ПОБЕЗБЕДНО Е СО АВТОМОБИЛ ОТКОЛКУ СО ВЕЛОСИПЕД

Паре Дудеска, прва жена возач

Pace 5

За разлика од денес кога вообичаена слика е зад воланот да управуваат жени и девојки со наполнети 18 години и не е ништо чудно и необично, во 1964 година Паре Дудеска била сензација. Била првата жена – возач во Прилеп, а згора на тоа го возела и првото Фиќо во градов кое во тогашна Југославија го добила на лотарија. Паре со 78 години, уште се гордее дека била првата која во тие конзервативни услови се осмелила да седне во превозно средство на четири тркала и со леснотија да ги совлада возачките вештини. Постојано возела. И сега, повремено за потреба со леснотија се фаќа за воланот. Ја знае цел Прилеп, ем како првенец во автомобилизмот, ем како шивачка на која работ никогаш не и се искривил и сé што ќе сошиела на муштеријата му стоело како калап. И по повеќе од половина век, таа со задоволство се сеќава на моментот кога и се насмеала среќата. И паднало фиќото, на кое ,,маста,, му ја извадила од возење, требало нетребало. Се настаменувала на возачкото седиште и терај, и уживај.

Pace 2– Работев во Солидност. Поминуваше продавачот на лозови. Купив и го ставив во ќесето. Поминало извлекувањето. Не обрнав внимание. Сестра ми работеше во Витаминка и ми донесе весник: ,,Мори сестро, имало фиќо паднато во Прилеп, види! Ко гледам бројот се подесува. Сабајлето со велосипедот одам во Солидност, а татко ми Коле го зел лозот и отишол во Туристичко биро, весникот и лозот заокружен. Таму го чекаат добитникот 4-5 дена. Никој не се јавил. Кога ќе го видат купончето со кармин исцрвено во чантата. Освен Фиќото, доделија Фиат 1300 и мотори. Мојата награда беше трето, четврто извлекување. На работа честев чоколадца. Дојдоа новинарите. Во Солидност наместија звучници да се слушне, оти во Прилеп има паднато Фиќо и шефицата ми вели: ,,Стани оди. Сите во тебе гледаат. Барем една нема да работи, а другите ќе работат,,. Кога си појдов дома, цел Варош собран. Во 2 саатот на радиото Зафирот јави со зборовите кои дури сум жива ќе ги думам: ,,Прв пат купила лоз и добила голема премија, Паре Степанулеска,,! Тоа ми беше моминското презиме – раскажува Паре.

Тоа било убаво доживување, секому да му се случи. Среќниот датум бил 9 април 1964 година, а полагала на 13 јули. Немало комисија овде, па идела од Битола.

– Стартот беше пред гимназијата Кочо Рацин, кај рекана. Деветмина бевме, а јас девојче. Два месеца учевме ,,моторно дело,,. Сите беа трактористи. Ми дадоа столче настрана, а тие на клупи. Кога го извлеков ливчето еден од петчлената комисија извика: ,,Зарем може и овде среќа да те служи,,? – монтирање гума! Ко ,,откачив,,, еден електричар беше, телевизори поправеше и го турнаа. Комисијата рече дека кога ќе имаат кандидати подготвени како мене, да ги викаат. Оттогаш не запрев – вели Паре.

Била примерен возач. Не чувствувала страв. Желба и храброст за возење огромна.

– Пресреќна бев кога го добив Фиќото и секој момент сакав да возам. Имав задоволство, ќеф. Инаку дотогаш одев со велосипед. Осум деца бевме, кој ти мислел дека дека ќе имам кола и ќе возам. Со фиќото си одев на работа во Солидност. Ќе ме пратеа од Варош на пазар, а јас колата под мене, Битола на пазар. Кола не сретнував, прва лека кола беше мојата во Прилеп, другите во тоа време 7-8 беа државни. Одевме со жените на шетање во Лерин. Имам голема фамилија, осум сестри и што правев татко ми и мајка ми качи ги в кола, правец Скопје, Крушево. Потоа се омажив, но не престанав да возам – објаснува Паре.

Pace 4Цел век била и на машина за шиење. Од 14 години шие, прво дома, после во Солидност. Ко видел татко и кој бил певец в црква дека девојчето многу му е оптоварено, ја извадил од работа и после работела дома со калфи. Шиеле костуми, фустани невестински, одежди за поповите и монасите на манастирот Св. Архангел, за Зрзе и за Трескавец. Прилепчани ја познаваат како вешта шивачка. Веќе 20 години е вдовица. Откако í умрел сопругот многу е повлечена и се грижи само за семејството.

Фиќото го продала на медицинска сестра и со тешко срце се разделила. На сите кои имаат страв и не возат им влева оптимизам:

– Многу е убаво чувството. Секој да си положи и да вози. Посигурна бев со Фиќото, отколку со велосипедот.  На времето немаше автомобили. Најмногу се плашев од арабаџиски коли и не знаеш што ќе направи коњот. Кој сака можам да го учам – вели Паре.

Возачка има од 1964 година. Во последните 7-8 години вози повремено, помалку. Повеќе милува да ја вози синот.  

Pace 6ПРВА НА РЕЛИТО ДО МАКЕДОНСКИ БРОД

По дестина години откако положила се натпреварувала со жени возачи. Го освоила првото место на авто релито за жени до Македонски брод организирано за 11 Октомври во 1980 година.

– Имаше столпчиња на паркингплац пред Стара нама. Бевме 7-8 жени, возачи од цела Македонија, од Скопје, Велес, Кавадарци… Требаше да се гаражира, напред – назад, да не турниш. Бев пофалена. После имавме временско возење до Македонски брод. Се знаеше колку беше знакот, колку треба да се вози, каде треба десната страна да се држи, како треба да претекнува, каде да се даде трепкач… Го освоив првото место – се сеќава Паре.

НЕМИЛ НАСТАН ЗАРАДИ ТУЃА ВИНА

Паре со Фиќото била побрза во извршување на секојдневните обврски. Секаде стигнувала со автомобилот. Памети и немили случки заради туѓо невнимание.

– Многу возев, но мошне внимателно, без никакви грешки. Еднаш кај Извор, кај мостот, патот беше наудолу, си идев од Скопје и ме ,,заслепи,, возач од камион. Господ беше со мене. Ја фатив сосема десната страна и одма прикочив. Многу возев, а никакви прекршоци не направив. Како млада невеста излегувам в чаршија со колата. Пред реклами в центар пред мене врви инвалид со количка на зебрите. Закочив. Одназад ме удри автомобил. Човекот замина со количката и не се направи пакост. Само на Фиќото. Колку што можам и не можам, се развикав и кога ќе видам дека возел милиционер. Тој вика и мислеше дека немам возачка. Наместо тој мене да ме носи, јас го однесов во внатрешни. Таму објаснив, а командирот му рече дека после повеќе со него ќе зборувале и заминав – раскажува Паре.

Pare 6

Loading