се добие живиот оган. Марифетот го терале најстарите луѓе, и тоа двајца старци вдовци без баби или како што ги викаат во овој крај парјаксани. Тие избирале место над селото, повисоко каде можело да се направи тунел или процеп да се протерувала стоката, а потоа да поминуваат и старо и младо од целото село. Се палел оган на двете страни од тунелот,а  од страните стоеле по еден од старците голи. До половина биле завиткани со некоја черга -алиште, а како симбол пред огнот биле поставувани две пушки и два ножа. Низ тунелот минел, го затерувале добитокот, овците, воловите, маските, магарињата и др, а луѓето со запалениот оган, старците кој во рацете држеле гламни, ја нагорувале стоката било каде ќе им се згодело, со што се мислело дека ќе се истера чумата. По стоката, меѓу двата огна минеле низ тунелот и луѓето со зборовите – ,,поминав меѓу две пушки, не ме отепаа, поминав меѓу два ножа, не ме заклаа, поминав помеѓу два огна, не ме изгореа,,. И луѓето се нагорувале со живиот оган. Имало случаи на луѓе кои останувале доживотно со лузни на рацете, нозете, образите и на други места по телото од овој оган.

После се верувало дека чумата е избркана и дека повеќе нема селото да биде зафатено од пакосната болест како што ја нарекувале. Од живиот оган земала секоја фамилија по едно жарче да го запали огнот дома.

Loading