ДЕЛ ОД ДРИМ ТИМОТ НА ПРВАТА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА СРЦЕ КАЈ НАС

20200525 191041Др. Вангел Здравески, специјализант по кардиохирургија од ЈЗУ УК за Државна кардиохирургија

Бевте дел од тимот што го изведе првиот историскиот кардиохируршки зафат на пресадување на срце од кадаверичен донор на пациент. Како стигнавте да Ве побараат и да бидете вклучен со вашето знаење во оваа комплицирана операција? Што беше пресудно?

Како доктор на специјализација по кардиохирургија кој е вработен на УК за Државна кардиохирургија ги знаев сите пациенти со целокупната нивна медицинска историја кои се хоспитализирани на клиниката. Директно сум вклучен во клиничките иследувања и прегледите на пациентите пред да бидат ставени на националната листа за трансплантација. Но, пресудно беше тоа што Иван Огњановски (52) го водев лично уште од првата хоспитализација и операција во февруари. Среќен сум што срцето на донорот Емилија имаше совпаѓање со антигените на срцето на Иван, затоа што ова е вторпат да му го спасуваме животот. Првиотпат имаше престанок на срцевата работа (cardiac aresst) кога заедно со колегите Др. Васил Папестиев и Др. Надица Мехмедовиќ успешно го реанимиравме и му беше направено аорто – коронаро премостување (бајпас на срце). Срцето на Иван имаше страшно редуцирана пумпна снага (e`ekciona frakcija) помала од 20 отсто, ја издржа операцијата и на нозе во добра состојба го испративме дома. Во последниот период состојбата му се влошуваше и имаше две хоспитализации, од кои во последната доби и срце, благодарение на семејството Диневи.

Како течеше шестчасовната сложена кардиохирушка операција. Имаше ли ,,треперења,, за успехот, со оглед на тоа што кај нас првпат се изведува ваков зафат?

Бевме известени од директорот на клиниката Проф. Др. Сашко Јовев дека мора да се јавиме итно на работа и дека имаме донор за трансплантација на срце. Нашиот тим од Државната клиника за кардиохирургија се подели на две групи, еден, кој требаше да оди на УК за Урологија каде требаше да се врши експлантацијата на срцето на донорот (тој тим беше под раководство на мојот колега суп. спец. Др. М. Шокаровски, задно со уште двајца мои колеги), а Проф. Др.Сашко Јовев заедно со Академик. Др. Жан Митрев, Др. Васил Папестиев и јас бевме во тимот кој беше задолжен за имплантацијата на срцето. Бевме во секоја минута во координација со тимот задолжен за вадење на срцето, и кога ја добивме информацијата дека органот е добар, заедно со Др. Папестиев ја почнавме операцијата кај Иван за вадење на неговото срце и поставување на специјалната машина за вонтелесен крвоток (машина за екстракор по реална циркулација). Потоа операцијата во свои раце ја презеде Проф.Др. Сашко Јовев, а ние го пречекавме срцето на Емилија и хируршки го моделиравме за да биде компатибилно со големите крвни садови на Иван. Операцијата помина во најдобар ред. По загревањето на телото на Иван, сите бевме во исчекување на првите срцеви отчукувања. Кога се појавија првите отчукувања и имавме добри параметри на мониторот следеше громогласен аплауз од сите присутни во операционата сала број 2 на УК за Државна кардиохирургија. Лично сум непоправлив оптимист и искрено не очекував неуспех, иако никој не можеше во тој момент да каже дека100 отсто ќе биде сé во ред.

FB IMG 1590481224149-01

Дали сте биле досега во слична позиција во други болници восветот. Какво е Вашето искуство? Како се користат стекнатите вештини на домашен терен? Има ли разлики, дома и надвор?

Сум бил дел од тимовите за трансплантација во други држави. Пред пет години бев задолжен за носење на срце од Братислава (Словачка) во Виена (Австрија) со хелихоптер. Сум учествувал во тим за трансплантација во Белград, од кои последната во декември 2019 година. Но, искрено, не е исто, срцето некако и мене ми трепереше, зашто ова беше прва трансплантација во нашата држава, на пациент кој лично сум го водел. Протоколите се идентични како и на другите трансплантациони центри. Дури бевме и поекспедитивни, имајќи во предвид дека срцето беше донесено за околу15 минути од УК за урологија, и бевме во идеален временски интервал. Максималното потребно време за да се донесе органот и да не настапи негово изумирање е 4 часа. Бевме далеку под тој временски интервал.

Дали нашата Државна кардиохирургија на Универзитетскиот клинички центар во Скопје е во чекор со светските трендови? Може ли нешто да се осовремени да бидат третирани поголем број на граѓани? Располага ли земјава со современи медицински технологии?

УК за Државна кардиохирургија располага апсолутно со целокупната медицинска опрема. Ќе бидам нескромен ако кажам дека ги имаме и најголемите и најопремените сали во државата. Пред две години први ја почнавме програмата за третман на пациенти со срцева слбост и вградување на механички циркулаторни поткрепи, вештачки срца, а сега трансплантацијата дојде како круна на макотрпната работа. Во моментов имаме 21 пациент кои чекаат транспланатација, но верувајте таа бројка во државата е поголема.

IMG-398f9e361a730d7ec65eaf3d2d95aa64-V-01

Колкав напредок е операцијата во македонското јавно здравство? Можен ли е позабрзан прогрес во овој медицински домен во јавното здравство?

