ЈАЗИЧЕН НЕВКУС

ivce1Многу емисии од областа на кулинарството. На сите телевизии. Манџи, рецепти, специјалитети. Што ли не! Можеби најмногу јазични ,,специјалитети,,. Што ли не сме слушнале? Во една таква емисија водителката и гостите со своите рецепти. Водителката весела, радосна, разиграна, чиниш ќе излета.  И во првата реченица: ,,Ние тука во кујна имаме сé,,. Прво, па погрешно. Првата грешка е со прилогот ,,тука,,.  Редовна грешка на сите скопски телевизии. За жал, се пренесуваат и на локалните. Прилогот ,,тука,, има (може да има) двојна функција – просторноопределувачка и општоопределувачка. Ако речеме дека сите пратеници се тука, констатираме дека сите се присутни. Не се определува просторот каде се. Ако му речеме на соговорникот кој е малку поодалечен од нас: ,,Внимавај, тука има камен на кој може да се спрепнеш,,, тогаш зборот (прилог) ,,тука,, има просторноопределувачка функција. Му се објаснува на соговорникот каде е каменот. Но, ако е каменот до нас, во наша близина, ќе речеме ,,овде,, а не ,,тука,,. Ако е оддалечен повеќе ќе речеме ,,таму,,. Во скопскиот говор не се прави разлика меѓу овие прилози. Еве и водителката се наоѓа во кујната и наместо да рече ,,овде,, во кујнава, таа вели ,,тука,,. Прави уште една грешка. Вели – ,,Тука во кујна имаме сé,,. Именката ,,кујна,, мора да биде членувана, таа е определена именка, точно се знае за која кујна станува збор. Значи, наместо – ,,Тука во кујна имаме сé,,, реченицата треба да гласи ,,Овде во кујнава имаме сé,,. Уште еднаш за прилозите: овде кај мене, тука кај тебе, и таму кај него. За жал, и на Радио Скопје со години има емисија со наслов – ,,Тука околу нас,,. Ако е околу нас ќе биде овде, а не тука, но ете, не се мисли на тоа. Сме разговарале (телефонски) и со една од лекторките во Радио Скопје, но ништо. Таа, некако го премолче тоа.

Во кујната има присутни двајца гости (господин и госпоѓа). Водителката објаснува што донесле тие за да го приготват својот специјалитет. Вели да го подготват, а треба да го приготват. Храна не се подготвува, туку се приготвува. И одиме понатаму. Објаснува веселата водителка дека гостите донесле јаболки, кобасици, нарезак. Гостинката објаснува дека е радосна за можноста да присуствува и да ги презентира своите кулинарски вештини. Вели дека ги пратела претходните емисии и дека многу и се допаднале. Еве, уште не можеме да сфатиме дека глаголот ,,прати,, го нема во нашиот јазик, односно тој кај нас има сосема поинакво значење: ,,прати писмо,,, ,,прати поздрав,, и така натаму. Во конкретниов случај гостинката треба да каже дека ги следела претходните емисии, а не дека ги пратела. На гостинката и може да í се прости, но не и на водителката. Таа вели – ,,јаболки,,. Погрешно. Еднинската форма е ,,јаболко,, а множинската ,,јаболка,, а не ,,јаболки,,. Кажа дека имало и ,,кобасици,,. Заборава дека се обраќа пред широка публика и дека постои литературен јазик. Во тој јазик (и не само во литературниот) тие месни производи се викаат ,,колбас,, а не ,,кобасици,,. Имало во кујната и ,,нарезак,,. За овој вид месен производ не сме сигурни дали се има изградено точен термин, но ,,нарезак,, никако. Можеби би можело ,,нарезок,,. Велиме, не сме сигурни дали се има изградено точен термин или  уште се лута како со ,,вешалици,,, ,,уштипци,, и слично.

За крај! Се користел во кујната и нож. Водителката вели: ,,Рачката треба да биде во рака,,. Погрешно. Теба  – ,,Рачката треба да биде в рака или во раката,,.

Ете така. Многу емисии од областа на кулинарството, многу јадења, многу рецепти, многу специјалитети. Многу вкусни јадења и голем јазичен невкус. Да му се збурбати на човека.

Loading