НАШИОТ МЕНДЕ ЧУВА ЕВРОПСКИ ОВЦИ

Живот: Методија Здравески, сточар во странство

Прво бил во Грција, сега во Хрватска

Mende

Овчар – колку потценувачки некогаш се изговараше тој збор што означува професија како и секоја друга. Така во социјализмот, така и во транзицијата. Но, дојдено е времето за освестување со признавање дека тоа е работа за која се нужни компетенции и не може секој да ја извршува. Под дрво и камен се бараат овчари и тешко се најдуваат, иако се нудат високи плати од 500 евра. Имавме среќа и го сретнавме сограѓанинот Методија Здравески, на чии способности се восхитуваат и во странство.

Gracac

-Од дете сум со добитокот, со овците, бидејќи сум роден во Мраморани. Завршив Дрвно училиште, а не работев на струката. Потоа завршив и Угостителско. Кусо време бев келнер. Се занимавав со тутун, градежништво во Црна Гора и Хрватска, бев обезбедување во Пролетер. Отсекаде заминав, а никогаш не се одделив од овците во родното место. Конечно, околу 2008-9 година од странство добив понуда да чувам овци, а што нема шанса да одбијам. Тоа беше во Грција, близу до границата. Ме плаќаа 400 евра месечно. Овците, околу 250, ги носев кај Кајмакчалан, каде има езеро, Одработив прво 5 месеци. По кус одмор уште толку – почнал со овчарската печалба.

На Гркот му се допаднала работата од Менде, оти умешно ги пасел овците со израелско потекло. Биле со големи уши, како што имало кај нас, особено во Коњари. Другата сорта – холандски, биле бели со куси опавчиња. Околу стотина. Не се носеле на пасење. Само во селото им давале храна. Не ги мешале едните со другите. Првите ако давале до литар млеко дневно, вториве и до два-три литри. Се молзеле наутро и навечер, двапати.

So stadoto

-Само ги пасев. Помагав за молзење. Беа двајца браќа со татко им. Имаше пасишта, стрништа, јачмен, но само на ритчиња, оти таму нема неорано место низинско. Ливада не постои. Кај што може трактор да ора, сé е обработено. Дури за Богородица имаше цреши. Садат луцерка, царевка… Бев сместен кај семејството, како нивни член. Убаво беше и никаква тешкотија не видов. Научен сум,. За мене е лесно. Секој ден со овците и кучињата. Грциве немаа дресирани кучиња. Шарпланинци се, но не се командуваа, ни да ги повикаш по име, Гаро, Шаро… Еден легнал на една, друг на друга, трет на трета страна. Нема разбирање. Ги чуваат само од волк, за разлика од хрватските овчарски црни кучиња. Иако не се дресирани, самите се обучуваат како што растат. Младите гледаат од постарите и така учат да ги тераат овците со лаење – вели Здравески.

Втората овчарска епизода е во Хрватска. Менде во Задар заминал да работи  градежништво. По една година забележал некоја жена со овци. Немало кој друг и таа морала со овците, околу 500-600. И се претставил како градежен работник кој заработува 600-700 евра, но оти сака некој ден да дојде и да и помогне. Таа си ја кажала маката дека бара овчар кого би го платила исто толку. Менде не ја откажал градежната активност, но почнал да работи и со овците, обично попладне или за викендите. Стигнувал на двете работни места.

IMG 20191012 180807

-Со кола ме земаа, ми даваа јадење и ми плаќаа. Чистев штали, каде се сместени овците во зима, а во лето аргачи кај што спијат. Ја знам работата, како децава сега што го знаат компјутерот. Хрватска уште не беше во ЕУ. Нешто политиката се смени и градежната компанија во криза. Решив да работам само со овците. Според законот, прво дојдов во Прилеп, потоа пак назад три месеца. Тргна работава кај сопружинците, Здравко и Невена се викаа. Ме викаа Мато. Ми велат: ,,Мато, ти повеќе знаеш од нас! Можеби мајка ми ме родила кај овците,, – одговорил Менде.

По три години  Менде се врати да продолжи со сточарството во Мраморани. Дома си е дома, со сопругата и двете деца. Имал 50-60 овци, прикупил уште стотина. Местото како измислено за овчарство. Но, не одела работата како што наумил. Продај ги јагнињата, по три-четири месеци не може пари да земе. Млекото евтино – 30 денари. Проблеми се јавуваат. А во Хрватска млекото е околу 70-80 денари. Решил лани пролетта овците да ги продаде и пак да се јави кај Здравко во Хрватска.

