ЛАВРИ ЗА СПОРТСКИОТ РАБОТНИК ГЕШОСКИ

Познати третоноемвриските добитници

Спортскиот работник Ѓорѓи Гешоски е добитник на наградата за животно дело 3. Ноември, што ја доделува Општината за денот на ослободувањето на Прилеп. Наградата е круна на достигнувањата и афирмацијата на атлетиката и развој на спортот. Комисијата додели и 5 плакети и 9 дипломи.

Наградите ќе се доделат на свечената седница на Советот на општината в недела, 3. ноември во 19 часот во големата сала на ЦК ,,Марко Цепенков,,.

Третоноемвриски плакети ќе ги красат витрините на компанијата Бимфуд за афирмација на стопанството во земјата и регионот, Изофас од областа на градежништвото и градежното инженерство, театарот ,,Чин 4 Сцена 5,, за придонес во развојот на театарската уметност, Клубот на литературни творци за достигнувања во литературното творештво и џудо клубот Пролетер за достигнувања од областа на спортот.

Со Третоноемвриски дипломи ќе се закитат Злате Шуплиноски за достигнувањата во медицината, Гордана Цветаноска во новинарството, Сашо Јандрески како млад и надежен иноватор од областа на медицината, Озган Сулејманоски за достигнувања во музиката, Драгослав Миноски во образованието, Билјана Јуруковски за достигнувања во уметничката фотографија и афирмација на Прилеп, Борјан Јованоски за афирмација на спортот и Филип Димкоски за афирмација на македонскиот јазик и образованието. Постхумно, диплома за достигнувања и афирмација на блуз музиката во земјата и регионот, му се доделува на Александар Дворчанец – Сале.

До Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија пристигнале 30 апликации, а сите награди биле доделени едногласно.

Loading