ВРАЌАЊЕ НА СТАРИТЕ РАСИ НА ОВЦИ

ЕУ поддржува

thumbnail

Тим на Ветеринарниот факултет од Битола во соработка со три научни институции од Грција, Аристотел Универзитетот од Солун, Научниот институт за анимални науки ДЕМЕТЕР и Геотехничката комора на Грција, интензивно работи на проект финансиран од европските фондови, за зачувување на автохтоните популации на пелагониските раси овци во пограничниот регион. Проектот ќе трае две години. Целта е зачувување, заштита и развој на постоечките популации на автохтони раси на овци во пелагонискиот регион, со приоритет кон подобрување на менаџментот на одгледувањето, а со тоа и на производствените и репродуктивните карактеристики. За реализација на проектот ќе се набави опрема за континуиран мониторинг на подолг период на квалитетот и производствените капацитети на автохтоните раси. Зашто голем е бенефитот од одгледувањето на автохтоните раси. Со користење на сопствените ресурси и дополнителна опрема, Ветеринарниот факултет како регионална и релевантна институција, ќе влијае на подобрување на сточарството, а со тоа и зачувување на автохтоните раси, со посебен акцент на Праменката.

thumbnail 1

Македонија има долга традиција во одгледувањето на овци, која е поддржана со поволните природни услови и чистите еколошки зони. Тенденциите за подобрување на сточниот фонд, а со тоа и овчарството во пелагонискиот регион се овозможени со отворањето и активностите на Ветеринарниот факултет во Битола. Кадровската и техничката опременост на факултетот, овозможува мониторинг и евалуација на состојбата на популацијата на овци во Пелагонија. Со стручната и техничка опременост и во соработка со локалните ветеринарни асоцијации, придонесуваат во зачувувањето на здравјето на овците, преку преземање на мерки за превентива и сузбивање на болестите, значајни како за овците, така и за човекот. Ветеринарниот факултет остварува директна соработка со одгледувачите на овци преку континуирана едукација на подобрување на менаџирањето на фармите со цел подобрување на репродуктивните и производствените капацитети на фармите и зачувување на автохтоните раси.

Во последните години заради задоволување на зголемената побарувачка на производите од овци (месо и млечни производи) доведе до внесување на раси на овци со подобри продуктивни капацитети. Овој процес доведе до мешање и загрозување на автохтоните раси кои се со помал производствен капацитет. Автохтоните раси се со помали производствени карактеристики, но за сметка на тоа се одликуваат со подобри биолошки својства кои овозможуваат лесна адаптибилност и поголема издржливост. Автохтоните раси овци претставуваат важен елемент за регионален агро-биолошки диверзитет, традиција и културно наследство во пелагонискиот регион. Сознанијата дека автохтоните раси се лесно прилагодливи на локалната средина и стекнале висока генетска отпорност во еволутивниот развој на расата и типовите на раси, се важни за развој на современи и одржливи методи за рационално користење на автохтоните раси. Праменка е примитвна раса овци која опстојува во многу скромни услови на нега и исхрана. Таа е нископродуктивна со тројно производство за месо, млеко и волна, отпорна и добро прилагодлива на условите на одгледување. Карактеристично е тоа што меѓу соевите, има големи варијаци во морфолошките особини (големина, висина, боја на волна, должина на опашка) и во производните (квалитет и принос на волна, млечност и производство на месо).

thumbnail 2

Проектот предвидува избор на фарми со автохтони раси на овци со идентификација и регистрација на одгледувалиштето. Потоа, спроведување на анкета за менаџментот на одгледувалиштето.

Следни фази на проектот за зачувување на автохтоните раси на овци се утврдување на параметри кои го одредуваат хемискиот состав и микробиолошката исправност на млекото. Потоа, утврдување на параметри и одредување на квалитетот на месото. Еден дел од проектот е утврдување на репродуктивните карактеристики, па анализа на основните биохемиски и метаболички параметри. Предвидени се едукации на фармерите и анализи на пазарот за интересот и побарувачката за овчко млеко и производи од овчко млеко.

thumbnail 4

Loading