НОВИНАРИТЕ ЗА ЗЕНИТ

Кон 600 – тиот број на неделникот

Ден по ден, страница по страница. Пред читателите е 600 -от број на неделникот Зенит и 12 години постоење без ниту една прескокната недела. Бројки за фалење во услови кога новинарството како што милуваат да речат колегите е на колена, а во професијата нема пари… Без фалење, а за маката најдобро знааат кој друг ако не, основачите и главни и одговорни уредници. Ги запрашавме колегите и замоливме да шкртнат ред-два за неделникот Зенит и новинарската професија воопшто во ова време – невреме.

Karolina DurloКаролина Дурло, дописник на Алфа ТВ

ПЕТОЧНА ДОЗА НА СЕЗНАЈНИ СТРАНИЦИ

-Да се опстои и издржи во вакви времиња кога новинарскиот леб станува сé поскап, новинарската професија сé погорчлива, а новинарите живо топовско месо кое се парчосува по сите основи, не само што е храброст, туку е и свовидна лудост, која тешко може да ја разберат оние кои не знаат што е порив за настан, што е зависност од пишаниот збор, каков е тој адреналин што постојано гони во безброј, на прв поглед – невозможни мисии. Да се истрае во беспоштедната битка да те има и кога сите други ги нема и да продолжиш да бидеш и очи и уши, но и гласот на народот, неретко и без пари, е уметност која бара многу жртви и лични одрекувања, за повозвишеното општо добро. А неделникот Зенит, континуирано тоа го прави еве, полни 12 години, низ многу турбуленции, достигнувајќи го својот 600-ти број. Градско и маалско гласило кое ,,знае,, сé за секојдневието на неговите конзументи, кои пак, како да се ,,навлечени,, на неговите содржини, секој петок си ја земаат ,,дозата,,, професионално и коректно срочена на тие сезнајни страници.

Колеги, да ви се множат успесите уште многу, многу лета Господови и продолжете да им пркосите на предизвиците пред кои сте фрлени како гладијатори во арена. Честитики за истрајноста и саможртвата што ја правите сиве овие години !!!

SLOBODAN  DIMESKIСлободан Димески, слободен новинар:

ЗЕНИТ ДА ОСТАНЕ ВО ЗЕНИТОТ НА ПРИЛЕПСКАТА ЈАВНОСТ

Ако новинарството претставува слободна професија и слободен проток на информации, тогаш кај нас тоа не важи, посебно назад 30 години. Имавме најразлични новинари со амбиции да станат портпароли, некои станаа дури и министри, а имаше и големи борци за човекови права и се декларираа дека секогаш ќе бидат на страната на граѓаните. Ама кога дојде нивната опција на власт забораваат и ,,оп,, гледаш се вработиле во државна институција. Главните медиуми станаа поголеми политички партии, поголеми и од политичарите, дури и поделени на кланови и се разбира по потреба го менуваат дресот. Малку вистина може да се чуе само на некои локални медиуми. И тоа е реткост. И прилепското поднебје не е имуно на вирусот – ,,јас за тебе, па ти за мене,,. И така во недоглед. Нема новинари кај нас. Има само пренесувачи на информации… Зенит нека се потруди да остане во зенитот на прилепската јавност.

Snezana KaratoseskaСнежана Каратошеска, главен и одговорен уредник на Радио Холидеј:

ПРКОСЕЊЕ НА ИСТРЕБУВАЊЕТО

600 Зенити! Секако е за поздравување на ова достигнување. Во време кога печатените медиуми се на работ на истребување, Зенит успешно им пркоси на предизвиците. За неделникот кој ги овековечува локалните настани во градот под Марковите кули, ги зачувува случувањата од заборав  посакувам уште безброј изданија и успешно работење во годините што претстојат. На колегите од весникот им посакувам, пред сé, истрајност да опстојат во ова турбулентно време и со трпеливост да продолжат да ги надминуваат предизвиците кои претстојат.

Среќна 600-ка, а и 12 годишно опстојување во прилепскиот и македонски медиумски простор. 

 

 

Elizabeta MitreskaЕЛИЗАБЕТА МИТРЕСКА, новинар на МРТВ и дописник на МИА

НИТУ НОВИНАРСТВОТО, НИТУ ГРАЃАНСТВОТО НЕ ПРИЗНАВААТ ОТКАЖУВАЊЕ ОД ВИСТИНАТА

Точно 12 години опстојување на прилепскиот неделник Зенит. Педесет броја годишно и математиката открива фасцинантна бројка – 600-отти број на неделникот Зенит. Фасцинантно, упорно, непоколебливо. Бројка за респект, новинарски записи за историја. Тоа е основната дефиниција за опстојувањето на прилепскиот неделник кој ја раскажува бескрајната приказна за прилепчани. За нивниот живот, битката со предизвиците, премрежјата, промените, секојдневните патешествија. Граѓански и новинарски.

Информации, хроники, репортажи, соочувања со реалноста. Подеми и падови. Финансиски, но не и за новинарските предизвици. Колку е понестабилно секојдневието, за жал, новинарскиот предизвик е поголем. Најмногу за да се исправи неправдата, за да се доведе секојдневието во рамнотежа. И пак борбата за опстанок. Всушност, таков е новинарскиот живот во земјава. А и секојдневниот на граѓаните.

Новинарството, со него, граѓанското живеење, го изодува трнливиот пат повеќе од две децении, близу три. Со плурализмот, кој во македонски услови не секогаш е идентичен со демократскиот. Несигурниот граѓански живот, се чини, рамо до рамо е со новинарскиот кој е на стаклени нозе. Нема сигурно финансирање, нема извесност. Не дека треба да се чека ,,на готово,,, но правилата на граѓанското и на новинарското опстојување во едно демократско општество треба да се јасно дефинирани и познати. Во македонски услови, битката уште трае. За дефинирање на локалните медиуми, за враќање на медиумскиот и на новинарскиот кредибилитет. Предизвик за новинарската и за граѓанската ,,фела,,. Предизвик кој неделникот Зенит отворено го прифати. И е упорен да ја нагласи новинарската ,,поента,,: Никогаш не смее никој да се откаже од целите за вистината. Ниту новинарите, ниту граѓаните.

Честит 600-отти број. Аферим!

Aleksandar BoskoskiАлександар Бошкоски – Чоки, управител во Радио 5 Чоки

ВИСТИНСКОТО НОВИНАРСТВО БАРА ФИНАНСИСКИ ИЗВОР

Вистинското новинарство, е напорна известувачка работа, која се бори за напредок и реформи, никогаш не толерира неправда и секогаш се бори против демагозите. Вистинското новинарство бара значителни финансиски ресурси. Една од причините зошто денес немаме доволно вистинско новинарство е тоа што многу медиуми ги немаат тие средства.

Честит јубилеен 600-отти број на Зенит.

Loading