СПАСЕНИ СЕЛАНИ ОД ЈАВЕН ГРАБЕЖ

За време на Првата светска војна навратиле неколку бугарски војници во пејовото село и го побарале кметот Пејо. Тој се истрчал и учтиво ги прашал како може да ги услужи јунаците. Еден од војниците се претставил како водач на дружината. Во името на законот и власта побарал веднаш да му се најдат пет-шест магариња да пренесе до фронтот некои работи. Кметот, како одговорно лице, ја примил наредбата и им ветил дека ќе ја исполни. Рекол дека тешко ќе оди, бидејќи селото е малечко, со малку добиток па и самари се потребни. Замолил да останат пред крчмата, а тој оди да ја изврши работата.  На селското зборно место Пејо се качил на ритчето откаде што можеле да го слушаат селаните и откаде што ги издавал сите наредби. Го издолжил вратот, собрал воздух во градите и викнал силно колку што му носи душата.

-Е, у, у, у, ј, селани брееееееј, ооооо! Дојдоа Бугариња, сакаат, брееј, магариња! Кој има магариња со самарчиња, нека ги тера низ долината! Кој има магариња без самарчиња, нека ги тера пред општинааааааааааа!

Сите селани убаво го разбрале и ја извршиле наредбата. За неполн час сите што имале способен товарен добиток, веќе биле низ долиштата, а оние со некое доодено, слабо, исушено, криво, слепо и без самар, ги дотерале пред општината.

Бугарињата не можеле да земат ниедно, зашто требало и него да го носат, а не да го товарат. Така кметот Пејо ја извршил наредбата од воените власти и ги спасил селаните од јавен грабеж.

Loading