МАРИФЕТ

Сé има свој марифет, од градење куќа, до вденување игла. Некои откриени, некои сé уште не, ама тешко кој може да ги преброи.

Да постоеше човек кој не знае ниеден марифет, би се зачудила. На неговата сиромаштија би í немало крај. Кој знае како би преживеал таквиот човек во секојдневиево. Ќе беше тешко прифатен и најверојатно исмеан. Можеби би можел за сите марифетлаци кои ќе му притребаат во животот, да користи луѓе што ќе работат за него, но и за тоа треба марифет.

Од друга страна, изгледа многу попримамливо, човек кој ги поседува сите марифети на светот, нормално ако нивната бројка не се менуваше на секој час. Нему сé во животот би му одело како подмачкано. Во ништо нема да осети тешкотија. Ќе знае, и сé, и ништо. Тоа би било претежок товар, а ако се пофали на барем еден за својата ретка дарба, тогаш редици ќе чекаат пред неговата врата за да дознаат марифет плус. Би можел да заработува само од тоа, делење марифети за сé и за ништо, оти чинам дури и ништото има марифет. Ќе мора многу да помни, да биде постојано концентриран и нормално, негова обврска, а и сечие очекување би било да не греши. Во неговиов случај, грешката би се земала како страшен грев, бидејќи човек кој ги знае сите марифети не треба да греши, нели?

Кога би можеле да избереме меѓу човек со марифет и човек без марифет, претпоставувам ќе имаме потешкотии во донесувањето на оваа тешка одлука, оти не им е лесно ни на двајцата.

Марифет е турцизам кој потекнува од турскиот збор марифет. Во македонскиот јазик се употребува со повеќе значења и тоа вештина, снаодливост, мајсторство, умешност, препреденост, лукавство, шега, вредност, полза и тоа во улога на именка.

Нина Насеска

Loading