IMG 20190213 142736

-Тој пред пензија, ги преполовил овците и не му треба овчар. Ме препорача кај пријатели во Грачац, близу Задар, преку најголемата планина Велебит. Грачац некогаш големо место, сега има само 5000 жители. Појдов и оттогаш работам со колега. Србин од Босна. Ме бендиса местото. На планина спијам во камп. Имаме храна. Чуваме околу 2500 овци. Носиме три кучиња обучени да ги тераат овците и уште две поголеми, придружници, за волци ако нападнат. Јагнињата одат со мајките,а кај нас кои ги храниме дома. Не ги продаваат одма, туку кога ќе се здебелат до 30 кила. НКај нас не се пуштаат со мајките. Се хранат два месеца и се продаваат. Нивните не се квалитетни како нашите. Месото им е постегнато, подиво. Оти се во движење. Ги продаваат веднаш и се плаќа веднаш. Нема чекање како кај нас – ги кажува разликите.

Зимава Менде ја минува во градов. Со мислите е кај овците во Хрватска. Како клубовите за најдобрите спортисти, така и овчарските компании се ,,тепаат,, за најдобрите овчари. Понуди има од многу страни. Една била од Риека, друга од Пула, трета од Пазин. Таму чекаат 2500 овци за пасење и молзење. Било машинско електрично молзењето. Многу побрзо  отоколку овде. Платата е 1000 евра. Некој пресметал споредбено. Ако тој за 270 овци земал плата од 1000 евра, тогаш Менде за 2500 овци би земал над 3000 евра, со оглед на тоа што има и ортак.

-Стадото е големо од Реклами до Општината стара. Сето овци. Работата со овци не е тешка. Потежок ми е ранецот со храна. Затоа во јануари-февруари пак заминувам во Хрватска – најавува Менде.

Изгледа дека еднаш овчар – засекогаш овчар. Сите не можат да ја сфатат човековата врска со животните. Имало некој овчар од Сенокос кој и на 80 години одел покрај стадото. Кога му откажале нозете, набргу умрел, иако се друго му било здраво. Умрел од мака што не можел повеќе да оди со овците.

-Кога ќе соберам стаж за пензија од Хрватска, ќе се вратам назад и ќе продолжам тука. Не откажувам дури ме држат нозете. Дури здравјето ме крепи нема да престанам со оваа работа. Не можам да се разделам од овците. Премногу ги сакам. И на старост ќе чувам барем неколку, што се вели ,,за украс,,, колку да ги гледам до мене – заврши Менде Здравески.

Нема да има ни добиток, ни овци

-Како што иди времево, овчарската професија ќе биде сé повеќе барана, а ќе ја нема. Ќе нема нити овци, ниту луѓе. Не само кај нас, секаде. Кој ќе оди овчар – никој. Младите сега бараат интернет. А овцата не знае интернет. Не сака телевизија. Не знае за Велигден, Божик… На свадба само ноќе можеш да појдиш, дента мора пак со овците. Не смееш ниту да се разболиш. Среќа што досега на доктор немам појдено и апчиња не пијам.

Отепал 20 змии

-Кај Чемерница, местото каде ги пасиме овци, има змии. Отровници се, но не напаѓаат. Тие се мирни суштества. Касаат само ако се почувствуваат загрозени, ако помислат дека ги напаѓаш, ако видат опасност. Долги се околу 80 сантиметри. Имам отепано над 20 оти ги касаат овците. Кога се испружени, овците минуваат крај нив и ги нагазуваат. Така змијата помислува дека е нападната и ја каса овцата в гуша. Ако навреме ги видам, со инекции ги спасувам. Десетина имам спасено, но исто толку изгинаа.

Дивата свиња – најстрашна

– Не се плашам од змии, ниту од волци. Волците се ретки. Само еден изел три јагниња. Не го видовме. Кога си идевме, јагнињата не сакаа со нас и ги проколнав да ги изеде волкот. Од четири, само едно се врати сабајлето. Останатите ги најдовме изедени. Оттогаш не видовме волк. Неколку петарди пукнаме и бегаа, се плашат. Пострашна од волкот е дивата свиња. Голема, над 200 кила. Од кучиња не бега. И за неа лек е петардата. Кога ја пукнавме, летна да бега.

Loading