НИТУ СЕ МАГИЧНИ, НИТИ ПАК ИМААТ ВОДА

ПРИЛЕП И ФОНТАНИТЕ

CIMG2845

Постои една фонтана за која знаат барем половина луѓе во светот, тоа се величествените Магични фонтани кои претставуваат една од главните атракции на Барселона. Изградени се во 1929 година, со спектакуларно водено, светлосно и музичко шоу. Ги дизајнирал Карлес Буихас, уште во 1922 година. Не само тие, има стотици кои се уметнички дела, популарни атракции во многу градови низ светот, пред кои голем број на туристи прават пауза и се фотографираат. Многу се и симболи на градовите, а според некои од нив и градот во кој се наоѓаат станал светски познат.

CIMG2847

За разлика од нив, фонтаните во Прилеп се ,,очај,,. Ниту се магични, ниту пак имаат вода. Полни се со ѓубре. Како оние пред Стопанска банка и фонтаната под спомен обележјето Карпалак. Ругло среде град. По реакција на медиумите, на јавноста, киниса најголемата и некогаш најубавата фонтана. Егзибиции прават водените млазеви. Но, блика вода со делимично светло. Без виножито од бои е и скокачката фонтана на Арт плоштадот пред ЦК ,,Марко Цепенков,,. Во иста или полоша состојба се и фонтаните и езерцата кај ,,Димо Наредникот,,, Могила, Точила, другите паркови и езерцето во населбата Ѓогдере. Некои дури се затрупани со песок. Земја наместо вода! Биле нефункционални и небезбедни, па оттука се преуредија во цветна алеа која ќе претставува украс во населбата ,,Димо Наредникот,,.

CIMG2848

Градоначалникот се правдаше дека на ЈП Водовод и Канализација му било кажано со подобрувањето на временските услови, да се отворат сите фонтани и да бидат украс на градот како и секоја година. Еве дел се подобрени на 30 степени!? Граѓаните велат дека фонтаните некогаш беа вистински декор! Свесни се дека кај уличните фонатани, гејзерите, се јавуваат проблеми во системите за регулирање и вртење на водата, како и системите за естетско осветлување, но тврдат дека недостасува акција, желба, идејност, креативност!

CIMG2849

Настрана ги оставаме партиските дневно политички препукувања на опозицијата која се обидува да поентира врз практикувањето на власта на локално ниво, потсетувајќи постојано дека Прилеп некогаш важеше за еден од најубавите градови во Македонија, со комплетно променет естетски лик, а денес сведочиме за секојдневно пропаѓање. ,,Новата локална самоуправа по којзнае кој пат покажува дека е кадарна само за непотизам, партиски вработувања и мизерен процент реализација на капитални проекти. Граѓаните се свесни дека овој мандат на локално ниво на чело со СДС е едно залудно потрошено време… Парковите во Димо Наредникот, паркот во Ѓогдере се само дел од местата кои важеа за едни од најубавите во Прилеп, а секојдневната негрижа на СДС ги враќа во времето на Пирганоски, кога освен ископини и песок, немаше речиси ниту една уредена парковска површина,,. Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати.

CIMG2850

Граѓаните бараат одговорност за парите кои преку даноците и комуналните такси ги издвојуваат од својот џеб за градот да им биде убав! Голем е револтот кај прилепчани затоа што се уништуваат и не се одржуваат убаво уредените катчиња во градот. Наместо да се градат нови, се забораваат постојните, изградени со народни пари. Да не се претворат во извор на зараза и бактерии?! Да се подобри изгледот на центарот, граѓаните не само да уживаат и одмораат, туку да прерасне во магнет за туристите и посетителите!

CIMG2852

Loading