СЕКОЈ ДЕН И ЧАС, Е СПАС ЗА СЕБЕ И ДРУГИТЕ

Рубин Јованоски (51), прилепчанецот кој ја турна стигмата за Корона вирусот

За Велигден останете дома, најдобро за сите

lefter

Прилепчанецот Рубин Јованоски (51), со својата објава на ФБ, ја урна стигмата за заразувањето со коронавирусот и прв се огласи во јавноста дека е позитивен со цел да ги заштити сите лица со кои бил во контакт. Тој на 2 април на својот профил напиша: ,,Пријатели, пред неколку часа ми е соопштено дека сум позитивен на коронавирусот. Моментално сум хоспитализиран во прилепската болница. Сите со кои имав контакт се известени од моја страна, но сакам да ги известам и останатите кои работат во Основно јавно обвинителство и во Основен суд во Прилеп, кои имале контакт со мене, доколку почустуваат било какви симптоми да се јават во Центарот за Јавно здравје. Вирусот го добив на работа, при контакт со вработените во Основно јавно обвинителство во Прилеп. Во периодот од 11 до 17 март бев на работното место, од 18 март се наоѓам во самоизолација,,.

Неделниот весник Зенит направи интервју да го сподели неговото искуство и да упати порака до граѓаните дека болеста е сериозна, а уште посериозно треба да биде однесувањето на прилепчани.

Rubin

– Бевте прв кој собра сила јавно кажавте дека сте позитивен на Ковид 19, кој е нов вирус, непознат за човештво и медицината. Зошто го направивте тој чекор. Дали бевте водени од сериозноста на болеста и состојбата во светот?

– Бидејќи ова болест е нова и не сме запознаени. Секој момент, што се вели еден ден многу менува за заболените од овој вирус. Секој може да биде позитивен. Не е срамота да се биде позитивен и никој не сакада се зарази. Но, со самото кажување, откривање, можеш да се помогне. Тоа е најпаметна работа. Не можеш да се сетиш со сите луѓе со кои си контактирал. Нон стоп се движиме, одиме на работа, но кога ќе кажеш, колегите, пријателите роднините, ќе имаат можност побрзо да си бараат чаре. Доколку им се појави било каков симптом, а знаат дека се позитивни, а биле во контакт, полесно ќе се самоизолират. Ќе имаат можност благовремено да се обратат кај матичниот лекар.  Затоа што секој ден носи поголеми шанси да се преживее. Дури 99 насто од коментарите на ФБ беа со желби за побрзо оздравување. Во градов, за жал го има и еден отсто кои не веруваат, некој вели дека е лага итн.

rubin 1– Како започнаа првите знаци на заразувањето?

– На 13-от ден ми се јавија првите симптоми, температура и тоа не некоја висока 37,2 до 37, 4 и тоа два – три дена. Па почна да ми се наголемува на 38.5 и нагоре. Така дојдов до бронхопневмонија. Ме тестираа, после тестирањето веднаш ме хоспитализираа во инфективното одделение во прилепската болница. Денес (14 април) ми е 14-ти ден. После 15 дена треба да се направи прв контролен брис, па по неколку дена, втор и така.

– Имаше ли болки, како се чувствуваше?

– Тоа е индивидуално. Неколку пациенти сме во собата и сите различно ја манифестираме болеста. Кај мене беше само температурата и дијареа. Само тие два симптоми. Другите имаат температура, кашлање, кај секој е различно.

Нова болест е за која лекарите велат дека има непредвидлив тек. Емотивно како се држиш, чувствуваш  ли страв за себе и твоите блиски?

– Мислам дека ги минав критичните денови. Најмногу стравувам за моите најблиски, за сопругата и двете ќерки. Инаку, емотивно и физички се чувствувам добро. За мене не се плашам. Позитивно размислувам и ме радуваат секојдневно оптимистичките охрабрувања од лекарите дека контолните крвни слики и рентген снимките на белите дробови се подобри. Секој ден како што врви, сум подобро и подобро.

– Како минуваат деновите во болничката соба. Делите истата судбина со опаката болест со уште двајца прилепчани?

– Во собата сме тројца болни. Креветите се на растојание од метар иполовина. Денот минува со меѓусебна поддршка и помош. Не може да се опише. Кога човек ќе дојди овде, секој е совесен и се придржуваме кон мерките. Ја сваќа суштината дека не е нешто обично. Го почитуваме режимот на однесување меѓу себе, хигиената и сите препораки. Се одржуваме на највисоко ниво.

