ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ, ЛЕТНИКОВЦИ, ТЕРАСИ

Со проектот „Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности“

Vestacko ezero

Почнува реализацијата на еден од најатрактивните проекти ,,Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности,, откако на крајот на јануари лани членовите на Советот на општината го усвоија урбанистичкиот план за КО Дабница, а Општина Прилеп ги имплементираше потребните мерки и активности, со потпишување на договорите со изведувачот и надзорниот орган.

Рокот за изведување е 6 месеци. Целта е подобрување и унапредување на околината околу Прилепското езеро што ќе се придонесе за промоција на овој атрактивен простор, кој е популарно излетничко место.

Локалната самоуправа организира јавна презентација на Планот за управување со животната средина и социјалните аспекти, за потпроектот ,,Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности,,. Беше презентиран список на активности и интервенции предвидени со проектот, со посебен осврт на мерките од списокот за проверка на Планот за управување со животната средина и социјалните аспекти. Притоа, проект менаџерот Борче Јанкулоски истакна дека тој е изработен врз основа на Националната правна рамка и политиката за заштита на животната средина и социјална политика на Светската банка.

– Планирани се 5 поединечни потпроекти, изведба на целосно осветлена велосипедска патека од потегот Маркова чешма до селото Присад во должина од 7,3 километри и ширина од 3 метри, со простор за паркинг на велосипеди, уредување на пристапна улица со паркинг простор од некогашниот мотел на вештачкото езеро. Оттаму продолжува рекреативно-излетничката зона, како дел од проектот за уредување на мултимедијален простор за изведување на културни и забавни манифестации, концерти и место за дружење на посетителите, со 3 тераси, 6 летниковци и урбана опрема. Исто така, планирано е да се изградат две асфалтни спортски игралишта за кошарка, пинг-понг и за одбојка, пешачка патека во должина од 750 метри, а ќе бидат поставени и клупи и канделабри. Имплементацијата на проектот има за цел да ја зголеми пристапноста на ова подрачје како зона за активен туризам и да го врати некогашниот сјај на езерото – вели Јанкулоски.

Поаѓајќи од фактот дека спортско – рекреативниот комплекс е на оддалеченост од околу 6 километри од градот, со изградба на содржините се очекува просторото да стане најпосетувана локација за граѓаните, кои ќе имаат можност да ги користат сите содржини за спорт, рекреација, излети во природа.

Изведувач на работите на проектот е компанијата ,,Ленди груп,, од Скопје.

Потпроектот ,,Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности,, е со износ од 850 000 евра. Ќе биде финансиран со средства од ЕУ и учество на Општината Прилеп, а администриран од проектната канцеларија на Светската банка.

Loading