ЈУЛИЈА – БАБА ВАНЃА ОД ТРИЗЛА

Живот: Најпознатата видовита прилепчанка

Јасновитка и бајачка за болести, несреќи, уплав, уроци

Kukata na Baba Julija

Светот ја знае видовитата Баба Ванѓа од Струмица, која почина 1996 година. Само година пред тоа, 1995, во Прилеп животот го заврши Ѓурѓа Митреска, позната како Баба Јулија. На неа и ден – денес се сеќаваат многу сограѓани кои поради својата мака биле кај неа. Од нејзините потомци има малкумина, а најблиски се внуката Ратка Митреска – Симјаноска со синот Стевица, жители на Гостивар.

-Баба ми почнала со гледање во млади години. Некаде по смртта на мажот í, дедо ми Крсте, í дошло на сон дека има таква дарба, моќ и треба да им помага на луѓето. Гледаше за уроци, стока, брачни другари без деца… Живееше во едно мало сопче и таму ги примаше несреќните луѓе. Гледаше на карти, кафе. Ја почитуваа и стари млади и образовани луѓе. Сите кои идеа и веруваа во видовита жена. Идеше многу народ. По сите ѕидови имаше наредено многу икони. Татко ми Диме по нејзината смрт сите ги подари в црква. Идеа не само од Прилеп и околината, ами и од други градови. Дури и иселеници од Австралија, Америка. Канада. И мене ми гледаше. Ми рече: ,,Немој да очекуваш некое големо богатство. Ќе се омажиш настрана во средно, скромно семејство, но нема да страдаш за основни работи – храна и слично,,. И така, ми погоди. Идеа секакви, мажени, женети, разведени, скарани, деца што немаа… Други за стока, крави, овци, кози… Носеа малку трици и на нив таа баеше за да оздрават – се сеќава Ратка.

Luge otsekadeЛуѓето биле задоволни и давале разни подароци за благодарност, сирење, јајца, кокошки, петли, месо… Дури некои пари оставале. Имала утврден работен ред и не отстапувала никогаш. Во петок, недела и празник не гледала. Сите други денови била на располагање од разденување до стемнување. Дури имало сонце. И, толку. Имала некоја чудна моќ и дарба. Од неа излегувала силна енергија. Само да излезела и се појавела од вратата, луѓето наредени во редица во дворот прекинувале со разговор и го чекале нејзиниот збор. Кого ќе викне в соба? Секој се надевал дека е следниот што ќе го ислуша. Имала таков авторитет што никој никогаш не и приговрал, дури и ако го врати и му рече да дојде другпат.

-Беше интелигентна жена, иако без образование. Родена во Дупени, Ресенско, кога било Илинденското востание во 1903 година, само две-три години посетувала училиште колку да ги научи буквите и бројките. Такви биле околностите во тоа тешко време. Во семејството биле четири сестри, а имале и прибрат. Така, самоука била за сé. За домашни работи, за готвење секакви јадења, за сучење и месење… Лесно комуникативна со сите. Уште во детството се дружела со Гркинки и Влаинки. Мошне добро зборуваше и грчки и влашки, но и турски разбираше. Се омажила млада, на 16 години. Мажот í, мојот дедо Крсте, млад починал. Имале ќерки Радмила, Блага и Драгица, синови Александар и Диме, татко ми. Сестрите Радмила и Блага рано починале, а во 1959 и Драгица, поради некаква инјекција за сипаници по месец ипол боледување починала на 22 години. Секогаш убаво, модерно облечена, ја забележувале на игранките во Соколана. Паметам Александар, кој умре на 36 години, во 1976 година. Десетина години беше тешко болен. За него се грижеше баба ми докрај – раскажува до детали, Ратка.

VangjaБаба Јулија од самото доаѓање во Прилеп живеела на улицата ,,Тризла,,, кај училиштето ,,Добре Јованоски,,. Куќата била стара, од српско време и повеќепати реновирана. По смртта на синот Александар, предвремено пензиониран работник од Тутунски, пензијата ја презела таа. Многу сакала патувања. Со пасошот патувала и во странство. Најчесто до Лерин, Грција за да прошета со внука í Ратка, но и да купи производи. Се враќала со полни торби облека и прехранбени продукти, оти во седумдесеттите години, за Југословените грчките производи беа многу евтини. Одела и во Бугарија, Турција, Србија… За неа со задоволство зборува и Атанас Јакимоски – Танзио, пензиониран возач од ,,Пелагонија турист,,, нејзин внук.

 -Многу шеташе, патуваше. Имаше роднини во ресенскиот роден крај и ги посетуваше. Тие често идеа кај неа. Јаболка í носеа. Како шофер, ја возев со друга жена, мајка на Илија Рибарот, до манастирот ,,Свети Наум,, па до Охрид, Ресен и на други места. Одеше по манастири, насекаде. Патуваше претежно каде има верски објекти. Така издржуваше и во  стари години – вели Јакимоски.

Понекогаш не можела да го скроти темпераментот и покажувала лутина. Тогаш се случувало да избрка некого. Расположението и паѓало, оти имала болен син крај себе. Притоа ја погодувала неговата неизлечива болест. Не сакала ни ,,големџии,, ниту ,,кренати,, дами. Им се развикувала и не ги примала. Требало некогаш да интервенира некој од куќата, синот Диме, снаата Антина, внуците Љупчо или Ратка, за да ја смират за некоја блиска пријателка или роднина да ја прими во сопчето. Многу трагедии видела во животот. Знаејќи го тоа, луѓето не í се лутеле.

-Паметам 70 години. Беше секогаш дотерана, модерна, како градска жена. Од мал одев за Коледе, за славата Свети Никола. Беше гледачка на карти. Ги кажуваше знаците, што значи дамата, џандарот… И мене ми гледаше неколкупати. Кога се подготвував за полагање за шофер ми вели: Еве картава кажува оти ќе положиш. И за работа ми погоди дека ќе најдам и за сопругата за здравјето. Идеа кај неа за разни болести, за уплав, несреќи… Идеа, и жени, и мажи, и деца, фамилијарно. Работници, земјоделци, занаетчии… Директори не се сеќавам дали идеа. оти во социјализмот строго беше за комунистите. Дали скришум иделе, не знам.

Баба Јулија гледала до 1990 година, пет години пред смртта. Луѓето ја барале и потоа, но неа ја навасала болеста. Народот ја барал, оти видел себап, нашол чаре. Последните години ја оставиле да ги проживее во мир. Но, кога слушнале за смртта, сите што разбрале, и познати и непознати, дошле на погребот да се простат од Баба Јулија.

Доброволен прилог

Баба Јулија бакшиш не барала, туку луѓето доброволно оставале. Имало иконче на масата, дали од Богородица или друга, секој што сакал, таму оставал. Некој давал динар, пет динари или повеќе. Други оставле дарови од разни производи. Што имале – тоа.

До Божјиот гроб

Како голем верник, баба Јулија ја привлекувале и патувала кај христијанските обележја. Пасошот í бил преполн со печати. Од многуте патувања најважното í било до Назарет, родното место на Исус Христос, и до Ерусалим, каде е неговиот, Божји гроб. Таа желба ја исполнила во седумдесеттите години од минатиот век.

Без слика

Natpis na grobot od baba   Julija

По 25 години од смртта, нема никаква фотографија од баба Јулија. Не е зачувана, бидејќи куќата каде живеела е со нов сопственик. Во преселбата на потомците не е зачувана никаква слика. Дури ни на гробот на новите Градски гробишта има само натпис: Митреска Ѓурѓа 1903 – 1995.

Loading