СТАТИСТИКА И ИСКИНАТИ ПАНТАЛОНИ ЗА ПОБЕДА

So najnoviot dres na PobedaЖивот: Блаже Чавлески, фудбалски навивач од глава до петици

Со скршена нога на стадион

Со изборот на најдобар спортист или фудбалер, имаше предлог да се избере и најзагреан навивач на Победа на сите времиња. Тоа не е можно, оти има премногу, дури и од генерациите повозрасни од 50 години. Уште срцето им чука за Победа. Таков, несомнено, е Блаже Чавлески, вработен во Пиварницата, варошанец со познати семејни корени од пред четири ипол века. Еве ја неговата приказна за фудбалската страст.

-Немав ниту десет години кога почнав да одам на фудбал со Перо Кокаро. Одевме и во Битола, Кавадарци и други градови. Играв за младите на ЗИК Прилеп, а подоцна и за Варош. Но, скршив нога, тешко се повредив, и завршив софудбалската кариера – кажува Чавлески за седумдесеттите години .

Играчкиот пат прерано го завршува, но фудбалот не го остава. Сезона ипол е судија во Општинска лига, а потоа само навивач. Ја засакува Победа и не може без неа. Првенствени, пријателски, куп-натпревари… На трибините секогаш е резервирано едно место за него. Како и сите деца во тоа време, пред вратите постојано чека да го подземе некој од постарите.

-Немавме пари за карта. Гледав да ме пуштат со некој чичко. Бев повисок од врсниците и потклекнував во турканицата да изгледам понизок. Ако не ме пуштеа, влегувавме со другарите преку ѕид – се сеќава на маките пред стадионот страстниот навивач.

ZidotКачувањето преку ѕид е прилепски изум. Во помалите градови каде што има мали оградни ѕидови околу стадионите, навивачите влегувале низ врата, оти не се наплаќале карти. Во поголем град, како Скопје, мора секој да плати карта и не ни помислува на ѕидовите оти се премногу високи. Така, Прилеп е најпознат по илегалното влегување преку ѕид. И најголемиот ,,мешетар,, Велибор Џаровски – Џаро не можел да излезе на крај со прилепчаните кога влегувале преку ѕид. Блаже и другарите се качувале од кај новата болница или пак од кај улицата ,,Мирче Ацев,, од кај куќите. Се поткачувале на мало скаличе. Малку редари биле и правеле тактика. Од едната страна ако некој влегува, таму го бркаат, а за тоа време од другата страна користат. Ѕидот е како од некој злогласен логор.

-Редарите носеа прачки за мавање. На ѕидот имаше писа, жици и телови со боцки, стакло. Не беше лесно, ама беше огромна желбата да се гледа Победа. Многу рала пантолони искинав по ѕидовите и теловите. Крвави ми беа рацете и колената од пентерењето. Ќе ме истепаа дома на 15-16 години. Не памтам  кој натпревар беше. За Благовец ми купија нови пантолони, кафеави, многу убави. По именденот беше натпреварот. Низ врата не можев да влезам и пробав преку ѕид. Качувајќи се, ги скинав пантолоните. Како ќе си одам дома? Чекав да се стемни да си појдам. Тие ми беа и за Благовец и за Велигден. Мајка ми кога ги виде, ми се развика – потсетува Чавлески на незаборавниот настан.

Кршењето на ногата е врзано за прочуениот дерби-натпреар Победа – Беласица, на 17 јуни 1979 година. Кој победува, влегува во Втората југословенска лига. Во домашната екипа: Т. Тодороски, Ѓорески (Атанасоски), Глушески, Мечев, Л. Петрески, Црвески, Р. Ѓорѓиоски, З. Конески (Василески), Сусулески, Настески, во гостинската: Истатов, Митев, Дрвошанов, Секулов… Цел град на стадион, а Блаже Чавле? Долги шест недели ја чувал ногата во гипс. Во петокот му бил изваден гипсот и препораката од докторот била да мирува, оти не можел да гази слободно. Домашните мислеле дека сигурно ќе остане дома тоа неделно попладне. Но…

So Bosko Gjurovski-Цел град на стадион, а јас? И јас одам. Најрано од сите. Извадив карта и прв на стадион се сместив. Дома ме барале. Кога се вратив, мајка ми и татко ми ми се развикаа. Не играв, туку гледав, им велам. Наредниот петок требаше да одам на контрола кај докторот Видое. Мајка ми му кажа, а тој: Како бре на фудбал со ваква нога? Ќе те турнат, ќе те осакатат! Не можам докторе да не ја гледам Победа – се правдал Чавле.

Најмногу се памтат натпреварите со најмногу публика. На 14 септември 2000 година во Скопје се сретнаа Победа и италијанската Парма. Рекордни 25 вагони отпатуваа од Прилеп кон Скопје. Повеќе илјади прилепчани беа меѓу привилегираните да ја видат Победа против тимот во кој настапија Буфон, Милошевиќ, Консеисао, Канаваро, Тирам, Ди Вајо… Беше работен ден, четврток. Некои го оставија работното место, други тутунот.

