СО КАЛЕН ВО СРЦЕТО ВО БОГАТАТА АВСТРАЛИЈА

Живот: Димитрија Трајковски, повратник од печалба

Во Мелбурн сум осамен. Ако издржам некоја година – добро, ако не – се враќам назад на родното огниште

Dimitrija Trajkovski

Кога владее масовно иселување на помлади Македонци, во потрага по подобар живот, се среќаваат луѓе, повратници. Ако е таму подобро, зошто се враќаат? Еден од нив е сограѓанинот Димитрија Трајковски, вратен од Австралија пред 21 година.

-Роден сум во Кален пред 83 години. Живеев 33 години во сиромашното село. Се трудевме, работевме земјоделие, стока, овци, говеда, волови. Одвај преживуваме. Дојдов во Монополот во Прилеп 1956 година кога се градеше новиот дел. Работев три месеца. Во сабота и недела кога си одев в село, татко ми лут ми вика: Избега, ме остави сам, а не можам! Мајка ми беше болежлива. Бев приморан ш да се вратам в село – се навраќа Трајковски на младешките години.

В село се бара работна рака, мажи. А Димитрија ја засакува државната работа. Гледал да ја остави земјата в село. Во 1957 година меѓу Кален и Кокре се отвора рудник за порцелан и тука се вработува. Го советуваат дека рударската работа, не е за млади, но тој нема избор. Кризата не одбира стар или млад. Уште кога од Бирото ја добива потврдата за вработување, со трчање оди да ги израдува своите во селото.

-Убавина. Три ипол години работев со чекан. Немаше машини. Но, се затвори рудникот и се преселив во Груништа, каде испитуваа дали има железо за скопската Железарница. Дупчевме карпи . Најденото го собиравме во сандаци. Заврши и тоа. Преминав во Жичарницата од фабриката Партизан крај селото Кален до Манастир. Станав машинист 12 години – раскажува Трајкоски кога не одбирал работа, туку сé прифаќал.

В село живее до 1969 година. Раздлебата била со голема причина. Го натерала маката. Без пат, од селото долго се пешачело до градот. Му се разболуваат двете ќерки од сипаници. Ги качил на коњ и преку планина ги донесол на доктор во Прилеп. Докторот ги задржал децата, а тој сам се вратил в село.

Kalen

-Како да ми избега духот од селото. Се чувствував мачно. На татко ми му реков дека се ближи денот кога ќе го оставам. Во селото мораш да имаш волови, да ораш, сееш. Работевме како робови, но се прехранувавме и бевме многу здрави со здрава храна, здрава вода… Беше убаво, но одвоени од градот до кој доаѓавме пешки или со добиток. Некаде ќе се качеме на добитокот, некаде ќе одиме. Повеќе одевме – ги кажува маките, Димитрија.

Му зачестила идејата за заминување. Ја подгревал учителот Цане од Гуѓаково, со кој бил како брат. Учителот преку шурата заминал во Австралија. По две години го повлекува таму и другарот. Димитрија мислел дека ако за учен човек е убаво, за човек од село со осмо одделение е петпати поубаво. Заминува во 1971 година.

 -Во туѓина, во огромниот Мелбурн се чувствував како во непознат и необичен крај. Јазик не знаев. Среќавам луќе и ме поздравуваат: ,,гуд морнинг,,, ,,гудивнинг,,… Ќе ме прашаат нешто, јас не знам. Сам. Првата работа ми беше со Австралијанец по 12 часа, со кој се менувавме. Тој зборува, а јас ништо не знам. Научив само: Но шпик инглиш. Мачно: 12 часа да не зборниш ич. Само со машината зборувавме -кажува за печалбарските почетоци.

Работата бара знаење на јазикот. Се запишал во вечерно училиште да го совлада англискиот за три месеци. Тогаш, се отвораа ТВ на македонски. Научува јазик колку да купи карта, да пазари по продавници. Натаму е  полесно. Се сместив во стан и се борев некако. Сам. Ги совладува работите, напредува, печали, но душата му страда.

-На учителот Цане му велам: Овој живот не го бендисувам. Има пари, има сé, ама нема задоволство да се ужива како човек. На млади години да седнеш со друштво, да разговараш. Ме изеде осаменоста. Ако издржам некоја гоина – добро, ако не – се враќам назад. Ми вели: На сите им е тежок почетокот. Посе е сé навика – бил дијалогот на двајцата печалбари.

Му се причинува дека се навикнува, отпорен е. На крајот од 1973 година ,,летнува,, назад во Прилеп со виза од 12 месеци за да се врати во Австралија. Во почетокот на 1974 година тука се вработува во некој магацин и на Факултетот. Задоволството од родниот крај траело додека не ја почувствувал разликата во платите. Во Прилеп добивал месечна плата  колку што заработувал за неколку дена на најдалечниот континент.

-На жена ми í реков да заминиме, а децата да останат. Во Мелбурн седевме 10 години и пак си дојдовме. Но да останеме немаше шанси. Велеа дека иди криза. Се губеше работата во Билјана, Црн бор… Така продолживме во Австралија. Лошо-арно, да се издржи до пензија – паднала конечната одлука.

До 1998 година кога сакале да ја продадат куќата. Стара, ама добила на вредност. Ссе изградиле игралишта за голф, паркови, хиподром… Добиле прималива понуда и нема чекање. Шансата за враќање. Спечалиле да го исполнат сонот, остатокот од животот да го минат дома.

 – Двајцата зедовме пензии и заминавме да поживееме во нашиот крај. Зедовме доста пари од куќата и назад со песна, за раце фатени – ги кажува најсреќните мигови.

Зарем Мелбурн да се напушти? Градот што беше избран за најсреќен во светот. Рангиран највисоко според храната и пијалоцитње, културата, општествената заедница, соседството, среќата, степенот на погодности за живот и достапноста.

-Во Австралија многу луѓе не сакаат да ја спомнат Македонија. Како можат да го чуручат својот крај. Убав е. Работат по 12 саати. Вљубени се во парите. Заробенеци на парите. Научени се да не ги гледаат убавините на животот, да излезат со друштво, да се веселат, да се радуваат… Таму тоа е непознато, а во Светото писмо пишува – ,,да не е срцето ваше, каде што е богатството ваше,,! – го дели мислењето Трајковски.

Не може без Македонија, Прилеп, најмногу без Кален, родното село. Уште вториот или третиот ден кога се вратил, отишол таму. 

-Кален ми е душата. Се враќам на тие минати 33 години таму. Сега е пусто, само две семејства, сé е урнато. И нашата куќа. Трева низ нивите. Често шетам каде што сме трчале, каде сме плачеле. Богатата Австралија не ја засакав, а родниот Кален никогаш не престанав да го сакам. Татко ми велеше: Синко, на камен да си роден, тоа ќе ти биде куќа – заврши Трајковски.     

Melburn     

Голем верник

Димитрија е голем верник. Многу чита духовни книги. Откога стапнал на австралискиот континент, член е на Адвентистичката црква. Сега редовно ја посетува во Прилеп. Има толкувања за постот.

-Постот е правење добри дела. На земјава сме сите како браќа. Ако видеш гладен, нахрани го, ако видеш необлечен, облечи го. Тоа е пост – вели тој.

Loading