НАМЕСТО IN MEMORIAM ,,ЗАМИНА,, НИКОЛА ТОДОРОСКИ – ЧОБЕ

corbeНеодамна, по кратко боледување замина, блиските, роднините и пријателите ги напушти  Никола  Тодороски – Чорбе, долгогодишен  генерален директор на Тутунскиот Комбинат – Прилеп. Ги напушти кога најмалку се очекуваше, кога во неговиот двор само што расцветаа елките, борчињата, сансевериите, драцените што тој ги обожуваше.

Тоа пробуди сеќавање на песната ,,Сеќавање на Ѓорета,, во кое поетот вели:

,,Уште два – три дена преку сила,

да додржам,

да не цутам,

од жал за него.

После ќе ме наваса пролетта,,

Но, како во песната и нашиот Чорбе не ја дочека пролетта да им се радува на  цвеќињата и да го почувствува мирисот на  розите  кои ги обожуваше.

Никола Тодороски е роден 1940 година во Прилеп. Завршил Економски факултет. Бил раководител на финансиската оператива во Тутунскиот Комбинат. Во периодот од 1979 до 1983 година беше финансиски директор. Од ноември 1983 до 21 ноември 1995, цели 12 години беше генерален директор на Комбинатот. За време на неговото директорување, овој колектив бележи најголеми успеси.

Бил претседател на Синдикалната организација, член на Комисијата за спорт и рекреација на Сојузот на синдикатите на Југославија, член на Претседателството на републичкиот синдикат и на други сојузни и републички тела.

Никола Тодороски бил член на Извршниот одбор на Стопанска банка –  Скопје, член на Извршниот одбор на Југобанка – Скопје, претседател на Одборот за тутунска и прехрамбена индустрија. Вршел и други високи функции во Комбинатот и во Републиката.

Болеста е неумолива. Го наваса и го однесе засекогаш. Го однесе, но столчињата на Чорбе, Стеван, Кире Тавчија, Мики Поштарот, Мирко, Бамбе, Ратко, Бучко, Атанас, Икономо, Благоја, Ничката, Зоре, Блаже, Миле Грданот, Тачко, Ридарците, останаа тука, но Чорбе замина. Мртвите велат не треба да ги  отпишуваме, зашто понекогаш можат да ни се јават и на сон. Народот за мртвите вели: ,,Мртвите живеат додека тие кои биле блиски со нив се сеќаваат на нив,,. Така сите ние ќе се сеќаваме  на Чорбе.

Никола Тодороски – Чорбе  зад себе го остави семејството кое секогаш ќе живее со неговите спомени, а тоа се сопругата Лилјана, синовите Илчо и Влатко, ќерката Пацка и нивните семејства.

Од пријателите од ресторанот ,,Стара чаршија,,

Loading