ПРИЛЕП СЕ НАОЃА ВО ВТОРАТА ФАЗА ОД ПАНДЕМИЈАТА СО КОВИД 19

Д-р Татјана Мургоска Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје

TATJANA mURGOSKA sTANIMIROVIK

 

Порастот на заболени со коронавирус во општина Прилеп е очекуван и не станува збор за драматично зголемување на бројот на инфицирани. Ова го потенцира Татјана Мургоска Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје.

-Треба да сфатиме дека епидемијата има свој тек. Ние само што ја поминавме првата фаза, сега се наоѓаме во втората фаза во која, како што кажа и министерот, уште очекуваме пораст на заболените. Се надеваме и сите работиме тој раст да не биде остар. Во Прилеп линијата на пораст не е остра, ако имаме во предвид колку заболени имавме од почетокот на епидемијата. Не е тоа остро, оди очекувано – вели д-р Станимировиќ.

Прилеп се наоѓал во втората фаза на епидемијата, а има и доста асимптоматски случаи.

-Имаме постојано пораст на бројот на заболени. Сметајте дека имаме многу асимптоматски случаи во оваа фаза. Од асимптоматските не можеме да знаеме колку имаме заразени. Ние откриваме нови случаи, меѓутоа и самите не знаат, не даваат податок дека биле во контакт со некој што имал симптоми. Можеби се заразиле од асимптоматски некој. Значи сега имаме доста и асимптоматски случаи покрај симптоматските, така што не можеме да зборуваме за групирање. Има случаи во оваа фаза кога не можеме точно да го одредиме кој ни е изворот на зараза. На почеток го следевме синџирот на инфекцијата, така ги детектиравме тие кластери или групи. Меѓутоа, во моментов излегуваат нови кластери. Од првите новозаразени сега се заразуваат членови на нивни семејства, се заразуваат нивни контакти на работните места, а кластер е група поврзана со епидемиолошка врска. Сега можеме да зборуваме за многу такви групирања. Имаме асимптоматски случаи, со многу лесна клиничка слика, имаме во фирми, кои сега кога се враќаме и ги правиме епидемиолошките истражувања, наоѓаме лица кои имале симптоми подолг период наназад, пред да ги откриеме првите – вели Татјана Мургоска Станимировиќ, епидемиолог.

Тешко се открива кој бил првиот пациент во едно жариште, зошто тој можел да помине и со благи симптоми на настинка.

-Правејќи ги епидемиолошките случаи, сме тестирале, излегол некој позитивен симптом, со симптоми во некој од фирмите. Понатаму ги следиме контактите, наоѓаме нови заразени и сега кога ќе се вратиме назад, откриваме дека во нивната фамилија некој со полесни симптоми поминал пред една недела до две. Така не можеме да ги обвиниме работодавачите дека баш од кај нив излегол вирусот. Може да се шири внатре во фирмата, ама не можеме никого да обвинуваме. Многу е тешко да откриеме кој е првиот случај, дали бил асимптоматски, дали минал на почетокот со благи симптоми на настинка. Има многу такви што поминале со благи симптоми на настинка и сега ние ретроградно ги откриваме кога ќе откриеме позитивен член од нивното семејство, со јасно изразени симптоми, се потврдило дека се работи за корона вирус и после ќе се потсети дека сопругата и детето беа настинати на 15 март или порано – вели  Мургоска Станимировиќ.

Првиот случај на заболени лица беше на 25 март кога позитивна на Ковид 19 беше брачна двојка.

ВОВЕДУВАЊЕ НА КАРАНТИНСКА МЕРКА КАКО ВО ДЕБАР?

Според Министерот Венко Филипче, засега бројот на заразени е очекуван и се доволни мерките со општата забрана за движење и нема потреба од воведување на карантинска мерка како во Дебар, но не се исклучува и таа можност, доколку така проценат стручните лица.

Loading