ПРВА ЕТАПА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛСКАТА ТРКА В НЕДЕЛА

Претседателски избори 2019

Ова се шести избори за претседателски

kandidati

В недела, на 21 април е првиот круг на претседателските избори 2019 година. Ова шести по ред претседателски избори, а право на глас имаат  1.808.131 избирачи, според списокот кој го објави ДИК. Над 66 илјади прилепчани со право на глас в недела од 7 до 19 часот имаат шанса да се изјаснат за еден од тројцата кандидати.

Според ДИК 1. 726 696 граѓани ќе гласаат на денот на изборите, а останатите се наоѓаат на посебен избирачки список и ќе гласаат ден претходно. Болните и изнемоштени лица, внатрешно раселените и лицата кои се наоѓаат во казнено поправните установи гласаат на 20 април, ден пред одржувањето на изборите. На 20 април гласаат и избирачите кои на денот на изборите се на привремена работа или престој во странство.

Прв на гласачкото ливче за кандидатите за претседател е независниот кандидат Блерим Река, чија кандидатура ја поддржаа Алијансата на Албанците и БЕСА, број 2 е Гордана Сиљановска Давкова, чија кандидатура ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ, а под број 3 е Стево Пендаровски, чија кандидатура ја поддржаа СДСМ и коалицијата.

За претседател се избира кандидатот што добил мнозинство гласови од избирачите што гласале доколку гласале повеќе од 40% од избирачите. Доколку нема цензус во првиот круг, повторно ќе се гласа на 5ти мај.

На овие претседателски избори нема да се чека полноќ да се дознаат резултатите и победниците од гласањето. Благодарение на одлуката на ДИК за искористување на можностите што ги нуди модерната технологија, резултатите на претседателските избори ќе се дознаат многу побрзо од времето на другите избори.

Исто така, како што објасни членот на ДИК, Борис Кондарко, со овој новитет ќе се зголеми и транспарентноста, а ќе се намали можноста за евентуална манипулација.

– Практично, прв пат, да се зголеми ефикасноста, транспарентноста, па и брзината на објавувањето на резултатите, ДИК воведува нова постапка, покрај постојните кои се предвидени во законот и кои ќе бидат исто така спроведени и испочитувани, која ќе придонесе за зголемена контрола и споредба, напоменувам на првичните неофицијални резултати, кои според изборниот законик, ДИК како првични резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а подоцна резултатите од записниците од општинските комисии ДИК ќе ги објави 12 часа по завршување на изборите – рече Кондарко.

Претседателите на изборните места електронски ќе пратат до централата на ДИК слика од првиот извештај со резултатите од изборното место. Овие податоци автоматски ќе се објават како неофицијални на веб страницата на ДИК и така ќе се сумираат.

Во вториот круг нема да се прави нова жрепка, а кандидатите кои ќе влезат во вториот круг ќе го задржат редниот број од првиот круг.

Прогонозите се дека одлучувачката битка ќе се води во вториот круг, на 5 мај, кога и ќе се знае конечно кој ќе биде идниот претседател на Република Северна Македонија. Мандатот на сегашниот претседател Ѓорѓи Иванов истекува на 12 мај.

Loading