РЕЧИСИ ЕДЕН ВЕК ДРУГАРУВА СО ГАЈДАТА И ОВЦИТЕ

Познатиот овчар и гајдаџија Ристе Атанасоски од Чаниште (93)

CIMG3103

 

Утре му е роденден на Ристе Атанасоски. Ќе наполни 93 години. Заедно со бројното семејство ќе го прослави родениот ден и по којзнае којпат, пак ќе ја фати гајдата в раце како што тоа го чинел цел живот.

Седумдест, осумдесет години е со гајдата. И ден денеска. Задолжително за семејниот празник Петковден и Света Петка. Ја вади од долапот, да го одбележи сведенот и да запее некоја од песните кои некогаш ги радувале чаништани на свадби, првичиња, крштевки сред село. Ристе седумдесет и кусур години е прилепчанец. ,,Галениче,, е на четворицата синови: Тоде, Трајко, Стојан и Ѓорѓија.

Свири на кавал, на писка. Тешко му работат прстите на утринското сонце со леснотија да танцуваат на писката. Циркулацијата заради возарста го прави своето. Но, не се заборава ученото, она што се носи во срцето и душата. Талентот не умира, не згаснува. Како и меракот. Желбата за музика.

-Немаше свадба без мене, оти бев не само гајдаџија, туку и песнаџија. Свирев и в град и в село. Влегувам в куќа и почнувам да свирам и да пеам, за слава, за свадба. Кога ќе запеев како ѕвонец, само со гајдата знаев да пеам. Таа ми дава мелодија – раскажува Ристе. 

Пасел овци до 80 години. Браќата си живеат, си помагаат. Душата му се полни на Ристе, оти речиси во еден двор се збрани челадта, која меѓусебно се сака, почитува и помага. Освен едниот син кој е во Виена. Но, и за него негува љубов во мислите. Се радува на животот.

CIMG3107

-Живеам убаво, искапан, најаден, напијан, променет. Апчиња не пијам. За доктор не знам. Пензијата му ја давам на детето да пазари – вели Ристе.

Уште ги чува стотината ѕвонци клопатарци од овците. На душата му лежат ѕвонците, клопотарците и гајдата. Дури е жив ќе ги чува. Од дедо, прадедо Ристе е гајдаџија. Најмила песна му е ,,Село капетано,,.

Години минал катаден со пушката, лебот во торби, за себе и кучињата, сорот закачен на појас, кавалот, гајдата опкружен со булук овци и кучиња по планините, меѓу папратот и орманот до Белото одел. И за времето на Колективот има горко искуство кога не се ценел трудот на селаните, а се одземале козите и имотите.

Riste 1Одел на жетва, на орање, добивал парче леб, некогаш и сирење. Или пак мазник. Имал живот мачен. Но, имал голема слога со сопругата која го напуштила и заминала во вечните почивалишта.

За рецептот за долговечноста вели дека е во сојот. Долг живот имале и дедо му, прадедо му. Но, зависело и од исхраната. Качакот го откажал одамна.  

-Сé што сум јадел, било природно. Цигари не пушам. Многу јадев и сирење и млеко. Сега не толку. Сакам манџа со месо. Најважно е човек да не се нервира. Нервозата убива – вели Ристе.

Желба му е да појде во Виена кај синот Трајче, кој свири на дувачки инструменти. Знае да дува  на гајда и да í дава хармонија како татко му. Има многу внуци и пра правнуци.

-Откако ќе дочекам да се ожени правнукот, внук од внук од внука од синот, кој сака нека умира – вели Ристе.

На срамежливото октомвриско сонце, во дворот по кој знае којпат ја истегна гајдата чиј звук се разнесе низ воздухот. Ги наполни градите, ги зареди акордите, како што ги правел свирките речиси еден век, затоа што со гајдата е од десетгодишна возраст. А сака со неа да другарува и до стотката.              

Loading