Трансплантацијата на срце е најтешката интервенција и тест за еден здравствен систем, не само од хируршкиот аспект на операција, тука, пред сé, и од понатамошната имуносупресивна терапија која пациентите треба да ја примаат да не настани отфрлање на трансплантираниот орган. Првиот чекор е направен, прогресот ќе зависи од тоа колку ќе има донорски срца и од Вас медиумите. Ние сме тука и сме спремни секогаш да помогнеме да спасиме и продолжиме нечиј живот.

Како гледате на овој пример на дарување на срце од починат донор. Се менува ли свеста кај граѓаните. Какви се шансите оваа реткост на донирање органи да стане етичка практика во земјава?

Највисок чин на алтруизам е да даруваш орган на близок од фамилијата да се спаси живот. Поклон до земја за семејството Диневи од Стар Дојран кои покажаа дека имаат високи морални вредности како фамилија. Кога сите сме под притисок од глобалната пандемија Ковид 19 се докажа дека хуманоста секогаш победува и обединува. Во Македонија е потребна посилна медиумска кампања за дарување на органи. Иако имаме јасни законски регулативи, граѓаните не се доволно информирани за процесот на дарување на органи и за самата трансплантација.

IMG-671e42f19237b367e610e9c3a2ea996a-V-01

Накусо, во неколку реченици, со јазикот на обичниот граѓанин, што е кардиохирургијата. Кои се другите интервенции на срцето?

Кардиохирургијата за мене е врвот во медицината воопшто, иако секоја медицинска гранка има своја тежина, но без срце нема пумпање на крв низ телото и нема живот. Се она што не може да го решат нашите колеги со лекарства (медикаментозна терапија) или со стентови, и е покомплицирано, побарува кардиохирушка интервенција. Дали тоа е бајпас на срце (аорто-коронарно премостување), замена на некој од срцевите залистоци (замена на аортна, митрална, трикуспидна валвула) или пак нивна реконструкција заради нивно попуштање (регургитација), како и итни животнозагрозувачки ситуации во кои доаѓа до пукање или расцепување на најголемиот крвен сад, аортата (ние тоа го викаме дисекција) сето тоа бара кардиохирушки третман.

Покрај знаењето, што е носечко да се стане кардиохирург и некој пациент да му го довери животот?

Кривата на учење нема крај, после 6 годишни медицински студии, продолжуваме со 6 годишни специјалистички студии, потоа супспецијалистички, редовно следење на новите трендови и техники во медицината, така што ова е доживотно учење и надоградување. Покрај дарба треба огромна истрајност, љубов и желба. Само ако вистински го сакаш она што го работиш, тогаш нема да имаш никави потешкотии. Кардиохируршките операции траат од 4 до 8 часа, мораш да издржиш во максимална концентрација и кондиција цело време зошто пациентот ти го доверил животот тебе. Потенцирам дека во целиот процес на учење, усовршување и надградување од големо значење е безрезервната поддршка од семејството.

IMG-637cae155ed89f4cf130a0100bc8ac54-V-01-01

Каков беше тимот според вашето стручно гледање. Според успехот на висина на задачата?

Прочитав дека бил составен дрим тим. Би се согласил. Тимот издржа на својата задача и сé она што е најдобро во државата беше вклучено во овој предизвик на хирурзи, анестезиолози, инструментарки, перфузери, анестеричари, ехокардиографисти, интезивисти, и целиот останат медицински персонал.

Доаѓаат нови генерации кардиохирурзи? Како да се задржат во земјава? Може ли да се спречи одливот на стручнаци не само во медицината?

Македонија немаше своја кардиохируршка школа и кардиохирурзи кои специјализирале на медицинскиот факултет. Колегите тоа го правеле надвор од државата или буквално сме увезувале кадар кој останувал 2-3 години и заминувал. Тешко е да се направи нешто што го нема и не постоело од осамојостувањето на државата. Јас сум прв специјализант кој почна директна шестгодишна специјализација по кардиохирургија под менторство на Проф. Сашко Јовев. Заедно со тројцата колеги, веќе се отвара патот на домашна катедра која би обучувала наш македонски кадар. Одливот на медицинскиот кадар реално не може да се спречи, секогаш постоел и ќе постои, но треба да се има добра државна стратегија за едукација и продукција на нови кадри кои би ги замениле веќе постоечките, но сепак тоа е задача на политичките и здравствените власти.

Кој Вангел Здравески?

Роден сум 1989 г. во Скопје. По татко имам крушевско (влашко) потекло, а по мајка сум прилепчанец. Завршив во ОУ ,,Блаже Конески,, и во Гимназијата ,,Мирче Ацев,,. На медицински факултет во Скопје како еден од најдобрите студенти во генерацијата, добив можност за стипендија за последипломски студии. Усовршување го продолжив во Виена, на одделот за кардиохирургија во болницата АКХ од каде ги собирав податоците за мојата магистерска теза и асистирав при операции. На УМИТ универзитетот под менторство на Проф. Др.Харалд Штумер ја одбранив магистерската теза. Добив покана од медицинскиот факултет во Скопје за оттпочнување на специјализација на новоотвроената УК за Државна кардиохиругија во Скопје. Имав понуди за специјализација во Германија и Австрија, воден од големата љубов кон кардиохирургијата, одлучив мојот професионален развој и усовршување да го продолжам во матичната земја и целото свое знаење да го ставам во служба на нашите граѓани. Сега сум петта година од 6 годишниот пат. За време на специјализацијата имав стручни усовршувања во Белград, Србија и Цирих, Швајцарија.

Loading