-Садев тутун, како и многу сограѓани, а септември е и мора да се бере, а морам и на фудбал. Ја оставив жената да бере, а јас заминаве рано за Скопје. Со воз заминав, со чичко ми Славко Куранда. Кога слеговме, маршрута имавме покрај Вардар. Цело Скопје беше на нога. Од зградите на сите прозорци имаше мажи, жени, деца… Сите беа да ја поздрават Победа. Навиваше цела Македонија. Пријатели дојдоа со кола дури од Струмица – ги освежува спомени ,,запалениот,, навивач .

Се разликува од останатите навивачи по статистиката. Од љубов кон фудбалот повеќе од три децении ги бележи најважните детали, резултатите, головите… Нема пропуштено натпревар, најдолго за Победа.

-Редовно купував весници, ,,Спорт,, и ,,Тепмо,,. Прочитав дека некој читател за Звезда водел евиденција за сé и сешто. Тоа ме поттикна. Кога може тој за Звезда, јас за Победа. Од 1987 година наваму имам сé. Одделени се прволигашките сезони во самостојна Македонија. Неодамна, на мечот Шкендија – Победа 5-2, Лука Трајкоски го даде 1000-от прволигашки гол за Победа. Претходно: првиот во 1992 го постигна Т. Наумоски, 100-от Бојчевски, 200-от Оливеира, 300-от Жилсон, 400-от С. Крстев, 500-от Жилсон, 600-от Вршкоски, 700-от Н. Здравески, 800-от Гешоски, а 900-от Станојловиќ во 2009 година – ги изнесува податоците Блаже.

Со Блаже разговаравме за минатото, подалечното, за светлиот период  на фудбалот и спортот. Денешнава ситуација, кога нема спортски настани во градов?

– Во недела нема фудбал. Гледам и интересни натпревари во Општинската лига. Одам во Мажучиште, Боротино, Обршани. Се собираме два-тројца. Има интересни дуели, особено ако играат соседни села. А некогаш, само во градов беа 12 тима: Победа, 11 Октомври, ЗИК Прилеп, Варош, Тутунски, Зеленик, Пролетер, Црн бор, Мермерен комбинат, Металец, Пелагонија турист, Корзо. Сега, немаме стадион, нема фудбал, а и никаков друг спорт нема – кажува Чавлески.

Победа е во незавидна ситуација. Од поледното прволигашко место се бори за опстанок. Далеку изгледа и баражот. Како на овие моменти гледа човекот кој со гордост го носи најновиот дрес на Победа?

-Фудбалерите не се виновни. Даваат сé од себе. Подвиг се и освоените бодови кога играат само надвор. Значајна е поддршката од 5-10 илјади домашна публика. До последниот миг се надевам на опстанок – порачува Блаже Чавлески.

Полн со весници и книги

-Првата плата во Пиварницата во 1982 година ми беше 750 илјади динари. Двесте илјади дадов за книга од Загреб ,,Златна книга ногомета,,. Дома ќе ме истепаа. Имав и многу книги: од Бобек, Џаиќ, Шекуларац, Пеле… Планирам да ја купам новата од Зоран Михајлов. Купував редовно и весници, ,,Спорт,, и ,,Темпо,,.

Сликан со Ѓуровски

– Да го гледам Динамо, на мое барање војска бев во Загреб во 1983. Беше шампион на Југославија. Се изнагледав фудбал. Со мене служеше Јанковиќ од Звезда. Во посета му дојдоа од клубот, меѓу нив Бошко Ѓуровски. Имам слика со него за спомен – се сеќава Чавлески

Податоци за Варош и Вележ

-Имам и евиденција за Варош. Ги бележев резултатите до Втората лига, најголемиот успех. Најмногу публика, близу 3000 гледачи, се собрала со Дојранско Езеро, во 1993 година, од првото пролетно коло на Регионот. Пишував и за Вележ, клуб за кого навивав. Во 1974 година имаше прекрасна генерација Мариќ, Баевиќ, Владиќ… Се бореше за шампион на Југославија и беше веднаш под Хајдук. И сега имам информации. Отпаднаа од Прва лига на Босна. Жално за клуб со таква традиција.

Карти, постери и албуми,

Многу клубови немаат зачувано материјали, колку што има Чавлески. Располага со многу влезници од Победа, Варош, репрезентацијата на Македонија, Тутунски комбинат. Врамил и постери меѓу кои и од Вележ, од репрезентацијата на некогашна Југославија. Зачувал и албуми со сликички од европските и светските фудбалски првенства. Со овие материјали може да направи интересна изложба за љубителите на спортот во Прилеп.

Loading