СВЕЧЕНО ПОГРЕБЕНИЕ НА МАТОРИЦА

Попот Ангеле многу се заложувал за морал и чесност во селото. Проповедал во црквата секоја недела. Ги учел селаните да се придржуваат кон сите десет божји заповеди, наблегнувајќи најмногу за постот и молитвата, за посетување на црквата, за моралниот живот во семејството, за братољубието, за кражбите и присвојувањето туѓа мака, за среброљубието и…      

Дали тој се придржувал на заповедите, не било важно. Имал завршен збор на крајот од проповедите, велејќи:

-Слушајте што вели попо, а не правете што прави попо.

Селаните го слугале и ко будали му верувале. Но, многумина терале мајтап за ,,божовниот,, поп.

Во подигравките со попот еден од селаните жртвувал 15 златници, наполеони.

Му пцовисала на селанецот една маторица и тој решил, и по цената на толку пари, да го испроба попот до каде оди неговата лакомштина за која велел дека е еден од смртните гревови. Му отишол на попот и го замолил.

-Ми пцојса маторицата, дедо попе, и те молам да дојдеш да ја отпееш и да ја закопаш на гробиштата.

-Како че закопам маторица? Кај се чуло и видело животно да се пее и да се закопува со поп? – одговорил попот дури навреден.

-Да ти објаснам малку. Маторицата не е обична. Ко умираше остави аманет да биде закопана ко шо се запретуваа лујџето. Ми ги остај овие 7 напалони да му ги дам на попот шо че ја закопа. Еве, земи си ги паричкиве и сврши ја работава да не барам друг – му рекол селанецот, подавајќи му ги 7-те златници.

Попот ги погледнал златниците, ги зел од раката, ги протркалал од брадата да се намножат како влакна од неа и ги турил во џебот.

-Е, така може, може! Бог да ја прости маторицата. Чинете азар да ја испратиме до вечната куќа… Само, глеј да не му оит в уши на владиката за ова работа, та да не аргоса и тебе и мене.

Така селанецот направил мртовечки сандак, свеќи, пченица и сé друго потребно за закопот. Со неколкумина селани и селанки, со попот пред ,,скапиот,, покојник се извршило необичното погребение.

Селанецот му жугнал на владиката дека попот Ангеле закопал маторица со сите црковни обеди. Владиката се налутил, та веднаш пратил абер до попот. Овој го пријадел јасник и почнал да се тапка и да се жала.

-Сигурно за та џаолска маторица ме вика! Че си ја земам бељата, че ме обричи – си рекол во себе попот и отишол кај селанецот на совет дали ќе може да му помогне некако.

-Да сториме инчар? Бидува ли? Че речеме дека го излагале тие шо му кажале.

Селанецот тоа го чекал.

-Никаков инчар, никаква лага! Цело село знај дека ја закопавме маторицата. Ама беше умна маторица, та предвидела дека че разбере владиката. Та и за него, еве, му остави 8 напалони. Земи ги и однеси му ги. Че видиш дека нема да те кара.

Попот ги зел златниците и кога владиката почнал да го кара и да му се заканува дека ќе му ја обричи брадата, ќе го распопи, тој ги извадил и му ги подал наполеоните.

-Бујрум дедо владика, овие ги остајла маторицата за тебе.

-Е, така бива, попе, бива! Само глеј да не разберат селаните!

Loading