– Мислите се позитивни?

– Кога си болен цело време размислуваш за семејството. Дали ќе помине, дали нема да помине…? Мислите одат на други места. Посетата не е дозволена воопшто. Се слушаме само телефонски со најблиските кои, за среќа до овој момент, немаат никакви симптоми. Од првиот миг, ме контактираа епидемиолозите од Центарот за јавно здравје. Тестирани се  сите луѓе со кои комуницирав, а на кои се сеќавам. Му благодарам на Бога, сите се негативни. Најверојатно не сум преносител, туку сум бил како што велат во групата на приметели.

– Има и апликација ,,Стоп корона,, за телефоните која ги меморира контактите?

– Не сум слушнал за таква опција. Ако постои таква можност, би требало да е добрдојден. Од медицинска гледна точка, тоа дали ќе помине или не, не знам. Немам коментар на ова прашање.

– Што им советуваш на прилепчани. Сликата низ градот е дека не почитува раздалеченоста, турканици пред банките, маркетите, асистира дури и армијата. Некои одат дотаму што неверуваат во појавата на вирусот?

– Од моето лично искуство и од овие некои денови што ги поминав овде, не да не е сериозна, туку е пресериозна работата. За 15 минути имав прилика да видам како на човек му се влоши состојбата и едноставно се губи. Би ги замолил сите беспотребно да не излегуваат воопшто надвор, да си седат дома. Тоа е мојата препорака. Да се регулира пред банките, да се најдат поедноставни начини да се организираат да определат ако треба и шалтери за пензионери, во временскиот период од 10 -12 часот. Другите да се воздржат, да се разграничат затоа што се критична категорија. Сите да го сфатат сериозно моментот, а не да велат: ,,Ние сме стари и да умреме…,,. Проблемот не е само нивни, туку за сите други.

На дел од прилепчани им причинува товар да бидат дома, пред телевизор. Што е потешко, пред телевизор или лежењето во болнички кревет?

-Треба да бидат пресреќни што се дома. Неспоредливи се болницата и домашните услови. Треба да издржат.

– Како сега гледаш на животот? Имаш време за размислување.

– Најважно ми е да излезам од болница и никогаш да не се повтори. Тоа ми е  прва мисла. Луѓето треба да разберат дека најважно е здравјето. Во прв план, сопственото здравје и на најблиските. Секој паметен и нормален човек треба прво на тоа да мисли, па потоа на сите останати работи, дали пари, патувања и друго. Ве замолувам и вас, како новинари заштитувајте се, преземајте ги мерките, затоа што вирусот е страшен, а вашата професија е ризична. Бидете внимателни. Секој со симптоми да се упати веднаш кај матичниот лекар. 

rubin 2

НЕ ШЕТАЈТЕ ЗА ВЕЛИГДЕН, СЕКОЈ КОНТАКТ МОЖЕ ДА Е КОБЕН

Доаѓа Велигден. Ќе имаме викенд карантин од 85 саати. Што со традицијата и како да се издржи дома со сиот комфор?

– Велигден не е само годинава. Ќе има и наредните години, колку што Бог ќе ни даде живот. Ќе има празници. Овој Велидген нека се направи адетот дома. Нека се вапса по некое јајце и по поминување на забранетиот викенд воопшто да не се оди по гости кај пријатели и роднини. Секој контакт, што е можно, да се избегнува, за да не биде кобен.

МЕДИЦИНСКИОТ ПЕРСОНАЛ ДАВА 200 ОТСТО ОД СЕБЕ

Каков е третманот од медицинскиот персонал со оглед на тоа дека сте опасност за нив. Како ги доживувате, бидејќи се единствените со кои имате директни контакти, ем ви помагаат, ем може и да ги заразите?

– Од првиот ден откако сум дојден во одделение, веќе две недели, од медицинскиот персонал и лекарите сум презадоволен. Луѓето не 100 отсто,  туку 200 отсто даваат сé од себе, од нивните можности, од знаењата. Кој и да треба да биде примен во болницата да не се плаши. Тие го даваат професионално максимумот. Големите фирми во градов, иако даваат донации со илјадници евра, според мене најважно и најпотребно е за медицинските лица. Потребни им се заштитна опрема, маски, визири, заштитни костими. Тоа најмногу им користи. Таквата помош им е добредојдена и никогаш доволна.

Loading