ШТИТНИЦИ ЗА ЛИЦЕ СО 3Д ПРИНТЕРИ

ПРИЛЕПСКИ ФИРМИ ИЗРАБОТУВААТ ДОПОЛНИТЕЛНА ЗАШТИТА ОД КОРОНАВИРУСОТ

Stitovi za lice

За дополнителна заштита од коронавирусот, Општината Прилеп и фирмата Ипринт донираа заштитни штитови за лице. Откако во изминатиот период неколку компании од градов меѓу кои и Мартекс, изработуваа заштитни маски, компанијата Ипринт почнува изработка и на штитови за лице со 3Д принтер.

Прилепчанецот Зоран Дамчески, кој неколку години работи со 3Д принтер, вели дека бил трогнат и инспириран од примерот на ентузијастите во Италија, кои преку изработка на вентил за респираторните машини му помогнале на медицинскиот персонал да спаси што повеќе животи во борбата со коронавирусот. Тоа било основниот мотив да почне со печатење и изработка на штитници за лице. Градоначалникот Илија Јованоски ја препознал иницијативата и понудил помош за изнаоѓање начини да се забрза процесот и да се зголеми дневното количество на изработени штитници за лице, бидејќи брзината на 3Д принтерите е мала.

– Со градоначалникот направивме 3Д пункт на социјалната мрежа Фејсбук, со цел во него да се приклучат сите оние од градот кои поседуваат 3Д принтер и да ја помогнат оваа акција. Сето тоа во правец на што побрзо обезбедување на бесплатни штитници за лице за медицинскиот персонал, а потоа и за сите други работници кои се најизложени на заразни болести, како што е коронавирусот – вели Дамчески.

zoran-768x480

На инцијативата за изработка на штитниците која ја започнале тој и неговиот син, до сега се приклучиле и претставници од фирмите Резонатор и Графика Дизајн. Тој се оградува од сите оние кои на социјалните мрежи, во негово име, бараат донации за изработка на 3Д штитниците за лице.

– Штитовите за лице се ставаат над заштитната маска, заштитата од кивање, кашлање и капличната инфекција да биде поголема. Во Прилеп има повеќе вакви компании кои ќе се вклучат во производството на заштитните штитови. Формиравме таканаречен 3Д пункт, каде нашите сограѓани кои поседуваат 3Д принтери можат да се јават, со цел да направиме што побрзо и што повеќе штитови за лице, затоа што се неопходни – вели градоначалникот Илија Јованоски.

Штитови за лице ќе има за целиот медицински персонал во болницата, ќе им бидат донирани и на матичните лекари и стоматолозите.

Loading